Достапни линкови

Звуците на чаршијата 2018 – интеркултурен уметнички собир


Со учество на одбрани уметници, на неколку локации во старата Скопска чаршија, на 7 и 8 септември, ќе се одржи 12-то издание на мултимедијалната и мултикултурна манифестација „Звуците на чаршијата“ чија цел е да да заживее духот на традицијата како културен и духовен споменик на градот.

Во старото градско јадро на Скопската чаршија, в петок и сабота, на 7 и 8 септември, ќе се одржи 12-то издание на традиционалната манифестација „Звуците на чаршијата“, чија цел е преку концерти од сите жанрови, перформанси, фолклорни настапи, литературни средби, ликовни изложби и презентација на старите занаети, наново да заживее духот на традицијата како културен и духовен споменик на градот.

Всушност, „Звуците на чаршијата“ е мултимедијална и мултикултурна манифестација што, повеќе од една декада не само што стоички се обидува да потсети на заборавената традиција, туку и да оживее некои недоволно посетени простори на Скопје. Згора да даде и свој засебен придонес кон континуираните активности на Градот Скопје и Културно-информативниот центар - Скопје во Старата скопска чаршија.

А, согласно таквите настојби, и овојпат е направена богата културно-забавна програма чија цел е да ги анимира посетителите на овој дел од градот.

Случувањата овојпат ќе започнат во петок, на 7 септември, во 18 часот со настанот „Книжарницата во чаршијата“ во чии рамки е предвидена литературна средба со наслов „Тропам на вратата на писателот“.

Еден час подоцна, од 19 часот, на платото пред Штуловиот универзитет со концерт на класична гитара ќе се претстави ДУО БОЈКОВСКИ, за да потем публиката има можност да ги проследи перформансите на Емин Сали и на извонредната вокалистка Доника Домазети, која со многу љубов и виртуозност изведува албанска староградска музика во латино, џез и свинг ритам.

Првата вечер настаните е планирано да кулминираат на плоштадот Скендербег со концерт на кој се очекуваат популарните ОКСИЏЕН БЕНД, како и музичките уметници Линдита Хакај (мецоспоран), Рина и Саранда, и Неџат и Ваљон Сума.

Мецосопранистката Линдита Хакај
Мецосопранистката Линдита Хакај

Со безмалку идентичен концепт е и вториот ден од манифестацијата. „Звуците на чаршијата“ повторно ќе потечат од плоштадот Скендербег, каде едно по друго на сцената се очекуваат појавувањата на диџеј Гамблеманиа, Џурим Дема, Фатјон Мифтари и Ардиан Бакали, многупопуларниот Албан Скендерај и Гето Геаси-Маршал Џангл.

Сермине Пурини, директорката на Културно информативниот центар – Скопје, потписникот на ова културно случување, посочува дека „Звуците на чаршијата“ е можност за едно поинакво другарување и почитување на традициите. Дека оваа идеја е првиот чекор што Град Скопје го направи во 2006 година како иницијатива за заживување на чаршијата. Изменетото работно време и забраната за движење на возила по улиците на чаршијата, пак, придонесоа таа да стане најфереквентното место во градот во кое доаѓаат да се забавуваат граѓани од сите националности.

Таа и со дополна дека во текот на изминатава декада и потоа на манифестацијата учествувале мнозина познати пејачи, уметници, танчери, аниматори, познати групи - македонски, албански, турски, ромски, сè со идеја „Звуците на чаршијата да биде онака како што е замислена мултимедијална и мултикултурна. Притоа КИЦ – Скопје, освен на реномирани уметници, редовно им давал шанса и на дебитанти, кои токму тука, на ова место, на оваа манифестација ја започнале својата солистичка кариера.

„Целта на овој проектот е презентација на различните традиционални уметности, традиции и култури во Македонија. Со еден збор ова е зближување и подобро запознавање меѓу етникумите во земјата, значи доближување до граѓаните преку нудење на уметнички перформанси и уште многу, многу други настани. Ова е интеркултурен собир на артисти од Македонија и од другите држави“, вели Сермине Пурини, директорка на КИЦ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG