Достапни линкови

„Лос Анџелес“ на авангардниот Арво Перт премиерно со Македонската филхармонија


„Ангелите и градот“ е насловен претстојниот концерт на Македонската филхармонија на кој по прв пат кај нас ќе биде изведена Симфонија бр. 4 од еден од најдобрите современи композитори, Естонецот Арво Перт. Со оркестарот ќе диригира маестро Конрад ван Алфен.

Македонската филхармонија продолжувајќи ја успешната серија на концертни настапи, в четврток, на 7 февруари, во редовниот термин во 20 часот, за публиката подготви уште едно убаво изненадување. „Ангелите и градот“ е насловена вечерта во чии рамки по прв пат кај нас ќе биде изведена раскошната Симфонија бр. 4 („Лос Анџелес“) од еден од најдобрите современи светски композитори, Естонецот Арво Перт.

Со националниот оркестар во оваа пригода ќе раководи познатиот холандско-јужноафрикански диригент, маестро Конрад ван Алфен, а покрај делото на Перт, ќе бидат изведени и Полка од балетот „Златна доба“ од Дмитриј Шостакович, како и Концерт за мала флејта во C-dur од Антонио Вивалди и Концерт за обоа и оркестар во g-moll од Јохан Себастијан Бах, каде како солист ќе се претстави извонредната уметница на барокна флејта, Луси Хорш од Холандија.

Роден на 11 септември 1935 година во градот Паиде во Естонија, композиторот Арво Перт се смета за еден од најизведуваните живи современи автори кој создаде магија од сплет на класичната и духовната музика. Тој ги разби постоечките контури на компонирање видени низ разновидните експерименти на останатите композитори од 20 век и направи и разви своја техника наречена „тинтинабули“. Згора на тоа, силно инспириран од грегоријанските црковни песни Перт на минималистичкиот музички израз му даде нова димензија.

Од таму неговата Симфонија бр. 4 или ако милувате популарно „Лос Анџелес“, како што ќе биде забележано од дописот на Македонска филхармонија, се смета за едно од гламурозните дела со кое може еден град да се гордее. Таа е духовен портрет на Градот на ангелите, која поседува раскошна убавина.

„Арво Перт како предводник на авангардата кој ја озвучува и традицијата но и современата, јас лично имав можност подобро да го запознаам и да навлезам подлабоко во неговиот израз некаде 2012 година кога посветив рецитал речиси на целиот негов опус за соло пијано. Од таму навистина ме привлече таа една негова уникатна мисла која тој успешно ја проткајува низ партитурата, така што честитки за изборот на програмата на Македонската филхармонија и за мене лично, и се надевам за целата публика која ќе ја исполни салата ова ќе биде еден музички спектакл. Концерт на годината“, вели Дуња Иванова, која пијанистичкиот опус на естонскиот музички маг го претстави во ноември 2014 година во фоајето на МОБ, а по неговите творби посега секогаш кога ќе и се укаже прилика за тоа.

Маестро Конрад ван Алфен
Маестро Конрад ван Алфен

Од друга страна, критиката за холандско-јужноафриканскиот диригент своевремено ќе забележи: „Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат“. Ова подразбира, меѓу другото, дека тој ужива популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите.

Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии не само во градот туку и во Хаг и Амстердам. Скорешните интернационални турнеи на Оркестарот подразбираат и настапи во Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле.

Интересно е и тоа дека од 2005 до 2009 година, Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија.

Во моментот е уметнички директор на Московското филхармониско здружение во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин-диригент и со ансамблите на добро познатите културни центри во големите Новосибирск и Санкт Петербург.

Луси Хорш
Луси Хорш

Деветнаесетгодишната инструменталистка на барокна флејта Луси Хорш се смета за еден од најистакнатите таленти од нејзината генерација музички уметници. Таа зад себе има бројни настапи со барокни, како и со современи ансамбли не само во родната Холандија туку и во светот.

Оваа концертна сезона таа ќе ги направи своите дебија со Филхармонијата на Хонг Конг, како и со Македонската филхармонија, а заедно со ансамблот „Академија за античка музика“ заминува на турнеја во чии рамки е предвидено да одржат концерти во прочуената сала „Барбикан“ во Лондон, во „Музикгебау“ во Амстердам и „Де Доелен“ во Ротердам. Постојано настапува и со рецитални програми на речиси сите европски музички фестивали, а неодамна го формираше дуото со францускиот лаутист Томас Дунфорд. Следува и нејзино деби со Филхармонијата во Есен.

Луси Хорш е ексклузивец за „Дека класик“, а нејзиниот прв албум содржи концерти и други дела од Вивалди, за што ја доби престижната награда „Едисон класик“ во 2018 година. Нејзиното второ издание го сними со „Академија за античка музика“ и Томас Дунфорд, со дела од Самартини, Бах и Хендл, а исто така учествуваше на премиерната изведба на композицијата „Варијации на октатонска скала“ за „Дојче грамофон“ со виолончелистот Киан Солтани.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG