Најмалку 20 граѓани можат јавно да изразат мислење или протест во отворен или затворен простор, според Законот за јавни собири, но деновиве постои негодување кај граѓаните на Скопје, бидејќи мала група луѓе секојдневно го блокира центарот на градот.
Во последниве неколку години, откако почна политичката криза во земјава, Скопје живее со дел блокирани сообраќајници.
Во моментов блокиран е булеварот Димитрие Чуповски пред Собранието од групи кои се противат на уставните измени поврзани со промената на името на државата.
Претходно, пак, крстосници блокираше „Шарената револуција“, а во меѓувреме се случуваа блокади и од страна на други групи.
Припадниците на групите од движењето „Македонија блокира“ минатиов викенд поставија шатори пред Парламентот и најавија блокади до крајот на годината.
Од друга страна тоа за голем број граѓани значи дека попладне ќе поминат повеќе часови во своите автомобили или во автобусите, кога во Скопје се прави огромен метеж поради блокадите.
Во близина на местото каде што е блокиран булеварот пред Собранието разговаравме со неколку граѓани, некои од нив беа видно револтирани и реагираа кај полицијата која го обезбедуваше просторот околу Собранието.
„Ова е премногу за овој град. И покрај лошово време со загадувањето, ова што се прави е малтретирање на граѓаните“, вели граѓанин на Скопје.
Поради ваквата ситуација, деновиве граѓани го отвораат и прашањето дали треба да биде изменет Законот за јавните собири кој предвидува дека најмалку 20 луѓе можат да блокираат улици.
Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права вели дека иако помала група ѓраѓани секојдневно го блокира градот поради протестите пред Собрание и го запираат неговото нормално функционирање, правото на протест е едно исклучително важно уставно право на граѓаните.
„Тоа навистина треба да биде прашање на една многу опсежна дебата. Во моментов нема простор да се коментира дека тие луѓе не смеат тоа да го прават, бидејќи тоа е во согласност со Уставот и во согласност со законот. Мислам дека таа дискусија треба да дојде во некое друго време кога ќе има поголема конструктивност во однос на овие прашања, од проста причина што не би требало да се ограничуваат тие права на граѓаните“, вели Пировска.
Според Уставот, граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола, а користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена состојба.
Сепак, во Членот 1-а од Законот за јавните собири се вели дека правото на мирно собирање може да се оствари на начин со кој мирно ќе се протестира и притоа нема да се ограничува правото на граѓаните кои не учествуваат во јавниот собир на слободно движење и на другите права од Уставот.
Професор Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, вели дека Уставот го гарантира правото на протест, но посочува дека во Уставот не е гарантирано правото на блокирање улици.
„Протестот се прави на начин кој не ги загрозува правата на другите. Кога станува збор за протести од поголеми размери, тие подлежат на поинаков режим, и на пријавување и на преземање на поголеми заштитни мерки и на одговорност на тој што го организира протестот. Во ваква ситуација веќе не станува збор за остварување на правото на протест, туку станува збор за узурпирање или злоупотреба на правото на протест на начин којшто ги ограничува правата на другите“, вели Најчевска.
Таа додава дека групата може слободно да протестира пред Собранието или пред Владата на начин кој не го попречува сообраќајот, бидејќи како што вели, со оглед на нивната масовност нема потреба од тоа.
Протест, според Законот, може да се одржува на секое место кое е соодветно за таа намена, освен до здравствени установи на начин кој го оневозможува пристапот на возила за брза помош и го нарушува мирот на болните, до детски градинки и училишта додека децата престојуваат во нив и на автопати и магистрални патишта на начин со кој се загрозува патниот сообраќај.
Во Законот под јавни собири се смеатаат собирања на отворен или затворен простор заради остварување на забавни, културни, верски, хуманитарни, социјални, политички економски, спортски или слични интереси на граѓаните организирани заради мирно изразување на мислење или протест.
На јавните собири забрането е носење оружје и конзумирање aлкохол и опојни дроги, а според Законот, полицијата може да го прекине собирот ако тој го загрози животот, здравјето, безбедноста, личната сигурност и имотот на граѓните, ако се вршат или поттикнуваат кривични дела или ако се загрозува животната средина.