Кој треба да го води Специјалното јавно обвинителство и кој и кога, дали власта или опозицијата, треба да го предлагаат државниот јавен обвинител. Овие две прашања, двете поврзани со обвинители, остануваат најголеми несогласувања меѓу власта и опозицијата. Решение не се најде ниту на два и пол часовната вечерна средба во Владата на премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Слаѓана Тасева, професорка по кривично право и претседателка на Транспаренси интернешнл, вели дека партиските лидери и воопшто не треба да разговараат на тема кој ќе ги назначува обвинителите. Треба да се разговара за нивни избор врз основа на компетенции, знаење и доверба, а не на политички желби, смета Тасева.
“Не можеме да се отргнеме од впечатокот дека тоа им е важно на партиите заради можноста да се влијае на таа позиција, на работењето на тие институции или на тие функции конкретно”, вели Тасева.
Со преговарањето за тоа што треба да биде сведено исклучиво на професионалност и строго придржување до законите се создава перцепција во јавноста дека се прават обиди за политички влијанија, смета и аналитичарот Џељаљ Незири.
“На обвинителството се гледа како на алатка за заштита од правдата, ако сте на власт, или спротивно за користење како алатка за прогон на политичките опоненти”, вели Незири.
Јавен обвинител по предлог на опозицијата, пак, беше и предизборно ветување на СДСМ. Во програмата План за живот во Македонија со која настапија на парламентарните избори во 2016 година, наведуваат “две години по преземањето на власта ќе создадеме правен основ јавниот обвинител на Република Македонија да се избира по предлог на опозицијата”.
Сега премиерот Заев го споменува тоа ветување, но вели дека се надева оти ќе има „достоинствена и конструктивна“ опозиција за да биде овластен предлагач на јавниот обвинител. Ваква опозиција, рече Заев, којашто не носела свои ставови за својата земја, а требала, не можела да биде предлагач на јавниот обвинител.
“Ставањето на премиерот на позиција на оценувач на опозицијата за тоа дали таа е кадарна да предложи кандидат за обвинител, мислам дека не доликува на сериозноста на состојбата ”, вели Незири.
Покрај државниот јавен обвинител, Заев и Мицкоски не се согласија и за СЈО. Премиерот смета дека Катица Јанева и нејзиниот тим треба да останат, оти со новиот закон нејзиниот мандат ќе биде продолжен само за половина година, а очекува законот да биде донесен консензуално. Мицкоски, пак, рече дека тие поддржуваат продолжување на работата на СЈО, но не и на специјалната обвинителка Јанева и нејзиниот тим. Двајцата сега ја префрлија дискусијата во работните групи, а најавите се дека законот треба да се донесе до крајот на месецов, оти Собранието потоа нема да работи поради априлските претседателски избори.