Достапни линкови

Македонска филхармонија и маестро Татарчевски со посвета на моќниот Бетовен


„Бесмртност“ е насловен симфонискиот концерт што Македонската филхармонија ќе го одржи в четврток, на 31 јануари во 20 часот, и кој му го посвети на творештвото на гигантот Лудвиг ван Бетовен. Со оркестарот ќе диригира Сашо Татарчевски, а солистка ќе биде пијанистката Нина Костова-Јаневска.

Македонска филхармонија месец јануари тековнава 2019 ќе го круниса со повеќе од достојна посвета на творештвото на еден од музичките гиганти, големиот германски композитор Лудвиг ван Бетовен.

На програмата на националниот оркестар, со кој во оваа пригода ќе диригира маестро Сашо Татарчевски, се неговите ретко или воопшто не изведувани дела кај нас: Увертира за именден оп. 115, Хорска фантазија за пијано, хор и оркестар оп. 80, каде патем како солист ќе се претстави истакната македонската пијанистка Нина Костова-Јаневска, како и Симфонијата бр. 2 во D-dur.

Во изведбата на вака замисленото звуковно патешествие со „првиот европски романтичар“, на нецела година дена пред неговиот значаен и голем јубилеј – 250 години од раѓањето, учество ќе земат и хорот „Драган Шуплевски“ од Факултет за музичка уметност, како и професионалниот хор „Про арс“ и солистите Јаворка Витанова и Мартина Нанеска - сопрани, Бојана Јованова - алт, Јане Дунимаглоски и Шинаси Рамадан – тенори и Мартин Блажевски – бас.

Во пресрет на концертот, маестро Сашо Татарчевски забележува дека Симфонијата бр. 2 е свирена некаде пред 10-на години и дека е интересна од многу аспекти поради периодот од животот на Бетовен во којшто ја пишувал и работел.

„Тогаш тој прв пат дознал дека едноставно ќе го изгуби слухот. Дека нема да слуша и дека е тоа неповратно. Спротивно на тоа композицијата е многу интересна и е спротивност на таквото сознание. Целата блика од среќа и од енергија, дури и од шега. Од тој аспект е многу интересна симфонија, а другите две композиции – едната е увертира која многу ретко се изведува во светот, а кај нас воопшто не е изведувана така да ова ќе биде нејзина праизведба. Се вика Увертира за славење именден и е кратка, енергетична и полна со сите карактеристики на композиторскиот јазик на Бетовен. А, пак, третата композиција е една од двете композиции кои постојат воопшто напишани во музичката литература. Се работи за дело пишувано за симфониски оркестар, соло пијано, солисти, глас, значи соло пејачи и хор. Таа е интересна од тој аспект, но и од еден друг. Токму и темите од увертирата и оние од Фантазијата за пијано и оркестар, или т.н. Хорална фантазија се теми коишто Бетовен ги планирал за Одата на радоста. Сакал да ја озвучи со тие теми, меѓутоа со тек на време од нив направил други композиции и на крај за Одата на радоста избрал сосема трета, но сепак ќе ги чуете сличностите во карактерот, па ако сакате и мелодиски кажано“, вели диригентот.

Маестро Сашо Татарчевски

Татарчевски и со појаснување дека ова за него е битен концерт меѓу другото и по тоа што авторот, големиот Бетовен му е близок и како карактер и по неговите ставови за опкружувањето. Кон светот.

„Бетовен ми е многу близок, ајде така да кажам, како карактер човек којшто преку својата уметност ги истакнал своите ставови кон светот. За братство помеѓу сите луѓе, за хероизам, па ако сакате дури и за пркос кон сите неправди, пркос кон посилните...и тоа мене ми е многу блиско и со посебен мотив се прифатив овој концерт да го направам и мислам дека ќе имаме убава вечер во четврток“, смета тој.

Инаку, роден во Битола 1972 година, Сашо Татарчевски дипломирал и магистрирал на катедрите за оркестарско и хорско диригирање на ФМУ – Скопје во класите на Фимчо Муратовски, Драган Шуплевски и Саша Николовски. Своето усовршување го продолжил на мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Сартеано, Санкт Петербург и Фиренца, соработувајќи со познати диригентски имиња како што се Хелмут Рилинг, Франческо Каротенуто, Марк Горенштајн, Михаил Јуровски и Сајмон Керингтон. Настапувал со разновидни ансамбли како Македонската филхармонија, Битолскиот камерен оркестар, Македонската опера и балет, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Оркестарот на Ермитаж – Санкт Петербург, Битолската опера, ансамблите за современа музика „Алеја“ и „Контемпора“, Симфонискиот оркестар на ФМУ, камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, хоровите „Магнолија“ (Словачка), „Кантемус“ (Унгарија), „Иполитов-Иванов“ (Русија) и други симфониски, хорски и камерни состави.

Во моментов Татарчевски е еден од најактивните диригенти во Македонија. Покрај редовната работа како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, се јавува и како уметнички раководител на професионалниот мешан хор „Про арс“ и на Женскиот младински хор при МКЦ. Има направено трајни записи со инструментална, вокално-инструментална и хорска музика во студиото „Фејмс“, а издадени се и неколку ЦД-а каде што Татарчевски се потпишува како диригент. Освен во Македонија, има настапувано во Португалија, Словенија, Шкотска, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Чешка, Бугарија, Турција, Франција, Романија, Полска, Австрија и Русија. Има освоено голем број индивидуални награди за диригирање на интернационални настани, награди на конкурси со различни инструментални и хорски ансамбли, како и наградата на СОКОМ „Георги Божиков“. Член е на повеќе жири-комисии на меѓународни натпревари, предавач на семинари и мастеркласи за диригирање и хорска музика а од 2014 година е и уметнички директор на Меѓународниот хорски форум во Струга.

Пијанистката Нина Костова - Јаневска

Од друга страна, Нина Костова-Јаневска е една од најдобрите македонски пијанистки од современата генерација музички уметници, но и пијано-педагози. Музичкото образование го стекнала во Скопје, во класата на реномираните професори од Московскиот конзерваториум „Петар Илич Чајковски“ – Људмила и Борис Романови. Во текот на своето образование, Костова-Јаневска се здобила со бројни награди и признанија, а често настапува на европските сцени во Велика Британија, Франција, Италија, Бугарија, Турција, Андора... Во периодот од 1991 до 2010 година, учествувала на сите семинари водени од проф. Борис Романов, организирани од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје, Музичката младина на Македонија, како и Музичкото училиште „Добрин Петков“ во Пловдив, Бугарија, и музичкото училиште „Војислав Вучковиќ“ од Белград, Србија.

Дипломирала и магистрирала со највисока оценка cum laude, a во 2014 ги заврши докторските студии. Нина Костова-Јаневска досега повеќе пати настапувала и како солист со Македонската филхармонија, со Младинскиот симфониски оркестар „Добрин Петков“ од Пловдив, Камерниот оркестар „Св. Ѓорѓе“, Камерниот оркестар „Московија“, Симфонискиот оркестар на ФМУ... Соработувала со значајни диригенти, меѓу кои и со Саша Николовски-Ѓумар, Александар Лековски, Борјан Цанев, Леонид Николаев, Едуард Грач, Пламен Парванов, Јанко Костелиц..., а настапувала и со бројни камерни состави заедно со реномирани уметници во Сараево, Белгија, Италија, Франција и Њујорк, од кои се издвојува настапот на „Охридско лето“ со Квартетот „Хеншел“ од Германија. Моментално работи како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Добитничка е на две признанија за посебен придонес во „Карнеги хол“, како и признание од фондацијата „Спиваков“ за посебен придонес на фестивалот „Москва встречает друзја“ во 2013 година. Од 2018 година Нина Костова-Јаневска е почесен член на Фондацијата „Томислав Зографски“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG