На Скопје и на македонската музичка култура, надвор од поодамна востановената „практика“, ќе им се обистини засебен авторски концерт којшто не е дел од некое фестивалско случување. Во Музеј на град Скопје, оваа сабота, на 5 мај во 20 часот, со дел од своето актуелно творештво ќе се претстават Дамјан Темков и Филип Иванов, композитори од помладата генерација на македонски музички творци.
На програмата се седум композиции ( „Скерцо“ за четирирачно пијано – Иванов 2015, „Охридска пастрмка“ за пијано – Темков, „Надеж“ - циклус соло песни за сопран и виолончело – Иванов, Циклус соло песни за сопран и пијано – Иванов, Клавирско трио – 25.713 од Темков, Гудачки квартет бр.1 – Иванов и „Y TO MY GTI TURBO PRIDE NO.2“ за четирирачно пијано – Темков), а во изведбата на делата учество ќе земат нашите врвни репродуктивни уметници пијанистките Марија Вршкова и Анастасија Грговска, сопранистката Гонца Богоромова – Краповски, виолинистите Владимир Костов и Мартин Димитров, Бојан Талески на виола и Паскал Краповски на виолончело.
Во предвечерието на перформансот Дамјан Темков знае да каже дека ваквиот принцип на одржување на авторски концерти е карактеристичен за повозрасните автори членови на СОКОМ и тоа обично при одбележувањето на јубилеи. Од таму, како што вели, произлегла и идејата да се претстават заеднички.
„Со цел да не биде ова концерт само на еден од нас, бидејќи сепак сме се уште млади се решивме тоа да го направиме заедно со дела кои практично жанровски се слични едни на други, а и двајцата ги имаме во нашиот опус. Истовремено сметаме дека ваквиот начин на промоција на младите класични композитори е прилично значаен, бидејќи или го нема во пракса, или не се случува често. Ваквиот тип на концерти речиси и да не постојат. Ние како автори на класична музика обично чекаме да дојдат Денови на македонска музика и таму на еден концерт и најчесто со едно дело да се промовираме пред публиката. Затоа ова ќе биде прв пат за нас, нешто слично направија на својот електро-акустичен концерт нашите колешки Андовска и Пандевска, да понудиме повеќе дела и самите да ја проследиме нивната изведба“, појаснува Темков.
Неговиот колега Филип Иванов, дополнува дека тие на овој начин се обидуваат да кажат дека македонското творештво и не треба да пати од стереотипи.
„Со овој наш заеднички концерт би сакале да презентираме дека македонското творештво не е стереотип. Дека не е некаква Баба Рога. Дека може да биде музика за сите љубители и да ја презентираме пред пошироката публика. На еден ваков начин да се разбијат тие стереотипи“, истакнува композиторот.
Филип и со дополна дека на концертот ќе се случат светската и македонската премиера на две негови дела од кои Гудачки квартет бр.1 е награден на Конкурсот за проекти од национален интерес на Министерство за култура во 2015 година.
„Делото е пишувано во духот на македонската музичка традиција. Тоа се потпира на фолклорните мотиви, но изобилува и со неокласични елементи...а не помалку интересно е и она насловено како Скерцо за четирирачно пијано, едно ефективно дело кое прво го мислев да го снимам и еве сега ќе имаме можност да го чуеме на сцена“, вели тој.
Говорејќи за проектот Темков истакнува дека е многу значајно тоа што ја има институционалната поддршка ( е во одбраните на годинешниот Конкурс на Министерство за култура) и што токму поради тоа може да биде поттик за останатите нивни колеги не само да работат на ваков начин, туку да обмислуваат дури и поголеми зафати.
„Сигурен сум дека ќе има слух односно дека ќе постои начин и тие на еден ваков начин да се презентираат. Ова го кажувам од аспект на тоа дека сепак станува збор за млади автори коишто досега шансата ја добивале само на Денови на македонска музика или во некоја сопствена организација, но тоа најчесто бил некој студентски настан, дали ќе биде испит или приредба...врзана со факултетот или институцијата во којашто се образуваат“, вели Темков.
Инаку, Дамјан Темков и припаѓа во групата млади, но афирмирани македонски композитори. Средното музичко училиште го завршил на отсекот по пијано, а во 2006 дипломирал во класата на професор Гоце Коларовски (негов последен дипломец). Во 2012 магистрирал кај Сони Петровски, а во текот на образованието бил добитник на повеќе државни награди по камерна музика, пијано и солфеж. Традицијата на освојување награди ја продолжил и со своите ученици од „ДМБУЦ – Илија Николовски – Луј”, каде е вработен како наставник по композиција, музички форми и хармонија од 2007 година.
Истата година Темков станува најмладиот постојан член на Сојузот на композитори на Македонија. Неговото творештво се состои од композиции за соло инструменти, вокални, камерни и симфониски дела, најголемиот дел изведени од страна на македонски, но и на странски соло изведувачи и камерни ансамбли меѓу кои: Ѓорѓи Цинциевски, Нинослав Димов, Дејв Вилсон, Гудачки квартет Гајдов, Дуо Гелебешеви, Дуо Кировски, Гудачки квартет Бревис, Дувачки квинтет Сонорис, Битолски камерен оркестар, триото Арденца од Бугарија, ансамблот Археус од Романија и др. Меѓу позначајните негови соработки се вбројуваат трите изведби на дела со македонската филхармонија од кои последната во 2016, е со композицијата Apple T(h)ree, наградена на Конкурсот за македонски класични композиции, а под диригентската палка на маестро Емил Табаков. Покрај изведбите во нашата држава, неговите дела се изведувани во Англија, САД, Кина, Германија, Норвешка, Италија, Бугарија, Романија, Црна Гора и др.
Од друга страна, Филип Иванов по завршувањето на средното музичко образование во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, дипломирал композиција на факултетот за Музичка уметност - Скопје, во класата на професор Сони Петровски.
Тој е еден од најистакнатите композитори на младата генерација, чии дела се постојано присутни на македонската музичка сцена и во странство. Голем број од неговите композиции се наградени на конкурси распишани од Министерството за култура на Р. М. Тој е изведуван на концертните и дипломските испити на студентите на „Факултетот за музичка уметност” во Скопје, а и на учениците од ДМБУЦ „Илија Николовси -Луј”.
Иако млад, опусот на овој композитор е прилично богат. Иванов е автор на повеќе солистички, камерни и оркестарски дела. Неговиот стил на компонирање се заснова на принципите на апсолутната музика (слободна, потполна, независна, чиста инструментална музика без програма или програмски наслови).