Достапни линкови

Димитров - Визионер или политички камелеон


Министерот за надвореши работи Никола Димитров на седница во Собрание.
Министерот за надвореши работи Никола Димитров на седница во Собрание.

Интерпелацијата за министерот Никола Димитров не помина во Собранието. Целодневната собраниска дебата беше посветена на можните придобивки или штетите од Договорот од Преспа, како и за лични дискредитации меѓу пратениците.

Со 59 гласа „против“ и 20 гласа „за“ не помина интерпелацијата на министерот за надворешни работи Никола Димитров. Во полупразна собраниска сала вечерва пратениците дебатираа дали треба Димитров да ја напушти функцијата по барање на опозицијата. На барањето за интерпелација поднесено од ВМРО-ДПМЕ беа потпишани 24 пратеници, но доцна во ноќта за интерпелацијата „за“ гласаа 20 пратеници.

Дебатата помина во име на Преспанскиот договор, дали носи придобивки или пак е на штета на државата, како што тврди опозицијата.

Лични дискредитации, семејни врски и ситуации, довикувања, пофалби и кудења, како и политички обвинувања за квази патриотизам и предавство на државата беа исто така дел од денешната собраниска седница на која пратениците дебатираа за интерпелацијата на министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Тема беше и договорот за добрососедство со Бугарија. Пратениците од ВМРО ДПМНЕ кои ја поднесоа интерпелацијата од собраниската говорница тврдеа дека Димитров го навредил македонскиот народ со изјавата дека тоа е искомплексирана нација и дека тој е како што велат, неспособен за функцијата што ја застапува затоа што работи спротивно на државните интереси. Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, од собраниската говорница го нарече Димитров „политички камелеон“.

„Првично, Димитров пред 12 години тврдеше дека уставното име не треба да се менува, потоа беше за двојна формула. Кога беше со Груевски, ја следеше неговата реторика, а кога дојде Заев, го свитка грбот и го промени името. Му беше важна удобната амбасадорска фотелја во Вашингтон, потоа стана советник на Груевски и не даде оставка. Потоа замина во Хаг и истите тие искомплексирани даночни обврзници од својот џеб издвоија 600.000 долари за неговото амбасадорување. Кога тој е на позиција, нема комплекси“, рече Милошоски.

На ваквото обвинување Димитров одговори со читање на наслови од медиуми од 2008-ма година.

„Наслов „Димитров против Груевски“, „Торпедо во манипулациите со името,“ амбасадорот Димитров побара секој да го понесе својот дел од одговорноста, премиерот Груевски побара да го елиминира Димитров од преговорите. Ова е од пред 10 години“, посочи Димитров.

Тој додаде дека навредата што му ја припишува ВМРО-ДПМНЕ и за која е повикан на одговорност во Собранието е извадена од контекст, затоа што тој тогаш сакал да се огради од проектот на ВМРО-ДПМНЕ за антиквизацијата.

„Неколку пати ја повторивте лагата. Јас си го штитам народот македонски од лагата дека првпат градите македонски идентитет од 2010 година. Тогаш реков: „Мислам како на различни планети да живееме“. Вие во 2010 година рековте дека за првпат го градиме македонскиот идентитет. По таа логика вие и набивате комплекс на нацијата. Јас реагирам во одбрана на македонскиот народ оти тој знае кој е. Време е да пораснеме. Јас го штитам македонскиот народ од планетата и светот во кој вие уште живеете. Може да викате „ѕидот е црн, ѕидот е црн, но тој ќе си остане бел“, изјави од говорницата Димитров.

Говорот на Милошевски пратениците од СДСМ го опишаат како „Од Пржино до Преспа - лет во место.“ Тие коментираа дека министерот Димитров успеал да ја пресели македонската дипломатија од тротоарот на Вашингтон во Белата Куќа. По ваквите пофалби за дипломатските вештини на Димитров, Милошоски изјави дека наголемите пофалби за него ги слушнал токму од поранешниот премиер Никола Груевски.

„Не ми зборувајте за вашите односи со Груевски, во 2008- ма година кога претседателот на државата Бранко Црвенковски ве разреши од специјален претставник во преговорите за името, првата адреса на која се упативте беше Никола Груевски. Му рековте „земи ме за специјален советник“, многу добро ги знам вашите односи со Груевски. Зошто сакавте да му служите на премиер кој не го почитувате? Тоа значи дека вашата кариера била поважна од тоа кој ви понудил кариера“, истакна Милошоски.

Димитров на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ им порача дека треба да научат да служат на цел, на кауза или идеја, а не на личност. Тој истакна дека откако е во дипломатската служба работи за каузата за Македонија и дека поради лошата политика на земјава не можело да се искористи пресудата на Меѓународниот суд за правда во врска со Времената спогодба.

Пратеникот Трајко Вељаноски го опиша Димитров како првиот функционер во историјата кој имал две интерпелации, едната како македонски министер за надворешни работи, а втората како северномакедонски министер за надворешни работи. Вељаноски додаде дека Димитров ставал акцент на оние кои гласале позитивно на референдумот од 30 септември минатата година, но ниту еднаш не ги зел предвид оние кои не се изјасниле.

„Референдумот не може да го толкувате како што сакате. Ако на претседателските избори излезат 39 отсто од гласачите и 99 отсто од нив својот глас го дадат „за“ Димитров како претседателски кандидат, тој нема да дојде и да даде заклетва во Собранието, туку ќе има нови избори“, рече Вељаноски од собраниската говорница.

Вељаноски изјави дека ќе дојде време кога ќе се покаже дека оставката која ја поднел по неуспешниот референдум не е лажна вест, туку дека некој го разубедувал да ја повлече.

Потпреседателката на Собранието од редовите на СДСМ, Фросина Ташевска - Ременски, изјави дека расправата за интерпелацијата е добра можност да се согледа „дали сме излегле од рововите на квазипатриотизмот и дали сме ги согледале перспективите на Република Македонија“, истакнувајќи дека Димитров е визионер кој има голема улога во градењето на кредибилитетот на македонската меѓународна политика во сферата на меѓународните односи и секако во однос на евроатлантските перспективи на земјата и нејзиниот имиџ.

Морална, професионална и политичка одговорност побара опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ со поднесената интерпелација за шефот на македонската дипломатија. Му забележуваат дека функцијата ја извршува несовесно, нестручно и спротивно на македонските интереси, го обвинуваат за двата договора – со Бугарија и Грција, со кои нагласуваат се загрозуваат македонските интереси, а особено за тоа што опозицијата не била вклучена во овие процеси.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG