Достапни линкови

„Високи вибрации“ за високи дострели на Македонската филхармонија


Со концертот „Ново утро“ на кој ќе настапи славниот француски пијанист Лука Дебарг, на 27 септември, ќе започне новата сезона 2018/2019 на Македонската филхармонија. Годинава таа ќе се одвива под слоганот „Високи вибрации“, а по извесно време најавени се и три турнеи на оваа наша национална институција – во Казахстан, Шпанија и за новогодишните празници во Кина.

Македонската филхармонија по годината на успеси и високи уметнички дострели, со многу нови амбиции влегува и во периодот пред нас. Новата концертна сезона 2018/2019 оваа наша национална културна установа ќе ја започне на 27 септември со концертот насловен како „Ново утро“. На подиумот како солист ќе застане фантастичниот француски пијанист Лука Дебарг, лауреат на престижниот натпревар „Чајковски“, еден од најбараните пијанисти на класичната музичка сцена. Тој ќе го изведе виртуозниот Концерт за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев, а оваа вечер, љубителите на убавата музика ќе имаат можност да ја чујат и Фантастична симфонија од Хектор Берлиоз. Во оваа пригода со оркестарот ќе раководи маестро Јерухам Шаровски од Израел..

„Со голема радост го очекуваме свеченото отворање на новата сезона, и со огромно задоволство најавуваме дека целосната програма за следната концертна сезона 2018/2019 е завршена. И во новата музичка година ветуваме врвни, извонредни солисти и диригенти од светската музичка сцена, најавуваме интересна, атрактивна, комплексна и премиерна програма, настани кои веруваме ќе бидат незаборавни. Со оглед на имињата кои што ќе ги донесеме на нашата сцена, се надевам на уште поголем интерес од страна на публиката“, ќе рече Виктор Илиевски, в.д. директор на Македонската филхармонија.

Во своето претставување на програмата тој како една од посебностите го издвојува и следниот концерт на ансамблот кој ќе се одржи на 12 октомври и кој е именуван како „Хармонија мунди“. На овој несекојдневен настан Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Емил Табаков и следена од специјално подготвена визуелизација ќе го свири грандиозното дело на Холст - „Планети“.

Во најавата фокусот беше ставен и на настапите на магичниот руски виолинист Вадим Репин, на врвниот тромбонист Џозеф Алези, перформансот на атрактивното и виртуозно дуо кларинети Гурфинкел кое ќе му даде посебна атмосфера на Гала-новогодишниот концерт, а со ансамблот ќе патува и на турнејата во Кина. Тука се и Луси Хорш со својата барокна флејта и концертот на големиот руски и светски пијанист Борис Березовски. Стариот познаник во иста вечер ќе изведе два концерти за пијано од Шостакович и Прокофјев и ќе одржи и еден камерен настап. Згора на ова со нагласена љубопитност се очекува и изведбата на уште еден врвен руски пијанист, Андреј Гугнин, кој е планирано на публиката да и го донесе Концертот за пијано од Лист.

пијанистот Борис Березовски
пијанистот Борис Березовски

​Според Илиевски, на сцената се очекуваат и тројца извонредни виолинисти - Бенџамин Шмид од Австрија, Сојанг Ју од Кореја и Баиба Скриде од Латвија, а тој најави и уште еден грандиозен проект на кој ќе биде изведен вердиевиот „Реквием“. Нема да изостанат и традиционалните концерти на Македонската филхармонија, настапот на „Денови на македонска музика“, концертите „Звукот на идната генерација“ и „Младите доаѓаат“ посветени на музичките уметници кои допрва треба да се изборат за своето место на сцената, омилениот настан на скопјани во Градски парк - „Филхармонија на отворено“, како и концертот по повод Празникот на лозарите или, ако милувате, Денот на вљубените.

Согласно интенцијата за стимулирање и промоција на домашното музичко творештво, програмата и во концертната сезона 2018/2019 ќе биде збогатена со композиции од македонски автори, а на подиумот со ансамблот ќе застанат и врвни македонски солисти и уметници. Меѓу нив се и контрабасистот Ѓорѓи Цинциевски, Нина Костова- Јаневска на пијано, Милан Силјанов како вокален солист, како и диригентите Борјан Цанев и Сашо Татарчевски, а првпат со Филхармонија ќе диригира Виктор Митревски, кој доаѓа од прочуената школа од австриската музичка престолнина - Виена. Ќе бидат изведени и дела од автори како Сони Петровски, Владимир Николов, Љубомир Бранѓолица и други.

Од особено значење е и тоа што во престојната сезона, по извесно време, Македонската филхармонија ќе оствари три мошне значајни патувања. Ќе музицира во Казахстан, потоа во Шпанија и околу новогодишните празници ќе биде на турнеја во Кина.

„Првата турнеја е во Казахстан со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија по повод државниот празник 8 Септември, а можно е со наш концерт да биде отворен Конзулатот во Алмати. Веќе ја најавивме големата турнеја низ Кина, кога оркестарот на Македонската филхармонија во неколку градови ќе одржи 7 концерти, а ќе се случува во декември и јануари, како и турнејата во Шпанија која што ќе се одржи на 30 октомври и 1 октомври, во Сарагоса и Хуеска. На сите настапи ќе се претставиме со интересна програма, и ќе дадеме се од себе да се покажеме во најдобро светло“, истакнува Илиески.

Инаку, покрај главната програма која овојпат ќе се реализира со маркетингшкиот слоган „Високи вибрации“, Македонската филхармонија планира и серија интересни перформанси кои ќе се случуваат во Камерната сала, а која, како што забележува в.д директорот „се повеќе добива на значење во главноградскиот културен амбиент“.

Прашан, пак, за тоа дали Филхармонијата и натаму ќе биде мета на промоторите и простор во кој ќе се провлекуват концертни настапи кои и не му прилегаат на овој простор, како на пример оној на хрватската пејачка Нина Бадриќ, Илиевски со појаснување дека се обидувале но дека не секогаш успевале да им одолеат на притисоците. Сепак, тој очекува во иднина тие да спласнат со реновирањето на Универзална сала.

„Мислам дека тој притисок ќе спласне со реновирањето на Универзална сала и нејзиното повторно ставање во фукција како неопходен концертен простор, а дотогаш јас со сите сили ќе се борам и ќе се изборам овде да се реализираат само концерти кои го заслужуваат овој музички храм“, потенцира Илиевски.

Конечно, Македонската филхармонија, за редовните посетители на концертите, ќе овозможи блок билети во кои ќе бидат вклучени сите концерти, по цена од 9.000 денари, а кои ќе можат да се набават до 20 септември. Исто така, оваа наша национална институција новата концертна сезона ќе ја стартува со кампањата „Без мобилни“, која, рече Илиески, треба да ја зголеми свеста кај посетителите да не ги користат своите мобилини телефони за време на музичките настани.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG