Достапни линкови

Авангардните патишта на Вилсон и Валитуто во Македонска филхармонија


„Авангардни патишта“ е насловен концертот на современа, експериментална музика што американскиот композитор и пијанист Ричард Валитуто и неговиот сонародник, саксофонист и автор Дејв Вилсон, ќе го одржат в сабота, на 1 декември во 20 часот, во камерната сала на Македонската филхармонија.

По незаборавниот перформанс на гитаристот и експериментатор Фред Фрит (кој патем како организатор го потпиша Скопје џез фестивал) во камерната сала на Македонска филхармонија, уште еден концерт на современи американски музичари што безусловно треба да го разбуди љубопитството на домашната публика. Оваа сабота, своите „Авангардни патишта“ премиерно ќе ни ги претстават двајца исклучителни уметници Ричард Валитуто, пијано и композиција и Дејв Вилсон, саксофон и композиција.

Тие за оваа пригода ќе изведат програма во која се одбрани дела од современи автори, меѓу кои Ребека Саундерс, Филип Кашиан, Николас Дејо и големиот Џон Кејџ, како и една нивна композиција што ќе се најде на новиот албум на дуото.

Греми номинираниот пијанист Ричард Валитуто чиј фокус е на современата музика, изведувајќи ја на пијано, оргули и чембало, се смета за еден од највлијателните автори денес. Тој е солист, камерен музичар, композитор, импровизатор и фантастичен креативец, кој постојано настапува во САД, како и во Европа. Критичарите го опишуваат како „исклучителен солист“, „енергично виртуозен“, „специјалист за нова музика“ („Лос Анџелес Тајмс“), или „неговата харизма како солист која се огледува и во флексибилната умешност како дел од музички колектив, не може, а да не се забележи“. Специфичниот вкус на Валитуто и вештата техника, му овозможија да соработува со видни композитори вклучувајќи ги и Џон Адамс, Брајан Фернихо, Софија Губајдулина, Џон Харбисон, Дејвид Ланг, Џорџ Луис, Мередит Монк и Стив Рајх.

Член е на Камерниот оркестар и на креативниот колектив „Wild Up“, кој според „Њујорк тајмс“ беше прогласен за најдобар состав за класична музика во 2015. Постојано соработува со извонредниот саксофонист Дејв Вилсон од САД, како дуо „Slant“, но и со неговата сопруга и партнерка, сопранистката Џастин Аронсон, изведувајќи дела од современи автори.

Ричард Валитуто
Ричард Валитуто

Говорејќи за соработката со Вилсон, Валитуто знае да каже дека таа започнала пред неколку години преку програма каде овој напишал џез дело за оркестар кој свири класична музика. Тогаш самиот член на ансамбл кој бил формиран во Лос Анџелес, но со кој активно оделе на турнеи низ САД, наречен Wild Up.

„Овој проект „Авангардни патишта“ беше начин, додека се запознававме и здружувавме, да ја свириме музика која обајцата ја сакаме. Со тоа што јас ете доаѓам од класичната музика, но исто така и импровизирам со авангардна и експериментална музика. И тој има слична позадина, но со повеќе џез елементи. Тоа беше начин ние да создадеем музика наоѓајќи се во средина преку различни патишта. Всушност овој проект, овој концерт е презентација на повеќе перспективи на генералната идеја за создавање музика“, вели пијанистот Ричард Валитуто.

Музичарот и со дополна дека едно од делата што ќе ги изведат во Скопје е од Џон Кејџ, познат американски експериментален композитор, кој живееше во 20-тиот век.

Кога некој го прашал Кејџ за музичкиот стил и современата музика, тој наместо дефиниции му понудил појаснување во кое патиштата ги споредува со различни струи, различни речни текови.

„Тој веруваше дека различните струи и стилови се спојуваа како во една река, во делта. Притоа сите музички стилови би станале едно и би исчезнале во океанот, по што би испариле во небото. Тоа е еден тежок и креативен начин за објаснување на стиловите и создавањето уметност, но мислам дека е токму тоа е објаснувањето за нашата програма. Во неа јас ќе свирам соло композиции кои се напишани неодамна од автори со кои имам работено во последните неколку години, а со Дејв заеднички најмногу би импровизирале и би свиреле оригинални дела. Тешко е да се објасни нашиот концепт бидејќи обајцата сме активни во различни патишта. Одејќи низ лавиринт, како да ги цртаме нашите искуства во различни култури и стилови на создавање музика“, смета Ричард.

Со слично појаснување за потрагите и неговиот пријател и музички собеседник Дејв Вилсон. Тој смета дека за него оваа соработка била голем предизвик.

„За мене беше ова навистина голем предизвик. Како всушност да ги спојам тие елементи од класиката и од џезот, затоа што и двајцата имаме искуства и од џезот и од класиката. Како што Ричард посегајќи по зборовите на Џон Кејџ вели ние се трудиме да пливаме во истата река и затоа самата музика што ја свириме во овој проект, во „Slant“ е импровизација“, вели тој.

Саксофонистот и со информација дека оваа музика е забележана и дека ќе се најде на нивниот албум со името на дуото, а дека зад нив застанува една специјализирана издавачка етикета за експериментална современа музика од Калифорнија.

Потсетува дека камерната сала на Македонската филхармонија е идеален простор за ваков еден концепт, а дека Скопје има публика за една ваква звучна понуда бидејќи во градов има манифестации како Денови на македонска музика или Скопски џез фестивал кои и досега нуделе обмислени програми со авангардна музика.

„Овој проект е само продолжение на таквите тенденции и затоа не се сомневам дека ќе понуди музика којашто ќе биде разбирлива за публиката, а во кој ние дефинитивно поестоечките граници сепак ги предизвикуваме. Ние откако го снимивме овие композиции што ќе се најдат на албумот чие излегување го очекуваме наскоро, сме навистина пресреќни што ја имаме можноста „Slant“ да го промовираме во Македонија и воопшто премиерно да го претставиме на Балканот“, истакнува Вилсон.

Дејв Вилсон
Дејв Вилсон

И, збор – два и за него иако тој и не и е непознат на македонската публика. Посебно онаа што го љуби џезот.

Дејв Вилсон е саксофонист, композитор и етномузиколог. Неговата музика вклучува дела за камерни ансамбли, оркестар и џез-состави, а има работено и во сферата на комерцијалната и филмската музика како изведувач, аранжер и композитор. Зад себе има богато искуство како музички уметник, а неговите последни албуми добија одлични оценки од публиката и од музичката критика, вклучувајќи ги „In Passing“ (SkyDeck Music, 2017) - албум со оригинална музика за ут и кларинет / бас кларинет дуо во соработка со Гејб Лавин; потоа „On the Face Place“ (SkyDeck Music, 2017) - со скопскиот џез-состав „CSPS“ ансамбл; и наскоро албумот „Slant“ (pfMENTUM, 2018) - дуо во соработка со пијанистот Валитуто.

Во 2013 година, вилсоновата композиција „Springs of a Desperate Heart“ беше изведена од страна на Бафало филхармонијата како дел од „EarShot Readings“, а во соработка со American Composers Orchestra и Jazz Composers Orchestral Institute.

Настапувал и како изведувач и како автор и во Македонија, вклучувајќи ги фестивалите „Денови на македонска музика“, „Скопско лето“, со групата „Љубојна“ и со многу џез-музичари и диџеи од македонската електронска музичка сцена.

Дејв е познат и по соработките со популарните „Tears for Fears“, со Дејв Стјуарт од „Eurhtyhmics“, со Енгелберт Хампердинк и композиторот Матео Месина. Неговите изведби го однесоа на сцените во Чикаго на World Music фестивал, Лотус фестивал, на Лондонскиот Паладиум, Сиднејската оперска куќа, Аранета Колисеум во Манила и низ Нов Зеланд.

Во последниве две години, Дејв Вилсон е професор по џез-студии на New Zealand School of Music на Универзитетот Викторија во Велингтон. Докторирал етномузикологија на UCLA, а во печат е неговата книга „Gateways to Understanding Music“ со Тимоти Рајс како коавтор, која треба да излезе од печат наредната 2019 година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG