Достапни линкови

Време е за реформите, порачаа во Скопје европарламентарците


Естонскиот европратеник Туне Келам
Естонскиот европратеник Туне Келам

Делегација на Европскиот парламент го оценува напредокот на земјата во европските реформи, како и подготвеноста за можни пристапни преговори. Шефот на делегацијата ги пофали досегашните резултати и порача дека спроведувањето на реформите е најважно за одлуката на Европскиот совет во јуни.

Постигнавте голем напредок во последната година, но сега е време да се посветите на реформите и до јуни да ги одредите приоритетите во однос на нивното спроведување, порача естонскиот европратеник Туне Келам, во име на седумчлената делегација која престојува во работна посета на Скопје. Келам порача дека сега е време надлежните да се фокусираат на евроинтеграциите и дека нема време за губење на политичките разлики.

“Северна Македонија и луѓето заслужија почеток на преговорите за членство. Иако тоа не е членство, јасно е дека вие сте добро подготвени и напредувате за да ги почнете преговорите. Иако не е се уште јасно дали Советот ќе биде едногласен во однос на оваа одлука, ние работиме во таа насока. Ваша задача е да го зајакнете националното единство, да ги подржите реформите, сега не е време само да ги славите успесите кои реално се постигнати, но сега треба да се сконцентрирате и на активности кои се од суштинска важност за вашата земја”, изјави Келам.

Шефот на делегацијата истакна дека претстојните претседателски избори се многу важни и дека е од особено значење тие да бидат спроведени во демократска и фер атмосфера.

“Зборувавме и со владата и опозицијата. Со лидерот на опозицијата зборувавме утрово и тој ,исто така, ја истакна имплементацијата. Добрата вест е што тие се подготвени да продолжат со соработката во парламентот и со дијалогот Жан Моне кој за жал беше прекинат, но не засекогаш. Најважните реформи сега се судските, да се преземе контрола врз корупцијата, да се заузда. Добрата вест е дека владата е свесна за приоритетите. Се разбира нив ги нагласи и ЕУ. Распоредот на реформите може да се реализира, ние само ги укажуваме приоритетите”, изјави Келам.

Слична оценка даде и европскиот пратеник Илхан Кјучук од Бугарија кој како што рече гледа сосема поинаква држава која е фокусирана на европските вредности и стандарди.

“Би сакалe да ги поздравиме добрите резултати на владата и да ги охрабрам да одат напред кон спроведување на потребните реформи. Тие не се само за владата или опозицијата, туку и за граѓанското општество, за македонскиот народ. Да нагласам дека гледаме една многу поинаква Македонија, која е поконцентрирана на европските вредности и евроинтеграцијата. Претстојните претседателски избори ќе бидат клучен момент за понатамошната демократизација на земјата”, изјави Кјучук.

Седумте претставници од Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) предводени од Келам остваруваат средби со политичкото водство, опозицијата и претставниците на граѓанското општество. Европратениците, исто така, ќе посетат проект финансиран од ЕУ, за да видат како европските фондови функционираат во практика.

Делегацијата на Комисијата за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) се состои од Келам од ЕПП, кој е и претседавач, романскиот европратеник Кристиан Преда од ЕПП, Кнут Флекенштајн од Германија, Хуан Фернандо Лопез Агилар кој е шпански европратеник, Бас Белдер и Илхан Кјучук од Бугарија и Томас Мезерикс од Партија на Зелените/ЕФА од Унгарија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG