Достапни линкови

Силна меѓународната поддршка за успешен референдум


Министерот за надворешни работи Никола Димитров на средба со државниот секретар на САД, Мајк Помпео
Министерот за надворешни работи Никола Димитров на средба со државниот секретар на САД, Мајк Помпео

Како се наближува датумот за претстојниот референдум закажан за 30 септември така се зголемува и меѓународната поддршка за гласањето да биде успешно. Но, според упатените, Владата треба да се потруди повеќе со цел навистина да има бенефит од пораките кои ги упатува меѓународната заедница со цел тие да влијаат на излезноста на граѓаните на референдумот.

Поддршката од меѓународната заедница особено во последните денови е со цел да се упати пораката дека Македонија не е сама на патот кон ЕУ и НАТО, но Владата треба поактивно да работи за тоа да им го пренесе на граѓаните и да ги убеди дека треба да излезат да гласаат на претстојниот референдум, велат упатените.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров за време на посетата на САД оствари средби со државниот секретар Мајк Помпео, со помошникот државен секретар за европски прашања, Вес Мичел, како и со претставници на Белата куќа и сенатори кои изразиле надеж за успешно завршување на референдумот. Премиерот Зоран Заев оствари телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркел и заеднички заклучиле оти референдумот е врвен демократски чин и одраз на определбата на граѓаните за иднината на државата.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар во разговор за Радио Слободна Европа кој ќе го емитуваме утре вели дека во изминатиот период е засилена поддршката од меѓународната заедница со цел Македонија да оствари напредок кон ЕУ.

„Лично сакам да видам дека земјата оди напред и отвора преговори со ЕУ и затоа сакам да видам успешен референдум. Морам да кажам дека не сум сам во тоа. Сигурно забележавте дека во минатите месеци како никогаш досега, добивте позитивни пораки и посети од европски лидери. Тие ја следат одблиску ситуацијата, а тоа ја демонстрира желбата на европските лидери да ја видат земјата како оди напред, да видат дека ситуацијата се подобрува и да видат отворање на преговорите следната година. Мислам дека сите чувствуваме дека сега е време и дека нема подобра или подобра атернатива од таа што се нуди сега“, вели Жбогар.

Универзитетскиот професор Никола Дујовски смета дека поддршката би имала поголема корист доколку сите кои се залагаат да се заокружи „за“ на референдумот ја преточат во политика која ќе му ја сервираат на граѓаните за да можат да разберат кој е патот по кој се движи Македонија.

„Луѓето од политичкиот естаблишмент однадвор не не оставаат сами и на овој начин покажуваат дека таму кај што сме тргнале можеме да очекуваме пријатели и едни добри политики кои ќе се спроведуваат во Македонија отпосле. Но, сепак мислам дека Владата односно сите коишто ќе работат „за“ референдумот треба сите овие посети да ги искористат и поинтензивно да ги информираат граѓаните. Да не останат министрите сами преку своите профили на социјалните мрежи да даваат соопштенија. Треба постојано да има тематски прес-конференции на ваквите настани и во детали да се објаснува што е разговарано и што може да се очекува. Само така ќе доживееме успех“, вели Дујовски.

Еврокомесарот Јоханес Хан изрази жалење поради недостатокот на национално единство околу референдумот и им порача на граѓаните да го искористат своето право на глас за да ја обликуваат сопствената иднина и иднината на државата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG