Достапни линкови

Звучните тишини на ЉУБОЈНА со Македонска филхармонија


Неполн месец по несекојдневниот концерт со Македонска филхармонија, составот ЉУБОЈНА го најавува обелоденувањето на својот нов албум со работен наслов „Звучни тишини“. Носачите на звук е планирано да се појават до крајот на март годинава.

Ние не и се плашиме на македонската музика. Не ја затвораме во музејските правливи кутии и ормани, туку ја вадиме надвор и ја споделуваме со публиката. Одново ја поставуваме на пиедесталот на кој ја гледаме.

Вака Оливер Јосифовски, композиторот, мулти-инструменталистот и еден од творците на ЉУБОЈНА ќе го стори воведот во актуелниот момент на составот кој се осмели да застане простум пред голем оркестар, во случајов Македонската филхармонија, и на својата, поточна нашата звуковност да и даде поинаква димензија. Слегувањето и инспирациите од македонскиот музички јазик да ги стори она што и се - „класични“. Благодарение на исклучително убавите аранжмани на еден талент каков што несомнено е собеседникот Џијан Емин, да ги надмине било каквите загради и да ја претстави нејзината универзалност и севременост.

„Ова беше длабоко проникнување и зацрпување во тоа што значи музика. Современа оркестрација, инспирирана од македонската музика. Таа музика, тие скици што си ги разменивме Џијан и јас. Повторувам ова е длабоко зацрпување и е ново раѓање на музиката на ЉУБОЈНА или таа музика што ја викам македонска музика. Внатре таа е и темна ...и тешка, но има елементи кои и ја даваат таа сончевина и таа љубов којашто ја препознава публиката во нашиот звук. Овојпат беше и без плашење да се сподели музика со 70-на музичари на сцена, напишана во ноти, добро темперирана, а сепак силна, нескротена и надградена. Нам ни се битни следните фази. Ова не е шминка кон тоа што сме го правеле досега.Ова е нов начин на гледање на нашата музика“, вели Јосифовски.

Вера Милошевска дополнува дека станува збор не за класичен раст туку повеќе за созревање. И не во смисла дека почнале од малку и еве дошле кај многу, туку веројатно созревање на една музика во нив. Некоја музичка мисла или идеја за тоа што сакаат да кажат преку музика. Како тие милуваат да ја претстават таа музика што тие ја сакаат, ја носат и работат на неа.

Во случајов се тргна од многу љубов. Идејата тргна од љубовта и од нашето пријателство со Џијан Емин за кој, пак, целата јавност знае дека тој не е случаен музичар. Тој е специјален човек со исклучително богати музички сфаќања. Со широк уметнички и човечки опсег целото тоа да го претстави, да го даде, да го разигра...а тоа го препознаваме само кај светски уметници. Така што почетокот на договарањето на сето тоа ја носеше љубовта и радоста на детска игра затоа што тоа е музиката во нашите раце. Ние ја сакаме толку многу што си играме со нештата. Толку веќе ја запознавме, толку веќе ја носиме што нема граници. Тоа го правеле и големите мајстори. Кога го совладуваш нештото тоа е една детска игра комбинации. Ништо повеќе или помалку, меѓутоа одговорноста како сето тоа организациски ќе се спакува, технички ќе се доведе на таа сцена и како музика, па и на крајот на краиштата содржински, смислата на целото уште од почетокот не натера да сфатиме дека е голем залак и навистина битна задача, истакнува пејачката.

Милошевска појаснува дека идејата да се свири со Филхармонија и не е нова. Дека таквата помисла во нив зреела безмалку две години и дека требало време или средба на луѓе во вистинскиот момент за таа да еруптира и да се тргне во „авантура“.

Не гледам дека пред уметникот повеќе треба да стои тоа колебање „колку сум јас кадарен отколку колку можам да дадам“. Секојпат стоиш пред предизвикот дека можеш многу повеќе да дадеш. .Тоа е таа задача која ти прави да размислиш, да се вложиш во тоа, да ти се родат нови идеи. Те провоцира едноставно да влезеш во една друга некаква конгитивна функција за да ти разбуди нови асоцијации, нови нешта, нови идеи, нови поврзувања, различни линкови во самата музика за да сето тоа не ти биде стрес. Љубовта е да сакаш ти тоа да го направиш. Да имаш волја, а следното да биде некаков продуктивен процес, смета таа.

Конечно, концертот на ЉУБОЈНА со Македонска филхармонија, одржан на 1 февруари, беше сниман и албумот со работен наслов „Звучни тишини“ е планирано да биде пред публиката некаде до крајот на март годинава. Со тоа ќе биде заокружена актуелната идеја на Вера и Оливер да стават акцент на македонската како на светска, вселенска музика.

„Македонската музика и македонскиот израз за нас се бескрајна музика. Тоа е вселенска музика. И со ова всушност сакаме да го донесеме сознанието дека да тоа е тоа. Заедно со таа армија на музичари зад нас се доловува амбиентот на премиерно преслушување. Немавме претходно издание со кое публиката ќе беше подготвена што да очекува туку само распишани ноти и желба за свирење. Излеговме пред неа за таа да ни суди. Како кај старите мајстори. Тоа е таа возбуда која ни носи некаков кредит дека ова беше добар начин на презентирање на една новина, на музика чуена и на авторство во една поинаква димензија“, ќе рече Јосифовски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG