Достапни линкови

Бранка Костиќ – Марковиќ: Урнати ми се идеалите!


Бранка Костиќ Марковиќ, фото: Ангел Ситновски Бојс
Бранка Костиќ Марковиќ, фото: Ангел Ситновски Бојс

Си велев штом решија мене да ме стават за претседател на Управен одбор конечно ќе се доведат работите во ред. Дека ќе почнат да се почитуваат вистинските вредности. Но, со оваа постапка ми се уриваат тие надежи, вели Бранка Костиќ Марковиќ.

Во пресрет на 74-годишнината на Македонската филхармонија, бура во нашата национална институција. На предлог на актуелниот директор Виктор Илиевски, со решение на Министерот за култура Асаф Адеми, магистер Бранка Костиќ Марковиќ е разрешена од функцијата претседател на Управниот одбор на Македонска Филхармонија.

„Јас сум навистина изненадена од одлуката на министерот, а потоа и од образложението, бидејќи тоа е противзаконско. Не уживам во овие состојби, зашто гледам дека директорот, не знам зошто досега не се јавил во јавноста, зошто не ги афирмирал проблемите со мене ако имал докази дека правам нешто противправно, туку сега, откако новинарите почнаа да прашуваат зошто сум разрешена, а јас сум од таа фела и нормално ги почитувам, морам да дадам свој исказ. Откога кажав што се случува, тој почна да напаѓа и да мафта со претпоставувам лични документи дека ќе ме даде на суд. Ако јас сум барала вработување, ако сум уценувала, досега сто пати можел тоа да го каже и да се пожали“, вели Бранка Костиќ - Марковиќ.

Таа дополнува дека Илиевски тоа досега не го направил. Дека можела да биде повикана во Министерството за култура, да биде опоменета, но истакнува дека ништо од тоа не се случило.

„Ова што ви го кажувам е сега е наспроти неговите клевети дека сум барала вработување. Тоа беше една негова дамнешна идеја за ставање под контрола на дел од вработените во институцијата за кои сметаше дека се луѓе блиски до претходната директорка. Тој се жалеше пред Управниот одбор за нивната работа, пред мене. Ова не се гордеам што морам да го кажам, меѓутоа бидејќи тој мафта со лични преписки, ќе речам и тоа дека ние дури и му пишувавме говори. Мој е предговорот, односно неговото обраќање во брошурата за првата сезона откога е тој во мандат“, истакнува сега поранешната претседателка на Управниот одбор на Македонска Филхармонија.

Костиќ - Марковиќ ќе каже и дека Илиевски и предложил, јавно зборувал пред Управниот одбор, дека му треба „човек како неа и доколку има можност во Филхармонијата да му помогнам да ја подготвува систематизацијата“. Му помогнала во планот за вработувања, но никаде „нејзиното евентуално и потенцијално место не влегло во ниту еден документ“. Во ниту една систематизација од проста причина што таа „не била заинтересирана бидејќи веќе има своја работа“. Дека притоа би бил судир на интереси и оти е многу глупаво од таа позиција да си го расипе угледот и пред целата музичка фела да бара вработување“. Да биде вработена „токму тогаш или после истекување на мандатот“.

„Си го чувам својот интегритет. Тој е граден пред сè во приватниот сектор. Никому ништо не должам. Уживам углед кај музичарите, кај вработените, бидејќи ја следам Филхармонијата над 20 години. Директорот не знам како се дрзнува да кажува вакви работи затоа што не знам дали е свесен доколку решам приватната комуникација да ја обелоденам, што секако ми е под професионалното ниво и гледам да не ги повредам и другите луѓе во приказната, вработените, членовите во Управниот одбор, бидејќи дури тогаш ќе излезат многу погрдни пораки од негова страна. Притисоци кон мене како претседател. Клевети дека ќе ме тужи за работата и такви нешта“, вели таа.

Бранка истакнува дека доколку некоја институција од државата се заземе да ги испитува состојбите, таа ја има целата документација. Конечно дека сето тоа му е предадено и на министерот Асаф Адеми.

Јас го советував на почетокот да не се однесува реваншистички кон претходниците. Да не ги трга од програма светските уметници кои беа закажани од претходните итн., односно да се издигне на професионалното ниво и да не ги интимизира работите. Тој сега продолжува во истиот манир, го користи тоа против мене. Не знам зошто сè уште не одговара на прашањата коишто му се поставени: Зошто ги кршел процедурите? Зошто вршел притисок кон Управниот одбор и зошто правел акти за коишто не бил информиран и не добил одлука од Управниот одбор“, вели таа.

Бранка Костиќ - Марковиќ, ​фото Ангел Ситновски Бојс
Бранка Костиќ - Марковиќ, ​фото Ангел Ситновски Бојс

Музикологот ќе рече дека себе си смета за непоправлив оптимист и дека со нејзиното делегирање во Управниот одбор на една национална установа ја имала надежта дека ќе се професионализираат работите. Дека конечно „е дојдено времето да се вратат состојбите во времето кога сепак постоел систем и кога без разлика на партиската припадност се ценела стручноста на кандидатот“. Дека самата не е член на некоја партија, ниту дека работела во јавниот сектор.

„Се однесувам професионално и си велев штом решија мене да ме стават за претседател на Управен одбор конечно ќе се доведат работите во оној ред којшто сите го посакуваме. Нели оној толку зборуван европски курс, односно дека ќе почнат да важат стандардите, правилата, односно дека ќе почнат да се почитуваат вистинските вредности како на зрелиот Запад, да кажеме. Но со оваа постапка ми се рушат тие надежи и не е воопшто важно дали сум јас во прашање, бидејќи утрово кога се разбудив си помислив: Чекајте дали е разрешен директорот Илиевски или јас затоа што се чувствувам дека јас сум таа наградената и сега директорот се правда дека нешто му е сторено нему“, вели таа.

Костиќ - Марковиќ тврди дека таа си ја сфатила задачата како што претпоставува дека секој треба да ја сфати. Да ја врши функцијата којашто и е зададена и регулирана со закон. Да се грижи за уметниците и уметноста пред сè. Да го става својот интерес зад општото добро и зад уметноста. Затоа е разочарана од ваквите постапки.

Срушени ми се идеалите, морам да признаам. Но, искрено се надевам дека од оваа лоша состојба ќе произлезе нешто добро и дека следните генерации и оние коишто немаат работа, многу луѓе коишто вредат во земјава и размислуваат да се иселат токму заради тоа што ја немаат платформата каде да творат, ќе научат нешто. Тоа е навистина огромна штета бидејќи ако сакаме да бидеме држава се знае што нè чини држава. Тоа е културата, тоа е писменоста, образованието, здравството, а ние гледаме дека се тие девастирани. Но, не само што заклучивме дека се девастирани, туку и не гледаме дека има искрена намера да ги вратиме на вистинскиот курс“, вели Бранка Костиќ - Марковиќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG