По прв пат сум во Македонија и голема чест е не само да се отвори сезоната, туку и да се биде дел од еден ваков јубилеј, 70 години постоење. Концертот на Лало што ќе го изведам утревечер ми е особено драг зашто пораснав со него. Го свирев на 15 години кога првпат учествував на натпреварот „Чајковски“ во Москва и е напишан точно 100 години пред да се родам. Затоа и се чувствувам посебно што му се враќам на делото и и се радувам на можноста што ќе можам мојата радост да ја поделам со македонската публика.
Вака говореше виртуозот на виолончело Даниел Милер-Шот во 2014 година на почеток на 70 јубилејна сезона на Македонската филхармонија. По цели четири години од тој спектакл, овој амбасадор на музиката на 21 век и прочуен инструменталист од новата генерација, в четврток на 6 декември, како солист со националниот ансамбл ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар бр. 1 од еден од најзначајните руски композитори на 20 век, Дмитриј Шостакович.
А, кога сме веќе кај германскиот виртуоз Милер-Шот, на самиот почеток само еден квалитатив позајмен од „Њујорк тајмс“ - за него таму ќе биде напишано дека е „бестрашен интерпретатор со извонредна техника“.
Слегувањето низ времето наназад, пак, вели дека тој е роден во 1976 година во Минхен. Студирал со видни имиња – германскиот виолончелист Волтер Нотас, австрискиот Хајнрих Шиф, како и со британскиот колега Стивен Исерлис, а преку фондацијата на славната виолинистка Ана-Софи Мутер, на нејзино лично инсистирање, поминал една година студии со прочуениот Мстислав Ростропович. На 15 години, во 1992 година, Даниел ја добил првата награда на Интернационалниот натпревар за млади музичари „Чајковски“ во Москва, и оттогаш неговата кариера добива интернационално значење.
Неговото име ќе биде запишано на видни места во репертоарот на прочуените сцени, а тој нема да се штеди воодушевувајќи ја публиката со својата виртуозност, со нескриено енергичната интерпретација, со совршената комбинација на техничка, интелектуална и емотивна зрелост. Ова подразбира дека Милер-Шот имал можност да соработува со голем број водечки оркестри во САД, Европа и Азија, со врвни диригентски имиња како што се Ашкенази, Мазур, Орамо или Превин, а неговиот репертоар е составен од најпознатите дела напишани за виолончело.
И да не одиме многу подалеку, само во актуелната концертна сезона, тој настапува и ќе настапува со Тонхале оркестарот во Цирих, Кралскиот филхармониски оркестар, Симфонискиот оркестар од Далас, а пред него е и продадената светска турнеја со рецитали и камерни концерти. За Денот на германското единство во Берлин годинава и во знак на сеќавање на неговиот починат учител Ростропович, Даниел Милер свиреше пред Бранденбуршката порта дела од Јохан Себастијан Бах, пред околу 500 илјади слушатели.
Виолончелистот е добитник на значајни награди и признанија и реализирал голем број снимки за познатите издавачки куќи за сериозна музика како „Орфеј“, „Дојче грамофон“, „ЕМИ класикс“... Инаку со својата сонародничка и славна светска виолинистка Ана-Софи Мутер и со пијанистот, композитор и диригент Андре Превин, тој ги сними Моцартовите трија за пијано, а со Анџела Хјувит, познатата канадска пијанистка, посегнаа и ги документираа сите дела на Лудвиг Ван Бетовен за пијано и виолончело.
Конечно, кога сме кај него и податокот кој го љубат мнозина - Даниел Милер-Шот свири на инструмент од 1727 година направен од Матео Гофрилер, најпознатиот венецијански изработувач на виолончела.
Инаку, на овој концерт на Македонската филхармонија, насловен како „Морски бранови“, ќе бидат изведени и Четири морски интерлудии од операта „Питер Грајмс“ од Бенџамин Бритн, како и „Море“ и премиерно пред македонската публика „Потонатата катедрала“ од прочуениот француски композитор Клод Дебиси.
Со оркестарот во оваа пригода ќе диригира маестро Румон Гамба од Велика Британија, кому ова му е прво гостување во Македонија.
Збор-два и за овој голем уметник кој во досегашната кариера бил на неколку значајни позиции - шеф-диригент и музички директор на Шведската оперска компанија Норланд опера (2008–2015), шеф-диригент на Алборг симфонискиот оркестар (2011–2015), како и шеф-диригент и музички директор на Симфонискиот оркестар на Исланд (2002–2010).
За него е познато и тоа дека се фокусира на современата музика и неговото име стои зад светските премиери на „Две момчиња“ на Нико Мулеј во Англиската национална опера, Концертот за виола на Брет Дин со Би-Би-Си симфонискиот оркестар, националните премиери на „Танцувач во ноќта“ на Пол Рудерс, „Крв на подот“ од Марк Ентони или „Скерцоид“ со Норланд опера, како и австралиската премиера на оригиналната верзија на Симфонија бр. 5 од Сибелиус...
Конечно, неговото име може да го сретнете и на голем број носачи на звук со современи творби. Така минатата година, маестро Гамба се враќа на Би-Би-Си промс, диригирајќи со врвниот џез-ансамбл „Bang on a Can All-Stars“ заедно со Младинскиот ансамбл. Кон ова само уште и информацијата дека освен на полето на современата музика, уметникот е активен и како диригент на дела од железниот оперски репертоар како што се „Кармен“, „Боеми“, „Отело“, „Кандид“, „Риголето“ и други.