Битола оваа зима е рекордер од сите градови во земјава по екстремно ниски температури кои паднаа пониско од дваесеттиот степен под нулата. Судот и мразот ја наполнија болницата со пациенти со скршеници, улиците низ градот подмрзнаа, битолчани енормно потрошија вода како да се среде лето, а на повеќемина им испукаа водоводните цевки и водомери од студот.
За некои и ова не е многу студено, зашто се навикнати температурата да паѓа и до минус 40 степени, а други се жалат дека едвај се движат по лизгавите коловози.
„Ова за битолчани не е многу студено, знаело да биде до минус 40.“
„Постара жена сум , стравувам од мраз, не сум сигурна кога ќе излезам од дома дали ќе се вратам како што треба.“
„Се плашиме да не паднеме да скршиме нешто, рака, нога. Лазиме, внимаваме кога одиме.“
„За паѓање сме први. Излегуваме само по потреба.“
„Многу тешко се снаоѓаме со зимата, мрзнат цевки, водомери“, велат битолчани.
Двојно е зголемен бројот на пациенти со скршеници во Клиничката болница во Битола, соопшти портпаролката Сузана Конеска.
„Со снегот што наврна, студот и мразот што ја зафатија Битола, Ортопедското одделение е преполно со пациенти со скршеници. Бројот е зголемен за 50 проценти од претходниот период. Ортопедското одделение е мобилизирано со екипи. Нема празен кревет. Апел со повозрасните граѓани на Битола да не излегуваат без поголема потреба зашто рехабилитацијата кај постарите лица со скршеници се одвива потешко“, рече Конеска.
Многу ниските температури ја зголемија потрошувачката на вода како во најтоплите денови во текот на летото. Битолчани преку ден и ноќ ги оставаат чешмите да течат за да не замрзнат водоводните цевки и да им се направат штети.
„Од стандардните 520 литри, сега е зголемено на 650 литри во секунда и апелираме колку што е можно повеќе да ги затвораат чешмите за да не доаѓа до преголема потрошувачка на вода. Апелираме до граѓаните при екстремни температури да ги покриваат и заштитуваат водомерите“, рече Горан Козаров, директор на ЈП „Водовод“.
Од Нова година до сега снежната покривка достигна над 40 сантиметри. Од јавното претпријатие „Нискоградба“ велат дека редовно ги чистат улиците од прв и втор приоритет, а за споредните проблем им претставуваат паркираните возила.
Директорот Методија Силјановски вели „на одредени споредни улици има паркирани возила кои пречат и при чистењето може да дојде до нивно оштетување. Апелираме да ги тргнат за да можеме да излеземе во пресрет при чистењето и снегот да не се фрла на среде коловоз“.
Битолчани стравуваат од појава на магла која редовно паѓа во овој период на годината, а поради инверзијата на температурата во градот со денови може да биде многу ниско под нулата додека на Пелистер да грее сонце.
Статистиката покажува дека во 1967 Битола го преживеала најстудениот јануари, кога ниските температури под нулата се задржале 31 ден. На зимата од 1967 наликуваше онаа од 2017, кога цел јануари скоро и да немаше денови без температурата под нулата. Температурата најниско паднала во 1979, кога биле измерени -28 степени Целзиусови и во 2005 со триесет степени под нулата, а снег најмногу наврнал во 1983, дури 84 сантиметри.