Достапни линкови

Македонија не е изземена од евентуалните терористички напади


Странски борци во Исламската држава.
Странски борци во Исламската држава.

По спречениот терористички напад на Исламската држава во земјава се покрена прашањето колку повратниците од боиштата во Сирија и Ирак се закана по безбедноста. Според упатените, земјава не е изземена од евентуални напади и потребна е ресоцијализација на повратниците.

Околу 150 македонски државјани учествувале во војните во Сирија и Ирак како припадници на паравоени формации. Од нив, досега во земјава се вратени околу 80 лица. МВР неодамна соопшти дека по дојава од пријателска земја полицијата спречила терористички напад од Исламската држава во земјава уште во процесот на планирање. Поради тоа што се работи за чувствителен случајот од Министерството не дадоа никакви дополнителни информации.

Со сличен одговор излезе и Обвинителството кое само соопшти дека надлежен обвинител издал наредба за вештачење на одземените предмети, но поради чувствителноста не може да споделат повеќе информации.

Борците од странските боишта остануваат проблем

Досега во земјава немало некои сериозни знаци на чувствителност во однос на тероризам и терористички групи, вели деканот на факултетот за безбедност Никола Дујовски. Според него, нормално како и останатите земји од Балканот и ние сме зафатени со проблемот на странските борци кои што ги има во завиден број, но се со ограничените капацитети.

„Во конкретниов случај станува збор за една многу мала, изолирана ограничена група за којашто и нашите органи имаат соодветни сознанија. Впрочем дел од тие се на издржување на казна затвор за сторени други кривични дела, меѓутоа се разбира имале одредена логистика, оружје и друга опрема којашто МВР со соодветна наредба ја заплени и тоа е сега на вештачење. Очекувам дека ваквите превентивни активности имаат за цел токму тоа, да не се дозволи да се исполни основната цел на тероризмот, а тоа е предизвикување паника кај населението. Сакам да ве уверам дека во овој момент не постојат никакви информации кои што водат кон тоа дека Република Македонија ќе биде изложена на посериозен терористички акт“, вели Дујовски.

Опасностите во Европа по поразот на Исламската држава
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:17 0:00

Тој додава дека сите информации со кои располагаат службите се покажало досега дека навремено се обработуваат, при што полицијата и другите органи успеваат да спречат и планирање на активности од тој вид.

„Овој случај кој го предизвика интересот на јавноста изминатата недела станува збор за запрени активности уште од самото планирање, пред да се започнат било какви подготвителни дејствија. Воопшто не станува збор за никакви напредни дејствија па да речеме дека само што сме го спречиле самиот чин на изведување на терористичкиот напад. Не. Затоа апелирам нема потреба од никаква паника“, порачува Дујовски.

Американската амбасада во Скопје издаде предупредување за зголемен ризик од терористички напад во земјава.

„Екстремистите повеќе се стремат кон изнаоѓање и напади врз „меки цели“, како што се: трговски центри и пазари, аеродроми, хотели, клубови и ресторани, верски објекти, училишта, паркови и јавни настани од висок профил (спортски натпревари, политички митинзи, демонстрации, празнични настани, славенички собири итн)“, се наведува во предупредувањето од Американската амбасада, во кое се посочува дека „терористите сè почесто користат помалку софистицирани методи за таргетирање на групи луѓе на јавни места, вклучително и со користење на пиштоли, возила и остри предмети“.

Нејасните информации го зголемуваат стравот

Предупредување издаде и бугарското МНР. Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, пак, смета дека токму нејасните информации од МВР го зголемуваат стравот во јавноста.

„Сепак треба да се пристапи сериозно, бидејќи и САД, сега и Бугарија укажуваат на можни терористички акции, но не се доволно тие моменти објаснети во јавноста и затоа постои вознемиреност и негодување во јавноста дека недоволно објасни МВР во која насока се преземаат мерки, што е спречено, што се подготвувало. Значи, обврска на МВР е на соодветен начин тие работи да ги објасни за да се смират граѓаните“, вели Трајанов.

Национален координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров вели дека само разузнавачките служби располагаат со вистински информации колкав е степенот на закана.

„Секоја земја е потенцијална мета, меѓутоа терористите секогаш бараат својата цел да ја остварат најгласно, а тоа го прават претежно, како што покажа и минатото време со нападите во метрополите во Европа и во Америка. Значи тие им се некако „помили“ за напад. Зошто, затоа што публицитетот и јавноста и седмата сила е највеќе насочена и подолг временски период зборува и пишува за таквите напади. Во таа ситуација, ако направиме анализа, Република Македонија би била во понизок степен на закани од тие држави.

Дали повратниците се закана по безбедноста?

Пивоваров додава дека регионот има доста лица кои биле дел од милитантната група Исламска држава.

„Тоа се буквално темпирани бомби затоа што таму имаат обуки кои водат во правец на извршување на терористички акти, пред се човек самоубиец, што досега не беше познато на тлото на Европа. Тие извршители на такви кривични дела се најтешки за откривање и се најопасни за извршување на терористичкиот акт, бидејќи нанесуваат големи материјални штети и со тоа сакаат да пратат сигнал до властите на одредена држава дека таа не е способна да ги заштити безбедносно своите граѓани“, додава Пивоваров.

Македонија никогаш не била изземена од евентуалните напади поради големиот број на припадници на Исламската држава кои потекнуваат од Балканот, смета Трајанов.

„Тие радикални структури самите по себе се закана за безбедноста и стабилноста на било која држава, ако можат да нападнат во Франција, во Белгија, во Германија. Мислам дека ние за да се смири состојбата, да нема реакции кај граѓаните цело време викаме не сме цел. Апсолутно никогаш не сме биле изземени како држава и како аспиранти за влез во НАТО и визави состојбите на Балканот“, посочува тој.

Професор Стефан Буџаковски порачува дека предупредувањето за обидот за терористички напад најавува бурен период кој ќе следи поради решавањето на одредени прашањата кои се врзани за земјава, Косово и Србија.

„Безбедносната закана од ваков тип на луѓе кои учествувале во преземање на било какви дејствија како борци на ИСИС се потенцијал не само за Република Македонија, туку и пошироко за Балканот. Секако дека овие формации можат да бидат употребени за решавање на овие прашања., да се предизвикуваат конфликти и да изведуваат одредени терористички акти и итн“, смета Буџаковски.

Осудени 17 лица, обвинение за 7

Во националната стратегија за борба против тероризмот за 2018- 2022 година се наведува дека се намалува бројот на Македонци кои заминуваат на боиштата на Блискиот Исток. Според стратегијата, главна причина за намалувањето на бројката е тоа што заминувањето на боиштата во Ирак и во Сирија стана кривично дело кое се казнува со затвор.

Се проценува дека најмалку 25 македонски државјани загинале на боиштата во Сирија и во Ирак. Обвинителството во декември поднесе обвинение против седум македонски државјани за учество во странска војска, паравоени или параполициски формации.

Според обвинителството, петмина од обвинетите се дел од истражни постапки во рамките на претходни акции, Ќелија 1 која беше спроведена во 2015 година и Ќелија 2 една година подоцна. Но, според соопштението, тие биле недостапни на органите на прогонот и за нив беа активни национални и меѓународни потерници. Во август годинава обвинетите им беа предадени на македонските органи на прогонот. Претходно со обвинителството за пониски затворски казни се спогодија 17 лица кои беа уапсени по двете полициските акции.

Опасностите во Европа по поразот на Исламската држава

Американскиот претседател Доналд Трамп им порача на европските сојузници да вратат дома и да изведат пред суд околу 800 милитанти на Исламска држава, заробени во Сирија. Трамп напиша на Твитер дека поразот на Исламската држава на границата меѓу Сирија и Ирак ќе значи оти Соединетите Држави ќе бидат принудени да ги ослободат со оглед на тоа што американските војници треба да се повлечат од Сирија.

Гоце Атанасов

„Нерешавањето на ова прашање ќе значи дека борците на групата би можеле да се инфилтрираат во Европа“, предупреди Трамп, повикувајќи ги Британија, Франција и Германија да си ги преземат обврските.

Генерал-мајор Чип Чепмен, поранешен шеф за борба против тероризмот во британското Министерство за одбрана вели:

„Каде што Доналд Трамп е во право, се разбира, ако САД се повлечат, е тоа што за затворениците кои се држат - и не заборавајте дека ова не е само борци на ИД, туку жени и деца, ќе ви треба политичко решение за сите овие три групи,“, вели Чепман.

Паѓањето на Багуз, последниот џеб на борците на Исламската држава, значи и крај на четиригодишната глобална кампања за уништување на екстремистичката група на територијата на Сирија и Ирак. Од организацијата

„Луѓето бараат промени“ која беше формирана во 2013 година како одговор на влошувањето на конфликтите на Блискиот Исток велат дека поразот на Исламската држава нема да значи и крај на опасноста од тероризам. Нидал Битари, управен директор на оваа организација која помага да се обезбеди долгорочна помош и поддршка за луѓето на Блискиот Исток вели: „Како што ослободувањето на источна Сирија и Мосул од ИД не беше во прашање, туку во прашање беше како да се одржи овој пораз. Багуз, да, е последната област која е контролирана од ИД, но не сум сигурен дека тоа ќе биде и крајот на ИД“.

На врвот на моќта на оваа милитантна група во 2014 година, нејзиниот таканаречен „калифат“ се протегаше на скоро една третина од Ирак и од Сирија. Сегашната елиминација на Исламската држава покрај чувството на победа го носи и стравот од она што би можело да претставуваат такви доброобучени и искусни милитанти за безбедноста во Европа.

Германската министерка за одбрана Урсула фон дел Лејен, по средбата со нејзиниот американски колега Патрик Шанахан во минатата недела во Минхен изјави дека ИД го менува своето лице.

„Треба да се забележи дека ИД го менува своето лице и се реорганизира тајно, гради мрежи со други терористички групи, со што стана дел од глобална мрежа, која се обидува да биде тајна“, рече фон дел Лејен.

Како своевидна потврда на ова беше и веста што ја објави турската државна новинска агенција Анадолија дека властите во северозападната провинција Бурса уапсиле 52-ца сириски државјани, осомничени џихадисти од Исламската држава.

Турција ја обвинува ИД за серија терористички напади, вклучувајќи го и оној во минатата година во железничката станица во главниот град Анкара, во кој загинаа 100 животи. Турција ја засили борбата против џихадистите и и дозволи на меѓународната коалиција предводена од Соединетите држави од турска територија да изведува воздушни напади врз оваа група во Сирија.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG