Деновиве кај клучката Миравци, гевгелиско, полицајците запреа автомобил „алфа ромео“ во кој беа пронајдени 10 мигранти од Ирак, Aвганистан, Пакистан и Иран. Неколку недели претходно тројца мигранти биле пронајдени во „ауди” во атар на село Добрашинци, во Струмица.
Тоа се некои од примерите на организиран шверц со луѓето кои се обидуваат да поминат низ Македонија на својот пат кон Запад, велат претставници на невладините организации.
Мерсиха Смаиловиќ од „Легис“ вели дека „Балканската рута“ на бегалците и мигрантите речиси две години е официјално во прекин, но оти, сепак, индикатори говорат за илегална миграција. Според неa, бројот на мигранти и бегалци во транзитните центри „Винојуг“ во Гевгелија и Табановце не надминува од 10 до 15 лица, но таа оценува оти справувањето со криумчарењето мигранти се интензивира, па се чини дека бројот на мигранти кои влегуваат во земјава е зголемен.
„Бројот на лица кои влегуваат и транзитираат не е значително зголемен од претходно. Она што е поголем број можеби од летото се должи на тоа дека сега завршија со летните работи на плантажите во Грција и сега заработиле, па повторно тргнуваат да ја испробаат среќата и да влезат во западна Европа. Напорите на МВР кои ги гледаме во спречување на криумчарење на мигранти можеби се должи на препораките од ЕУ и од релевантните фактори дека Македонија не се справува добро со криумчарењето на мигрантите што стоеше во препораките на ЕУ, можеби на тоа се должи, но генерално не е зголемена бројката“, вели Мерсиха Смаиловиќ.
Како и да е, иако Западнобалканската мигрантска рута е затворена, сепак, преку криумчарски канали стотици мигранти секојдневно ја преминуваат македонската граница и се упатуваат кон ЕУ. Полициските билтени говорат за индивидуални случаи на криумчарење мигранти, каде што како сторители се македонски државјани, кои се дел од домашни и меѓународни криминални групи,
Од МВР ни посочија дека од почетокот на 2018 година до 23 септември, откриени се 43 случаи на криумчарење на мигранти. Во однос на мерки на кривичен прогон од таму посочуваат дека тие се преземени против 35 лица за сторени 28 кривични дела „криумчарење на мигранти“. Од сторителите, најголем број се македонски државјани- 27, а пријавени се и осум странски државјанин ( од Бугарија-пет, и тројца од Авганистан со германски патни исправи).
Осврнувајќи се на справувањето со кримчарењето на мигранти од МВР потсетуваат дека во текот на јули 2018 година е сузбиена четиричлена организирана криминална група, која прокриумчарила 23 илегални мигранти преку т.н. „зелен појас“ од Грција во Македонија. Во овој случај при нивниот транспорт, едно од пријавените лица изгубило контрола над возилото и со голема брзина удрило во метална заштитна ограда, по што на лице место починаа двајца мигранти кои тој ги превезувал, додека 12 беа со тешко повреди.
Инаку според структурата на мигрантите, над 65 отсто се по потекло од Пакистан, а во помал дел се од Авганистан, 12,7 проценти, Бангладеш - 5,3 проценти, од Ирак 5 отсто и од Сирија три проценти.
И од невладините организации велат дека од 2016 година е намален бројот на мигранти од Сирија и во последните две години тие се главно од Иран, Авганистан и Пакистан.
Смаиловиќ вели дека ја загрижува тоа што државата не презема обврски да ја подобри состојбата во камповите и посочува дека таму условите се лоши и оти нема храна.
Коментирајќи го интересот на мигрантите за Македонија таа вели дека никој од нив не останува повеќе од три месеци, а оти просекот на задржување е 10 дена. Од транзитните центри во Македонија овие луѓе одат во Србија или се обидуваат да влезат во БИХ, бидејќи таму има 5 илјади мигранти. Од таму преку Хрватска и Словенија тие се обидуваат да стигнат во земјите од Шенген зоната.
Смаиловиќ вели дека сите мигранти во Македонија доаѓаат од Грција и се обидуваат низ Македонија да отидат во Србија и од таму да продолжат кон државите на Запад. Има и обратна насока, од Србија, преку Македонија, мигрантите се обидуваат да се вратат во Грција. Смаиловиќ вели дека поставената жичена ограда на македонско-грчката граница, и покрај обезбедувањето, не може целосно да ги спречи луѓето кои се обидуваат да стигнат на Запад.
„Сите доаѓаат од Грција ја поминуваат оградата успеваат да стигнат до Лојане, некои се спречени од полицијата, но дел успеваат да поминат низ Македонија“, вели Смаиловиќ.
Таа дополнува дека илегалните мигранти кои ќе бидат откриени од полицијата повторно се враќаат во Грција.
Македонските граници ги обезбедуваат војници на АРМ и припадници на македонското МВР, како и полицајци од европските земји кои соработуваат со Македонија и припадници на Европската агенција за гранична и крајбрежна контрола – „Фронтекс“.