Националниот парк Пелистер со својата убавина и чист воздух годинава успеа да привлече околу 7. 000 посетители, од кои 15 проценти странци. Во просек посетеноста на годишно ниво и во изминатите години се движеше меѓу 7.000 до 10.000. Туристите се задоволни од убавините, но велат дека потребни се поголеми вложувања во проширување на патот, инвестиции за вештачки снег и повеќе туристички содржини.
„Ова е незаменливо искуство. Првиот ден се искачивме до Големо Езеро на 2. 218 метри надморска височина каде имавме и мала журка, а вториот дел се искачивме и на врвот Антена 2.601 метар, трет врв по висина во Македонија. Бевме голема група која со велосипеди ја освои планината и учесниците беа многу задоволни.“
„Пелистер е една од најубавите планини во светот. Комплетно неискористен. Можеме да развиеме прекрасен туризам, да вработиме луѓе од Битола. Но, досега не е ништо направено за Пелистер.“
„Се трудам во годината три-четири пати да бидам тука на скијање.“
„Ако држи снегот може и секој ден да се доаѓа. Секогаш кога има можност за скијање тука сме, тоа посебно ни е мило на битолчани.“
„Делник, празник тука сум“, велат туристите.
Пелистер со години развива туризам само со еден асфалтиран пат кој води од подпелистерските села до хотелот „Молика“. Дел од патот беше преасфалтиран пред три години, но се чувствува потреба од негово проширување. Има места каде возилата одвај се разминуваат. Од Националниот парк велат дека тие не располагаат со туристички објекти на планината, нити се одговорни за сообраќајната инфраструктура, но се трудат да помогнат во развојот на туризмот.
„Остануваат други работи кои во иднина треба да се направат, а во изминатите години не се успеало. На пример, да се направи нов асфалтен проширен пат на местото на постоечкиот кој ќе донесе повеќе луѓе и ќе имаат можност да уживаат во планината. Но, тоа е грижа пред сѐ на државата и општините каде што припаѓа паркот, на Битола и Ресен“, рече Пеце Цветановски, портпарол на паркот.
Во 2019 година паркот ќе носи нов план за работа. Недопрената убавина над хотелот „Молика“ и понатаму ќе се освојува пеш со цел заштита на ова еколошко подрачје.
„Вистината покажува дека некогаш е подобро само до одредено одредиште да имате подобар и поширок пат, а потоа да се пешачи и да биде потешко за движење за да не се загадува околината. Лесно е да ги донесете луѓето, но тешко е да го соберете отпадот после тоа. Ние се трудиме после сите активности на планина да се собере тој отпад, редовно го отстрануваме. Но, ако сакаме Пелистер да ни биде убав и чист ќе треба помали дестинации да бидат направени како патишта достапни до одредена локација“, рече Цветановски.