Пијанист со брилијантна техника, музичка сензитивност и драматична интерпретација.
Ова за Андреј Гугнин, еден од најдобрите руски пијанисти од новата генерација музички уметници ќе го забележи светската критика. И, токму тој, повеќенаградуваниот Гугнин како солист на концертот на Македонската филхармонија насловен „Пет става во дур“, овој четврток, на 28 февруари во 20 часот, за овдешната публика ќе го изведе елегичниот Концерт за пијано и оркестар бр. во 2 A-dur од прочуениот унгарски класик Франц Лист.
Со оркестарот ќе диригира нам добро познатиот руски диригент, маестро Даниел Рајскин, а оваа вечер за прв пат во Македонија ќе бидат изведени и „Марошек танците“ од Золтан Кодај, како и Третата симфонија од Петар Илич Чајковски насловена „Полска“, која е единствената симфонија на овој славен композитор со пет наместо вообичаените четири става. Од таму и насловот на овој несекојдневен концерт.
Но, да се вратиме на фактографијата.
Андреј Гугнин студиите ги завршил на Државниот конзерваториум во Москва, а продолжил на Интернационалната пијано академија на езерото Комо во Италија. Во 2013 година, тој ја освоил втората награда на Меѓународниот натпревар по пијано „Лудвиг ван Бетовен“ во Виена, а веќе следната година во неговите раце се нашле и Златниот медал и награда од публиката на Интернационалниот натпревар „Гина Бахуер“, како и првата награда на Меѓународниот натпревар во Сиднеј со признанија за најдобар концерт, најдобар концерт со дела од 19 и 20 век и најдобра соната за виолина и пијано.
По освоените награди, Гугнин добил покана да настапи со Маринскиот оркестар и Лондонската филхармонија заедно со славниот маестро Валери Гергиев. По ова сосема разбирливо започнува рапидно да расте интересот за него како изведувач и тој на голема врата влегува во светот на класичната музика како врвен концертен пијанист.
Гугнин е ексклузивец на издавачката куќа „Иксперион“, но реализирал снимки и за други издавачки етикети на кои се забележани пијано-концерти од Шостакович заедно со Државниот академски камерен оркестар на Русија, музика за пијано дуо заедно со Вадим Колоденко, рецитални програми и така со ред. Дел од снимката од концертите на Шостакович била поместена и на саундтракот на оскаровецот „Мост на шпионите“ на американскиот режисер Стивен Спилберг.
Гугнин е разновиден пијанист во однос на програмскиот избор, и тоа го води да настапува, освен како концертен пијанист, и како камерен музичар. Имал можност да соработува со други врвни музички имиња низ светот и тоа во престижни концертни сали како што се „Музиквереин“ во Виена, „Карнеги хол“ во Њујорк, во Сиднејската опера, „Чајковски“ во Москва, театарот „Марински“ во „Лувр“ во Париз... Згора на тоа често е канет да одржува и мастер-класи во Русија, САД, Финска, Австралија, Хрватска и Јапонија.
Умешноста и виртуозноста што ги покажал овој пијанист на неговиот рецитал во Окајама Сити во Јапонија биле мотивација за организаторите да организираат Фестивал на камерна музика под наслов „Гугнин и пријателите“ (2017).
Инаку, Гугнин не е прв пат во нашава земја. Македонските љубители на класичната музика сигурно добро ја паметат неговата врвна изведба заедно со Македонската филхармонија на фестивалот „Охридско лето“ во 2012 година.
Конечно по скопскиот концерт следува и серијата на негови ексклузивни настапи во Европа, Азија и во Австралија.
Од друга страна, чисто како потсетување. Роден 1970 година, маестро Даниел Рајскин, какао син на познат музиколог, пораснал во Санкт Петерсбург кадешто музиката одиграла важна улога во неговиот живот. Во музичко училиште се запишал на шест години, а студирал виола и диригирање во славниот конзерваториум во родниот град. Неговиот учител Лев Савич го инспирира да навлезе во светот на диригирањето, а потоа Рајскин се усовршува со влијателни имиња како што се Милан Хорват, Марис Јансонс или Нееме Јарви.
На 20-годишна возраст ја напушта Русија продолжувајќи да студира во Амстердам и во Фрајбург, за многу бргу да стане еден од најбараните виолисти во Европа, како солист, но и како камерен музичар. Познат е како предводник на младата генерација музичари, ставајќи голем акцент на неговите толкувања за музиката, кои ги прави на мошне транспарентен начин, откривајќи ја структурата на едно дело до сите детали, наоѓајќи го поттекстот, вистинската рамнотежа на звукот и енергијата што ја поттикнува кај изведувачите.
Од 2005 година, Рајскин станува шеф-диригент на Рајнската филхармонија, а од 2008 година на филхармонијата „Артур Рубинштајн“ во полскиот град Лоѓ. Неговите ангажмани како гостин-диригент се многубројни, патувајќи низ Европа и Азија, вклучувајќи ги и Белградската филхармонија, Естонскиот национален оркестар, Хонг Конг синфониета, Националниот оркестар во Латвија, оркестарот „Моцартеум“ во Салцбург, филхармониите на Копенхаген, на Прага, оркестарот на Радио-телевизијата во Даблин, Радиосимфонискиот оркестар на Чешка, Загрепската филхармонија, симфониските оркестри на Виена, на Берлин...
Познати се неговите ангажмани и како диригент на опери, вклучувајќи ги и редовните настапи со „Кармен“ за холандската компанија „Opera Zuid“ во режија на Каликсто Биеито (2006/2007) или „Нос“ од Шостакович во Државниот театар во Кобленц (2010).
И уште нешто. Рајскин соработува со врвни уметнички имиња какви што се Иво Погорелиќ, Џулијан Рахлин, Миша Мајски, Ланг Ланг, Мидори, Даниел Милер-Шот...