Достапни линкови

Новиот „Глас на трубата“ со Македонската филхармонија


Француската ѕвезда Лусјен Ренодин-Вари ќе биде солистка на труба на престојниот настап на Македонската филхармонија насловен „Слободен и среќен“. Со оркестарот ќе диригира маестро Петер Феранец од Словачка, а концертот ќе се одржи овој четврток, на 24 јануари, во 20 часот.

По само две недели од враќањето од успешната турнеја „Седум концерти во седум градови“, со која патем не само што беше сторен пробивот во големата Кина туку и воопшто на азискиот континент, Македонската филхармонија е исправена пред нов предизвик. Овојпат на домашно тло. Таа во новата концертна 2019 треба да го одржи првиот концерт со кој несомнено ќе треба уште посилно да го разбуди вниманието на публиката годинава и да докаже дека нималку не се случајни досегашните високи дострели.

Од таму разбирливо е што концертот што ќе се случи овој четврток, на 24 јануари, е насловен како „Слободен и среќен“ и на него како солистка на труба треба да се појави новата француска и светска ѕвезда Лусјен Ренодин-Вари. Истата онаа која претходно беше прогласена за најдобра во категоријата „Откритие“ на натпреварот „Победници на музичката класика“ и која се смета за една од надоаѓачките музички ведети. За солистка чиј уметнички пат критичарите „веќе го послаа со рози“.

Шармантаа Ренодин-Вари ќе учествува во изведбата на атрактивниот Концерт за труба и оркестар во As-dur од ерменскиот композитор Александар Арутунијан. Диригент е маестро Петер Феранец од Словачка, а на програмата оваа вечер се и Увертирата за оркестар во C-dur („Трубачка“), оп. 101 од Феликс Менделсон, како и лирската Симфонија бр. 3 од Јоханес Брамс.

Родена 1999 година, Лусјен Ренодин-Вари класична труба студирала најпрвин на универзитетот во Ле Ман, за потоа да продолжи на конзерваториумот National Superieur во Париз (2014) каде што била единствената студентка која во исто време изучувала и класична и џез-музика.

На единаесетгодишна возраст Лусјен најнапред победила на натпреварот Selmer-Le Parnasse, за потем да ја освои и третата награда на Европскиот натпревар за млади трубачи d’Alencon. Оттогаш станува добитничка на дузина први награди на сите натпревари на кои учествувала во Белгија, Франција и во САД. Постојано е присутна на фестивалите низ Европа, во Финска, Русија, Турција, Германија... Настапува и како солист со видни оркестри, а нејзините снимки на кои свири разновидна програма од областа на класичната, но и на популарната музика веќе ги освоија срцата на вљубениците на музиката насекаде во светот.

Неодамна Французинката го направи и своето деби со Лондонскиот камерен оркестар и маестро Владимир Ашкенази, изведувајќи го Концертот за пијано бр. 1 од Дмитриј Шостакович, за пијано и труба, заедно со Данил Каритонов во Турција.

Кон ова само уште и информацијата дека Лусјен Ренодин-Вари е ексклузивец на престижната дискографска куќа „Ворнер класикс“. Таа во 2017 година го сними своето првенче, албумот именуван како „Гласот на трубата“ со кој ги освои музичките критичари. Со избор на музика од широк жанровски спектар ова издание ги доби сите позитивни критики на стручњаците. Притоа особено беше фалена магичната интерпретација на труба на Ренодин-Вари која, како што ќе биде забележано, „подеднакво добро се снаоѓа во изведбата на класичните дела, кои претежно се аранжирани за труба, како и во џез-импровизациите“.

Од друга страна, не помалку фалено и славно е и името на диригентот маестро Петер Феранец од Словачка. Роден 1964 година во Братислава, тој најнапред дипломирал на тамошната Музичка академија во 1985 година, за да не многу потоа застане на подиумот на Интернационалниот фестивал и семинар „Барток“, диригирајќи современа музика.

Набрзо ги почнал и петгодишните студии во Санкт Петербург под менторство на славниот Марис Јансонс, добивајќи стипендија од Министерството за култура на Русија. Откако ги комплетирал студиите, како постдипломец во Виена, маестро Феранец бил назначен за диригент на Словачката национална опера во Братислава.

Тогаш имал само 25 години и бил финалист на интернационалните натпревари во Токио и во Будимпешта, а освоил и Златен медал на Форумот за натпревар на млади уметници во Виена.

Од 1993 година, тој диригирал повеќе оперски продукции во Виенската камерна опера како шеф-диригент. Во престижниот Бољшој театар во Москва, пак, дебитирал во 1995 година со операта „Свадбата на Фигаро“, а потоа застанал зад подиумот како диригент во тамошните изведби на оперите – „Лучија од Ламермур“, „Травијата“, „Боеми“, „Аида“, „Љубов за три портокали“...и други.

Неговото гостување како странец диригент во тогашна нова демократска Русија било револуционерно. Од 1997 до 2000 година, Петер Феранец бил гостин-диригент во Филхармонијата на Санкт Петербург, Лондонскиот филхармониски оркестар, оркестарот на градот Тулуз, Симфонискиот оркестар во Питсбург, Словачката филхармонија, Чешката филхармонија, Филхармонијата во Осло, Московскиот симфониски оркестар, Токио симфониски оркестар...

Неговиот фокус повеќе е насочен кон операта, диригирајќи во престижни оперски куќи во Германија, Чешка, Франција, Русија и во Норвешка. Во сезоната 2004/2005 година, тој дебитирал и во Операта во Цирих диригирајќи неколку балетски продукции, а од 2009 до 2011 година бил шеф-диригент на Михаиловски театар во Санкт Петербург и музички директор на продукции како што се „Лебедово езеро“, „Русалка“, „Боеми“, „Заспаната убавица“...

Од 2012 година Феранец бил музички директор и на Националната опера „Јаначек“ во Брно, а за време на неговата богата кариера реализирал и неколку успешни турнеи во САД (18 концерти со Симфонискиот оркестар на Бољшој), како и во Европа и во Јапонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG