Достапни линкови

СЈО на лидерска средба се роди, на лидерска ќе му се пресуди


Обвинителите на СЈО.
Обвинителите на СЈО.

За законот за СЈО е потребно двотретинско мнозинство, кое засега не е обезбедено. На барање на ВМРО-ДПМНЕ ќе има лидерска средба. Прашањето мора да се решава на лидерска поради комплексните односи меѓу партиите, но и затоа што СЈО им е „голема болка“ на политичарите, велат познавачите.

СЈО се изроди од лидерските средби во Пржино на кои се бараше решение на политичката криза по објавувањето на прислушуваните материјали, а на лидерска ќе се разговара и за судбината на ова Обвинителство. Власта го поддржува законот, а опозицијата бара правдата да не биде селективна. Експертите пак, велат дека во ваква политичка поставеност, неопходна била лидерска средба за да падне договор.

Од работата на Специјалното јавно обвинителство политичарите се директно засегнати, па претпоставувам дека се обидуваат да го избегнат или да го заобиколат на некој начин, вели Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки.

„Имаше начин досега институционално да се реши прашањето за СЈО, меѓутоа имајќи ги во предвид комплексните односи меѓу политичките партии од власта и од опозицијата, не најдоа за сходно да го решат ова прашање и затоа повторно се доведуваат во ситуација кадешто на лидерска средба треба да решаваат за судбината на СЈО“, вели Гаџовски.

Премиерот Зоран Заев очекува законот за СЈО да биде донесен со консензус. Заев изјави дека го прифатил барањето на ВМРО-ДПМНЕ за лидерска средба.

Од коалициониот партнер во владата ДУИ се изјаснија дека даваат безрезервна поддршка на законот за СЈО.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се за правна држава, но не се за селективна правда и за да не падне сиот товар на пратениците, бараат за новото законско решение да се разговара на лидерска средба.

Обвинителката на СЈО Катица Јанева рече дека се сретнала со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и дека побарала опозициската партија да даде поддршка за новиот закон за СЈО.

БЕСА ги поддржува законските измени, но и тие бараат правдата да не биде селективна, односно да не се амнестираат од одговорност поранешните функционери на ДУИ.

Независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ќе се изјаснеле за законот кога тој ќе стаса во Собрание. Меѓу пратениците во оваа група е и поранешната министерска за култура Елизабета Канческа - Милевска, која е обвинета од СЈО.

Ако партиите постигнат согласност, предлог-законот ќе биде ставен на дневен ред во собранието. Европската унија бара законот да биде прифатен со консензус и да биде изгласан со двотретинско мнозинство. Министерката за правда Рената Дескоска рече дека немаат обезбедено мнозинство.

Професор Башким Селмани вели дека би било добро политичарите да се договорат за СЈО, за да може Обвинителството да си ја заврши работа и да се процесуираат предметите.

„Партиите и од власта и од опозицијата се заинтересирани да имаат дел од тие предмети под контрола. Претпоставувам дека над 85 отсто од тие предмети се сторени од функционери, директори или од самите политичари, затоа бараат чаре како да им одговара и на нив и на самата јавност“, вели Селмани.

Со измените на законот се предвидува СЈО да продолжи да гони функционери за висока корупција, но не ќе може да ги користи прислушуваните материјали како докази за предмети за кои не е покренато обвинение до 30 јуни 2017 година. Мандатот на шефот на СЈО и на обвинителите ќе биде идентичен како и во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Новиот шеф на Катица Јанева ќе биде државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, со што тој ќе може да одлучува во одредени ситуации дали за некој предмет ќе биде надлежно СЈО или Јавното обвинителство за организиран криминал.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG