Достапни линкови

Жбогар: Иднината на земјата е во ваши раце


Жбогар: Успешен референдум за европска иднина на земјата
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:57 0:00

Жбогар: Успешен референдум за европска иднина на земјата

Референдумот го гледам како круцијален момент, бидејќи се работи за иднината на земјата, порачува евромбасадорот Самуел Жбогар, во интервју за нашето радио. Тој додава дека успешниот референдум значи придвижување на земјата напред, а доколу скринингот од ЕУ биде позитивен и отворање на преговори со ЕУ.

Амбасадоре, оваа есен за Македонија ќе биде особено динамична. Наскоро започнува скринингот од страна на ЕУ, а нè очекува и референдумот за Договорот со Грција. Најпрво колку е важно за Македонија овој референдум да успее?

Мислам дека следните недели и месеци ќе бидат круцијални за иднината на земјата. Референдумот го гледам како паричка со две страни. Од една страна имате иднина во евроатлантското семејство. Имате две покани кои ги добивте, покана за НАТО и покана за отворање преговори со ЕУ следната година. Од другата стана на паричката го имате Договорот кој, пак, ги стави темелите на идните односи. Значи ги имате двете страни на паричката, двете работи кои се преплетуваат и кои биле преплетени последните десет години и ќе останат такви во следните години. Лично сакам да видам дека земјата оди напред и отвора преговори со ЕУ и затоа сакам да видам успешен референдум. Морам да кажам дека не сум сам во тоа. Сигурно забележавте дека во минатите месеци како никогаш досега, добивте позитивни пораки и посети од европски лидери. Тие ја следат одблиску ситуацијата, а тоа ја демонстрира желбата на европските лидери да ја видат земјата како оди напред, да видат дека ситуацијата се подобрува и да видат отворање на преговорите следната година. Мислам дека сите чувствуваме дека сега е време и дека нема подобра или подобра алтернатива од таа што се нуди сега.

Што во случај на неуспех на референдумот? Дали тоа би предизвикало последици во однос на забавување на евроатланските интеграции на Македонија?

Иднината е во ваши раце, во рацете на граѓаните. Тие се господари на иднината. Веќе споменав дека имате две покани во вашите раце, вклучувајќи ја таа за отворање преговори следната година, но секако на луѓето е да одлучат што ќе правата со тие покани. Ние ќе ја почитуваме одлуката која ќе ја донесат луѓето, но ова ме потсетува на една интересна изрека за изборниот процес генерално, а тоа е дека луѓето се секогаш во право, бидејќи тие се оние кои ќе мораат да ги живеат последиците од нивните одлуки какви и да се. Само да повторам дека ние ќе ја почитуваме одлуката која треба да ја направат граѓаните и само граѓаните.

Која сила може да го искористи вакумот доколку референдумот не успее? Можно ли е да се зголеми руското влијание во земјава?

Не сакам да шпекулирам за странски сили. Верувам во моќта на луѓето и знам дека мнозинството тука ја гледаат иднината во ЕУ. Сакаат да постои владеење на правото базирано врз демократија, сакаат да видат просперитет, сакаат иднина за нивните деца во земјата. Знам дека вие сте неразделно врзани за Европа и културно и економски и политички вие сте дел од Европа. Само да споменам дека економски околу 80 проценти од трговијата, од извозот, од странските инвеститори и странска помош е поврзано со ЕУ и земјите членки на ЕУ. Значи има силна врска и нема алтернатива. Ако само погледнете каде младите сакаат да студираат, повеќето сакаат да студираат надвор, на европски универзитети. Значи таму младите луѓе ја гледаат иднината, таму луѓето, а и ние ја гледаме иднината на вашата земја. Знаете, живееме во тешки или подобро да кажам предизвикувачки времиња, светот станува место полно со предизвици, во такви ситуации особено за мали нации секогаш е поудобно и посигурно да се биде дел од поголемо семејство. И сигурен сум дека сето тоа луѓето ќе го земат предвид пред да го дадат својот глас.

Владата ја формираше преговарачката структура за скрининг процесот, но сè уште не е јасно дали опозицијата ќе има место во таа структура. Колку е важно и опозицијата да соработува и да биде дел од целиот овој процес?

Мислам дека е најважно за опозицијата да биде дел од процесот. Се сеќавам од времињата кога бев во Словенија, на дел од тие разговори, тоа беше главната состојка, соработката меѓу власта и опозицијата. Заедно сте посилни. Преговорите не се лесен процес, но ако сте обединети, посилни сте во преговарањето, имате повеќе опции на маса во преговарањето, процесот оди помазно, побрзо, мислам дека граѓаните добиваат од државата на таков начин. Мислам дека без сомневање, сите партии во Парламентот ги поддржуваат евроатланските интеграции. Убеден сум дека опозицијата ќе биде дел од овој преговарачки процес. На власта е само да најде начин како тоа ќе го направи. Но на пример, вие веќе имате Национален совет за евроатлански интеграции во Собранието, кое е тело со кое раководи опозицијата. Опозицијата можеби не е импресионирана, но имате и други структури, невладини организации, медиуми итн. Затоа и еврокомесарот Хан кој беше тука последниот пат, се обрати пред тоа тело и таму го најави скрининг процесот. Значи, тоа може да биде почеток, но убеден сум дека најверојатно по референдумот, кога веројатно атмосферата ќе се смири малку, опозицијата и власта ќе најдат начин да соработуваат за иднината на земјата и нејзините граѓани.

Во септември ќе се отвори Поглавјето 23 за правосудството и основните права. Кои други области области ќе бидат во фокусот на скринингот?

Во право сте. Фокусот, приоритетот ќе биде владеењето на правото, демократијата, фундаменталните права. Но, не само тоа. Скринингот ќе ја допре секоја област. Ќе направиме скрининг на сите поглавја, на пример на земјоделието, животната средина, на здравјето, на транспортот, на сите области кои допираат до животот на граѓаните ќе бидат скенирани, Знаете, целиот скрининг процес, не треба да го гледате како процес кој цели кон преговорите за членство. Секако дека крајната цел е важна, приклучувањето кон ЕУ е важно, но процесот е исто така важен. Бидејќи преку тој процес, државата ќе се менува на начин на кој луѓето сакаат да се смени и скрининг процесот е прв чекор во тоа менување. И се надевам и верувам дека со скринингот ќе помогнеме да се забрзаат реформите и измените кои луѓето тука се желни да ги видат.

Што ќе значат позитивните резултати од скринингот за Советот на министри во јуни следната година? И што доколку резултатите не се такви какви што очекува ЕК?

Мислам дека Европскиот совет, земјите членки беа многу јасни, дека очекуваат продолжување и унапредување на реформите. И тоа ќе го оценуваат следната година, дали навистина реформите продолжиле и напреднале. Но, целиот овој процес, не треба да заборавиме, не е поради Брисел. Мислам дека целиот процес е само машина која ја помага транзицијата. Се што прави владата, а ние и помагаме е да се направат промените за луѓето. Значи тоа што е важно е тие да ја видат промената, да ги видат реформите, да препознаат дека работите се менуваат на подобро, дека животот се подобрува, дека политичкото однесување се менува, дека правосудството е рамноправно за сите, тогаш верувам дека и министрите исто така ќе ги препознаат промените и ќе се однесуваат соодветно на тоа следниот јуни.

Дали доколку Македонија добие преодна оценка на скринингот, тоа би значело сигурен датум за отпочнување преговори со ЕУ?

Верувам дека вие веќе имате датум. Мислам дека земјите членки, Советот јасно одлучија или јасно ја поставија патеката за отворање преговори следниот јуни. Така јас ги гледам заклучоците, дека имаме датум кога преговорите треба да почнат ако претходно институциите ги спроведат реформите кои од нив се бараат. Затоа мислам дека сите треба да се фокусираме да ги исполниме тие реформи.

Значи следниот јуни ќе биде многу важен за Македонија?

Се плашам дека целата година ќе биде многу важна. И не очекуваат неколку чекори на тој пат. Секако не очекува претстојниот референдум, потоа другите фази на имплементација на договорот. Треба постојано да го повторуваме значењето на спроведување и унапредување на реформите. Значи паралелно треба да работиме на реформите и ние ќе известуваме за резултатите од нив следната пролет, за да може Европскиот Совет следниот јуни да донесе одлука.

Очекувате ли зголемување на странски инвестиции во периодот на приближување кон ЕУ и НАТО?

Дефинитивно, дефинитивно да. Бидејќи приклучувањето во ЕУ, отворањето на овие процеси во ЕУ и НАТО, им дава дополнително осигурување на странските инвеститори за стабилноста, за сигурноста на околината, им дава гаранции дека ќе има помалку можности за неправилности или за нешто да тргне наопаку и тоа ја зголемува интересот на инвеститорите. Најпосле, да се биде следна земја членка им дава дополнителна мотивација на странските инвеститори да се заинтересираат да дојдат тука. Се сеќавам дека еднаш министерот за финансии Драган Тевдовски ми кажа дека кога патува низ светот на средби со меѓународни финансиски институции, првото прашање кое го добива е како оди пристапувањето кон ЕУ? Тоа покажува дека за тие финансиски институции, за странските инвеститори ова е многу важно прашање и дефинитивно дека ќе видиме повеќе инвестиции тогаш кога формално ќе ги отпочнете преговорите со ЕУ.

Лично, кои се вашите очекувања од референдумот?

Го гледам референдумот како најважен момент, сега е време на одлуки. И се работи за иднината на земјата. Лично, навистина се надевам дека референдумот ќе успее. Ги разбирам емоциите околу ова прашање, се работи за емотивно прашање и го разбирам тоа многу добро. И ние во Словенија имавме едно такво прашање за границата со Хрватска, можеби не беше толку чувствително како вашето, но сепак и многу луѓе викаа зошто мораме да преговараме, тоа е наше море, како и тука што луѓето викаат зошто треба да преговараме? Но, се додека нешто е спорно, мора да се постигне решение и не верувам дека во иднина ќе има подобро решение од она што го имате сега. Моменталното решение е поврзано со евроатланската иднина, а таа е најдобрата гаранција за идентитетот, за јазикот за просперитетот и стабилноста на државата и нацијата. Мислам дека секоја земја која се приклучила кон ЕУ, може да ви каже како тоа што е дел од поголемо семејство и ја зголемила самодовербата. Ние сите имаме вакви или такви стравови со влегувањето во поголеми заедници. Се сеќавам дека и ние Словенците се плашевме дека Европејците ќе ги купат сите наши имоти, дека нашиот јазик ќе изумре итн, но напротив сега сме посамоуверени од кога и да è. Знам дека се работи за чувствителна тема и луѓето ќе треба сами да одлучат, но уверен сум дека ќе ја видат поголемата слика и што ќе значи таа за иднината на земјата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG