Достапни линкови

Со Ленд Арт против загадување на Дебарско езеро


Ленд арт на ликовниот уметник Адем Сулејманоски
Ленд арт на ликовниот уметник Адем Сулејманоски

Ликовниот уметник Адем Сулејманоски од Ростуше со уметност се бори против загадувањето на Дебарското езеро. Според него, езерото се полни со многу пластичен смет и тоа треба да се спречи.

Во заштита на водите во Дебарско- реканскиот регион се вклучени и уметници. Со Ленд Арт насловен „Езеро или пластика“ ликовниот уметник Адем Сулејманоски од Ростуше реагира на големото загадување на водите на Дебарското езеро и реката Радика.

Секоја година во првите пролетни месеци просечно се влеваат над 50 илјади пластични шишиња во водите на Дебарското езеро преку водите на реката Радика и другите притоки од регионот.

„Не можам да премолчам пред грдотијата што се случува со сметот во Дебарското езеро кој доаѓа преку реката Радика. Цела нечистотија односно смет, кој доаѓа почнувајќи од делот на Мавровското езеро по целото течение на Радика се влева во водите на Дебарското езеро. Тоа ме поттикна да реализирам еден Ленд Арт, како што ние уметниците го нарекуваме, една голема риба во близина на Мелнички мост. Езерото се полни со многу пластичен смет а тоа треба да се спречи“.

Вели уметникот Сулејманоски и додава дека со уметнички проекти тој и неговите пријатели еколози реагирале и го сопреле обидот текот на реката Радика да го смени својот правец на движење.

„Пред извесно време кога сакавме да го спречиме проектот Луково поле со кој се сакаше да се смени течението на реката Радика, ние направивме како уметници голема џиновска риба, односно костур на риба. Таа активност беше мошне добро примена и заедно со граѓаните, невладините организации се вклучивме во спасот на Радика, со цел да се спречи една катастрофа. Ако дозволевме да се реализира проектот Луково поле, денес немаше да остане ниту едно Р од реката Радика“, посочува Сулејманоски.

Тој истакнува дека за заштита на водите од Дебарско- реканскиот регион подготвува други уметнички проекти во наредниот период. Целта е целосно да се заштитат водите од загадувањето, кое е секојдневно.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG