Достапни линкови

ДримON 2016 – Засолниште од културна деградација


Под мотото „Крени уши“, од 27 до 31 јули, во и околу Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, ќе се одржи четвртото издание на Фестивалот за процесирање култура, „ДримON“, чија цел е „да понуди засолниште од хипокризија, дискриминација, културна деградација и сите видови вируси и паразити“.

Дилеми повеќе нема. Струга во „ДримON“ летово го има најпрогресивниот летен крајезерски мултимедијален фестивал. Едноставно, она што беше здрава заложба на групата ентузијасти и урбани млади луѓе собрани околу Иницијативата за независен културен активизам (ИНКА), конечно беше препознаено од Агенцијата на САД за меѓународен развој, УСАИД. Ова подразбира дека, сега веќе во поблагопријатни услови за делување, „ДримON“ израсна во петдневно случување чија програма е преполна со дебати, изложби, музички настани, перформанси, филмови, работилници и со многу звучни имиња од домашната и регионалната уметничката сфера.

Целта и натаму останува иста – да се отвори простор за изразување на различни прогресивни погледи, да бидат разгледани поинаквите пристапи на активизам и да биде инспирирана критичката демократска мисла кај граѓаните.

Затоа минатогодишното мото „На мускули“, во случајов, е заменето со повикот „Крени уши“, струшки локализам за кој организаторите појаснуваат дека подразбира „опоравување, окрепнување и подигнување“. Всушност опоравување на културата и подигнување на гласот на интелектуалната мисла.

„Сите се чувствуваме отруени од шундот кој ни се нуди, од кичот, од евтините програми. Она што се нарекува меинстрим е со многу падната вредност и мислам дека е време сите заедно, како општество, како луѓе коишто креираме, создаваме, да се собереме на едно место и да иницираме многу повеќе такви места каде што ќе протекува култура, ќе протекува независна мисла, уметност и промоција на многу подобар квалитет на живот“, вели Кристина Тодороска Петреска од ИНКА.

Серијата дебати ќе започне со „Фешта во фацата на хипокризијата“, каде модератор е Тони Димков, а панелисти ќе бидат Костадин Шурбановски, Филип Јовановски, Петра Селишкар и Бранд Феро. Во четврток, Елизабета Шелева и нејзините гости Слободан Унковски, Искра Гешовска и Игор Тошевски ќе говорат на тема „Све(с)т во транзит – Културни миграции“, а наредниот ден Виолета Качакова со Владимир Јанковски, Александар Видиновски и Мирко Попов ќе сторат вивисекција на независното издаваштво кај нас.

Конечно во сабота, на своето трето последователно гостување на „ДримON“, Ана Јовковска заедно со Звонко Наумовски, Влатко Галевски и Небојша Вилиќ, ќе се обидат да фрлат малку повеќе светлина на „ОТСУСТВОТО - Присуството на културата во медиумите“.

Филмската програма, пак, во случајов ќе се одвива со проекции на две локации. Вклучува одбрани шпански филмови во соработка со Скопје филм фестивал, кратки документарни филмови, а ќе бидат прикажани и „Девојката што паѓа“ на Владимир Лукаш, „Кружниот пат на Марето“ од Жарко Иванов, „Љубовно писмо до алтернативната култура“ на Синиша Ефтимов, „Гето 103“ на Јане Алтипармарков и други дела и кратки експериментални видео остварувања.

Од сценските уметности тука е и театарска претстава, „Госпоѓица Јулија“ на Театар Фабрика, во копродукција со Драмски Театар од Скопје.

Во текот на петте вечери е предвидено и одржувањето на неколку исклучителни изложби, меѓу кои ДримОN групната постановка со уметници како Зорица и Христина Зафировски, Ана Ивановска, Нита Чаволи, Маја Кировска, Амир Карахасан и други. Тука се и Оливер Маринковски со проектот „Вечното враќање“, Ангел Миов со „Прошетка по наративните линии“ и Сабина Гузик со „Оставете ги да зборуваат“.

Исклучително интересен е и одбирот на бендовите и артистите кои ќе настапат на четвртото издание на „ДримON“. Серијата концерти ќе ја започне нашиот Мухамед Ибрахими, потем истата вечер на главната сцена публиката ќе има можност да ги проследи енергичните белграѓани ШТУДГАРТ ОНЛАЈН, ве четврток на истото место перформанси ќе одржат ЕЛВИС ПРИСЛИ ПРОЏЕК и новосаѓаните ОБОЈЕНИ ПРОГРАМ, во петок МИЛКО и КАНТОН 6, следниот ден извонредните КАНДА, КОЏА И НЕБОЈША и за крај СТРИНГ ФОРСИС, едни од предводниците на современата македонска музичка сцена.

И тоа не сè, бидејќи никако не смеат да бидат заборавени низата работилници, кои ќе вклучуваат теми од областа на танцот, сликање на текстил, изработка на колажи, детска работилница со театар на сенки, стенсил и графити работилници и друго.

Згора на тоа тука се и диџејсетовите на мнозина домашни артисти, претставувањата на останатите прогресивни фестивали од земјава, а програмата на Фестивалот предвидува и серија од перформанси, со гости уметници од Холандија, Словенија и Романија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG