Достапни линкови

Женска нога не стапнува во одредени делови во Тетово


Жените се плашат и не одат во одредени делови од Тетово, оти ги сметат за небезбедни. Тие ретко за овие случаи пријавуваат во полиција, оти не им веруваат на институциите или се срамат.

Вербално сексуално вознемирување, свиркање, следење, зјапање и слично се причините жените воопшто да не се движат по одредени улици или градски реони во Тетово, покажува истражување на невладиниот сектор за оваа состојба за која ретко јавно се зборува. Жените се плашат и не поминуваат по тие делови на градот, а со тоа самите си создаваат граници на движење низ Тетово. Освен во вечерните часови некои се опасни за нив и преку ден.

„Во принцип голем дел од местата кои се живеалишта, на пример влезови од згради, лифтови и итн. се секогаш опасност за движење на жените и девојките особено во места, мали и тесни улички каде што не се осветлени. Оние места кои беа таргетирани како малку поопасни се делот кај Поштата, населбата Цетинска, потоа кај економското училиште кај уличките и кај спортскиот центар, автобуската станица, Жена Парк, исто така и делот кој што оди до тој подвозникот се смета за едно опасно место за движење. Сите овие места се дополнително опасни навечер“, вели Јана Стојановска од платформата на невладини организации Коалиција Маргини.

Нејзината колешка Ирена Цветковиќ објаснува дека жените оваа проблематика речиси не се ни обидуваат да ја надминат преку институциите на системот.

„Жените ретко пријавуваат ваков тип на насилство во полиција. Напротив тие ги гледаат како линија на поддршка. Некој прв круг во семејството и некој втор круг пријателите. Причините зошто не пријавуваат во полицијата се различни и тоа го истражувавме, од недоверба во институциите до срам дека ќе бидат одново виктимизирани и покажани со прст дека сами го испровоцирале насилството“, вели Цветковиќ.

Таа потенцира дека поради сето ова жените се лишуваат од комфорот на движење и користење на дел од јавните простори. Тие одредени места ги избегнуваат, а тоа го прават превентивно со цел да не се подложат на безбедносна опасност.

„Јавниот простор не претставува движење од една до друга точка, туку е и социјална активност која влијае многу и на квалитетот на живот. Истражувањето покажа дека жените за разлика од мажите помалку го користат јавниот простор токму поради тоа или се чувствуваат небезбедно или имаат различни искуства кои што зборуваат дека јавниот простор не е толку безбеден за жени. По таа смисла истражувавме перцепции за жените додека го користат јавниот простор и како тоа влијае врз нивната мобилност“, рече Цветковиќ.

Истражувањето покажало дека поради таквите напади жените имаат непријатни чувства, лутина бес или страв. Покрај анкетите, прашалниците и фокус групи се спровел и процес на набљудување на ситуациите на споменатите улици и градски населби.

XS
SM
MD
LG