Достапни линкови

Сменет фокусот на борбата за човекови права


Унгарија ги крши човековите права, исклучок е Груевски
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:51 0:00

Унгарија ги крши човековите права, исклучок е Груевски

Изминатата година граѓаните во Македонија се пожалиле најмногу на кршење на социјалните права, правата од работен однос, а тука се и вечните теми како жалби за правосудниот систем, односот на полицијата, условите во затворите. Во најновиот извештај на Хјуман Рајтс Воч, пак, за Унгарија и за Полска се вели дека се најлошите во рамките на Европската унија.

Луѓето сѐ повеќе се борат за своите права, оценува невладината организација Хјуман Рајтс Воч во својот годишен извештај објавен неодамна. Глобалната слика за човековите права е измешана – насловните страници ги полнат автократите и злоупотребите, но се повеќе на сила добиваат и поборниците за заштита на човекови права, демократија и владеење на правото, стои во извештајот. Во него овојпат нема податоци за состојбата со човековите права во Македонија.

Домашните институции и организации кои се занимаваат со заштита на човековите права и слободи наведуваат дека изминатата година граѓаните се пожалиле најмногу на кршење на социјалните права, правата од работен однос, а тука се и вечните теми како жалби за правосудниот систем, односот на полицијата, условите во затворите.

Расте свесноста за барање на правата

Народниот правобранител бележи благо зголемување на претставките за човекови права 2018 во однос на годината претходно. Заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа вели дека тоа не значи дека има зголемување на кршење на човековите права, туку луѓето сè повеќе стануваат свеси дека може да си ги бараат своите права, а и ја препознаваат институцијата како место каде може да добијат помош.

„Ако во 2017 година се постапуваше по 3223 претставки, во 2018 бројот на претставки поднесени до Народниот правобранител се поднесени 3458“, вели Бајрамовска- Мустафа.

Податоците покажуваат дека има тенденција на повреди на економските и социјалните права. Карактеристични се барањата на граѓаните и за остварување на правата од имотно-правните односи, вели Мустафа.

„Особено на постапките за денационализација, што започнаа пред повеќе од 10 години и, за жал, со ваквото темпо како што траат не очекуваме нивно брзо завршување. Нашата констатација во овој дел е неефикасност во работата на надлежните органи, префрлување на предметите од управното судство во надлежните комисии за денационализација, кадешто нашето постапување покажува дури и губење на предметите на граѓаните, а уште пострашно е тоа што без укажување на Народниот правобранител самите тие како надлежни органи не пристапуваат да ги заштитат правата на граѓаните“, вели заменик народниот правобранител.

Забележително е зголемувањето и бројот на претставки од работен однос. Ако во 2017 имало 199, за годината потоа имало 330. Во оваа областа граѓаните се пожалиле на нарушување на правата во постапките на вработување, неисплата на плати и надоместоци, распоредување, престанок на работа. Продолжува незадоволството од условите во затворите и притворите, и тука има благо зголемување на претставките.

„Најголемата поплака останува во делот на здравствената заштита, незадоволството од законот за амнестија за што и неколку пати штрајкуваа“, вели Мустафа.

И во 2018 продолжува незаконското, непрофесионалното и некоректно постапувањето на полицијата. До Народниот правобранител имало претставки за агресивно однесување на полицајци, со елементи на омаловажување, исмејување, потценување и тоа особено на припадниците на ранливите категории. А значително е зголемен и бројот на претставки во правосудството, но најголем дел од нив се однесуваат на стечајни постапки, незадоволство од извршители, работата на јавното обвинителство, одолговлекување на постапките пред управните судови.

„Ако во 2017 имавме повеќе од 500, 576 претставки во делот на правосудството, во 2018 значително е зголемен тој број и изнесува 945 поднесени претставки. Продолжување на праксата на губење на време повеќе во комплетирање на документите отколку во квалитетно расправање и одлучување по предметите“, вели заменик народен правобранител, Васка Бајрамовска - Мустафа.

Промената на власта донесе промени во фокусот на претставките

Извршна директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска дека по промената на власта има промени и во фокусот на претставките.

По промената на власта има промени и во фокусот на претставките
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:59 0:00

„Се додека не власт беше ВМРО-ДПМНЕ имавме сосема поинакви претставки, бидејќи стануваше збор за еден вид режим многу повеќе се занимаваме со граѓанските и со политичките права, како што се слободна на говор, слобода на медиуми, тортура, политички мотивирани случаи, политички прогон. Откако се смени власта, сега многу повеќе граѓаните размислуваат како да егзистираат“.

Таа вели дека до нив во најголем дел претставките се однесуваат на работничките права.

„Во јавност многу повеќе промовираме дека можеме да им помогнеме на работниците кога станува збор за повредата на нивните права, со оглед на тоа дека секојдневно добиваме претставки и информации дека во континуитет се врши експлоатација на трудот, прекувремена работа којашто не се наплатува, работа за празници, викенди, неисплатени плати. На работничките права се надоврзува и социјалната заштита“, вели таа.

Но не отсуствуваат и претставки за други области, како судски постапки, потоа зголемен број на случаи за семејно насилство.

Сменет е и односот со институциите вели Пировска, па додава дека сега се отворени за соработка, но дека се уште суштествените прашања на кои укажуваат како граѓански сектор не се имплементирани.

Луѓето сѐ повеќе се борат за своите права

Во годишниот извештај на Хјуман рајст воч се наведува дека на глобално ниво луѓето сѐ повеќе се борат за своите права.

Пировска вели дека протестите од Шарената револуција и протестите кои и претходеа во голема мера направи Македонија да биде земја на свесни граѓани.

„Појдете од социјалните медиуми, за секој гаф, за секој пропуст на власта во истиот момент граѓаните реагираат и критикуваат, тоа не беше случај во време на владеењето на Груевски. Граѓаните многу добро разбраа дека тие се тие кои можат да ги сменат работите во земјата, ако одлучат тоа да го сторат. Мислам дека имаме многу посвесно граѓанство и мислам дека тоа граѓанство нема да дозволи да се случи тоа што се случуваше за време на груевизмот. Сегашната власт треба да го има тоа предвид и сериозно да се замисли за своите пропусти во работењето “, вели Пировска.

Таа вели дека граѓаните кои протестираа и се бореа против претходната власт бараа да постои кривична правда во Македонија, но тоа не се постигна. Груевски нема да лежи, а нема ни одговори кој го помогна неговото бегство, се чекаат реформите од поглавјето 23, а се уште не е донесен законот за антидискриминација и законот за антикорупција, вели Пировска.

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија сериозно е подриена вербата на граѓаните во правда, оти се уште нема државна комисија за спречување корупција, отсуствуваат сериозни реформи во судството, се уште не се однесени законите за судови и за судски совет, а тука се и промените во кривичниот закон.

„Мислам дека мотивацијата на граѓаните да бараат правда и да очекуваат правда е срозена. Ова што претстои сега е потребата да се донесат законите и конечно да се направат реформи во судството. Процес кој сигурно ќе трае, бидејќи дури и законите да се донесат правораздавањето и пресудите за човекови права и против оние што ги кршат е процес којшто нема брзо да заврши и којшто доколку се случи евентуално би ја зголемил мотивацијата и довербата на луѓето во судскиот систем и во државата“, вели тој.

Извршниот директор на Хјуман Рајтс Воч, Кенет Рот оценува дека а Полска и Унгарија, се двете најголеми закани за демократските принципи во Европската унија.

Љупчо Наќев

Меѓу најголемите победи во битката за заштита на човековите права во минатата година, според годишниот извештај на Хјуман Рајтс Воч, се протестите во Унгарија против обидот на премиерот Виктор Орбан да го затвори Централно-европскиот универзитет, како и острите реакции од некои европски земји на убиството на новинарот Џамал Кашоги од страна на саудијски агенти. Во извештајот се наведува и дека генерално, авторитарните власти се повеќе се соочуваат со отпор и внатре од активисти, како и од странство.

Извршниот директор на Хјуман Рајтс Воч, Кенет Рот оцени дека Полска и Унгарија, се двете најголеми закани за демократските принципи во Европската унија.

„Полска е голема земја според европските стандарди. Унгарија е помала, но Унгарија е водена од Виктор Орбан, премиер кој е гласен бранител на неговата, така-наречена, илиберална демократија, кој во основа значи: ќе бидете избран и потоа комплетно ќе ги укинете контролата и балансот на извршната власт. Ќе ја компромитирате независноста на судството, ќе ги замолчите медиумите, како и различните граѓански групи, кои можеби ќе ви се спротистават со протестирање на улица.“

Европа е добра за одбрана на човековите права пред луѓето да и се приклучат на Европската Унија, но е ужасна во одбраната на тие принципи кога веќе сте внатре, заклучува Кенет Рот.

Во светот се случува еден нов, глобален тренд во врска со заштитата на човековите права.

„Знаете, Трамп е презафатен, прифаќајќи ги автократите кои ги смета за пријателски. Британија е комплетно преокупирана со Брекзитот. Францускиот претседател Макрон зборува позитивно, но не имплементира. Дури и во Германија, каде што канцеларката Меркел е беше вистински херој, е притисната од крајно десничарските предизвици.“

Затоа, позитивно е, додава Рот, што во многу случаи, помали земји, како и некои невообичаени сојузништва, заеднички вршеа притисок за нарушувања на човековите права. Како примери тој ги наведува заедничките притисоци и мерки на повеќе влади во врска со бомбардирањата врз цивили во Сирија, хуманитарната катастрофа во Јемен, етничкото чистење на Рохинџа муслиманите во Мјанмар.

Според Рот, најголемото кршење на човековите права, кое поминува речиси незабележано, е затворањето на милион муслимани во Кина, кое Пекинг го нарекува реедукација, што значи, насилна индоктринација за откажување од исламот.

„Луѓето се повеќе знаат дека ова се случува, но се воздржани, не зборуваат многу, бидејќи Кина троши многу пари, Кина позајмува многу пари. Тие настојуваат да си го купат влијанието.“

Хјуман Рајтс Воч, во извештајот им оддава признание на германските највисоки политичари, кои ги критикуваа лидерите на Русија, Кина и Турција за отстранување на политичката опозиција во нивните земји.

Унгарија, водена од Виктор Орбан, е една од најпроблематичните земји во Европската унија, во однос на човековите права. Но, човековите права на нашиот екс премиер Никола Груевски, му беа максимално испочитувани во Унгарија, и експресно доби политички азил.

Поранешниот премиер откако избега на Фејсбук се пријави каде е и се пожали на политички прогон, злоупотреби на правниот систем, закани по живот, делење притвор според политички прилики, дискриминација, а пиша и дека имал сознанија оти му се подготвува ликвидација во затвор.

Но посочените области не се влошија откако тој си замина од власт, туку се посочуваа во сите домашни и меѓународни извештаи како проблематични области уште додека тој беше премиер.

„Кога го засега него лично тој реагира, а кога станува збор за општо широка популација во државата тој како премиер што направил“, вели Маргарита Цаца Николовска од Институт за човекови права.

За сегашните власти парадокс е што земја членка на ЕУ му даде азил на Груевски.

„Сега Македонија како земја кандидат прави сè во земјата да владее правото и вистина е и иронија и парадоксално што човек што има правосилна пресуда, осуденик, којшто се соочува со четири други обвиненија и по пет други истраги, најде заштита да добие азил во земја членка на ЕУ, ова е проблем за Македонија, но и за ЕУ и за принципот на владеење на правото во ЕУ“, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Тој вели дека ЕК ја дефинираше Македонија како заробена држава, токму под владеењето на Груевски. А Совет за општи работи на ЕУ во јуни 2018 побара правна разврска и одговорност за кривични дела кои произлегуваат од прислушувањето. Тој заклучок е поддржан и од Европскиот совет, изјави Димитров.

Пировска од Хелсиншкиот комитет вели дека Груевски не може да докаже дека му биле нарушени правата.

Маргарита Цаца Николовска од Институтот за човекови права, која е и поранешна судијка во Судот за човекови права во Стразбур вели дека Груевски за да докаже дека му е нарушено некое човеково право треба да достави аргумент.

Невладини организации преку писма бараат политичка одговорност за бегството на Груевски. Една од институциите потписнички е и Институтот за демократија. Марко Трошановски од оваа организација вели дека во ред е тоа што владата не сака да се меша во работата на обвинителството, но дека сепак истрагата таму трае подолго време. И не е само проблем со бегството на Груевски, им избегаа и други обвинети или осомничени луѓе, вели тој.

„Одговорност за тоа ниту е утврдена, ниту некој сносел одговорност за тоа. Тука се јавува прашањето и проблемот, колку државата и институциите кои треба да испорачаат правда имаат капацитет истото да го прават, што кај граѓаните ја разнишува и онака ниската доверба во судството и институциите на системот“, вели Трошановски.

Од Владата одговорија дека првин треба да заврши истрагата која ја води Обвинителство, па јавноста ќе биде запознаена со деталите. Од Обвинителството пак велат дека се уште сослушуваат сведоци.

Македонија во извештаите на Хјуман рајтс воч пред неколку години беше посочувана како земја во која полицијата лошо постапува со мигранти и баратели на азил. А беше посочувана и за прекумерна полициска сила на протестите на 5 мај 2015 против владата на Груевски. Од организацијата му забележуваа на Груевски и за односот кон ЛГБТИ заедницата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG