Достапни линкови

Повторно следење на јавни личности - измислици или неспособност на власта


Илустрација
Илустрација

Тоа што министерот за внатрешни признава дека одредени структури следат граѓани, ја зголемува несигурноста, но и покажува дека власта не успеала да расчисти со метастазираниот груевизам, вели професор Мирјана Најчевска.

Кога министерот за внатрешни работи ќе признае дека постојат структури кои неовластено следат и снимаат граѓани, тоа предизвикува несигурност кај граѓаните, но и покажува дека институциите не си ја вршат работата, вели професор Мирјана Најчевска.

Одговарајќи на вчерашната седница за пратенички прашања, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека одредени структури, кои не се дел од МВР, ги следат активностите на политичкиот противник, но следат и луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, и тие информации ги доставуваат до најголемата опозициска партија.

Најчевска вели дека сè додека не сфатиме дека реформирањето не значи менување на законите, туку менување на праксата, вакви изјави лесно ќе поминуваат без да има реални резултати.

„Првиот проблематичен момент е несигурноста што се создава кај граѓаните со една ваква изјава. Ако министерот за внатрешни работи не може да ги среди работите внатре во своето Министерство, како очекуваме дека тој ќе биде добар организатор и добар заштитник на правата на граѓаните со работењето на тоа Министерство? Вториот елемент, којшто е исто толку, ако не и уште пострашен, е тоа дека целиот овој период во изминатите две години оваа нова власт не успеа да го декомпонира оној јадров момент на метастазиран груевизам којшто го има во секоја од институциите, а пред сè во вакви важни институции како што е Министерството за внатрешни работи што е основна институција за прогон на криминалот“, вели Најчевска.

На прашање од пратеничката Нола Исмајлоска - Старова, која се сомнева дека во МВР постојат параполициски структури кои следат јавни личности, Спасовски рече дека тоа не се полициски службеници и оти се преземаат мерки поради кривично дело неовластено снимање, но оти не може да открие детали.

„Тоа се луѓе кои се дел од некаква, претпоставувам, комисија за безбедност. Моите информации, барем од тоа што се гледа во извештаите, говорат дека ги потпишува Оливер Андонов, еднодневниот министер за внатрешни работи, и уште три лица – Никола Николов, Александар С. Ѓорчевски и Александар Ѓорѓиевски, дека таквите извештаи ги доставуваат во архивата на партијата, до претседателот Мицкоски и во електронска форма до групата за проценка“, рече Спасовски.

Андонов вели дека тој е координатор на партиски комисии, а не на некаква непостоечка параполиција.

„Глупости, лаги и измислици. Ако изјавата се темели врз основа на објавување во жолт печат нема што да коментирам. Треба министерот сам себе да се запраша од каде му тие информации и кој му ги пласира, Од кај знам која му е намерата и целта и дали некој не го лаже него и му пласира дезинформации, па го мести човекот“, вели Андонов.

Спасовски рече дека има луѓе во институциите, вклучително и во МВР, кои им пренесуваат информации на ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата, пак, реагира дека ова е измислица на МВР.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG