Достапни линкови

Кумановската библиотека најуспешна во државава


Кумановската градска библиотека „Тане Георгиевски“
Кумановската градска библиотека „Тане Георгиевски“

Најредовни читатели се учениците, студентите, а најмалку членови има од пензионерите, вели Марјан Петковски, директор на кумановската градска библиотека „Тане Георгиевски“.

Кумановската градска библиотека „Тане Георгиевски“ континуирано се снабдува со голем број книги како од домашни автори на македонски и на јазиците на малцинствата, така и од странски автори, но и на странски јазици. Бројот на читателите се зголемува, така што минатата година е завршена со четири илјади и 200 членови. Учениците главно позајмуваат книги за лектира, помалку друга литература, вели директорот Марјан Петковски. Оваа библиотека и минатата, како и неколку години пред тоа е најуспешна во државава.

„Имаме и други резултати остварено, на што укажуваат извештаите од Националната универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“. Тоа се врз основа на работењето во системот КОБИС. Односно според број на членови, број на зајмувања, број на обработки, број на преземани записи и слично. Според тоа сме водечки во нашата држава. Инаку, КОБИС е систем во кој се поврзани сите библиотеки во нашата држава, а и пошироко речиси сите од поранешна СФРЈ. Седиштето е во Словенија. Штом сме поврзани можеме да вршиме меѓубиблиотечни позајмици, сите дневни регистрации се бележат во тој систем и на крајот од годината сите библиотеки одделно добиваме извештаи за сработеното преку НУБ“, вели Петковски.

Кумановската библиотека години наназад се соочува со просторен проблем, така што детскиот оддел е дислоциран во еден дел од Центарот за култура, библиотечно депо е сместено во зградата на поранешниот Комитет, но така расфрлано не е функционално.

„Имаме недостиг на простор во читална, зашто само 23 маси се недоволно, бидејќи во испитните сесии и по 40-50 членови имаат потреба, на кои им излегуваме во пресрет со тоа што ги сместуваме и по канцеларии. Се надевам дека во догледно време локалната самоуправа и ресорното Министерство ќе имаат слух да се изнајде посоодветно решение за библиотечниот простор“, вели Петковски.

Тој вели дека редовно се набавуваат книги од сите жанрови и се води сметка освен на македонскиот да бидат застапени и книги на јазиците на помалите етнички заедници, за што според него, годишно се издвојуваат нешто повеќе од еден милион денари.

Според Петковски најредовни читатели се учениците, студентите, а најмалку членови има од пензионерите.

„Треба најверојатно и ние да работиме на тоа да ги привлечеме, зашто бројот на ученици во основните и средните училишта се намалува, а бројот на членови во библиотеката се зголемува, што е добар знак дека се движиме во добра насока.“

За подвижната библиотека за руралните средини Петковски вели дека понудиле на училиштата во селата Романовце, Лопате и Умин Дол, но за сега за достава на книги потреба има само во Умин Дол.

Што читаат младите кумановци, дали купуваат книги или ги позајмуваат од библиотеката, но и на кои јазици читаат, еве што велат:

„Најмногу читам трилери. Секогаш ги има најновите наслови книги.“

„Читам колку што ми дозволува времето и тоа трилери, историски романи, историска фикција, за опуштање. Дел купувам, дел од библиотеката, но сега библиотеката е добро снабдена, така што се поретко купувам книги.“

„Читам на англиски добро е снабдена библиотеката. Читам на српски, хрватски, разбирам, нормално“, велат анкетираните кумановци.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG