Достапни линкови

Натегања околу обновата на „Копанки“


Општина Битола бара начин да помогне во обновата на опожарениот планинарски дом „Копанки“ со оглед на тоа што домот не е во сопственост на општината.

Советот на Општина Битола донесе заклуок дека ќе изнајде решение за обнова на опожарениот дом „Копанки“ на Пелистер и дека со ребаланс на буџетот ќе вложи 100 илјади евра. Заклучокот доаѓа во период кога Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ неодамна со сопствени сили започна работна акција за обнова на домот кој е во негова сопственост.

Од Советот ги повикаа планинарите да ги продолжат разговорите со градоначалничката за изнаоѓање на заедничко прифатливо решение, оти Општината во овој момент нема законски основ за вложување кога стопроцентен сопственик на домот е Планинарското друштво.

Советниците од независната листа „Поинаку“ гласаа за иницијативата, но искритукуваа дека предлогот дошол ад хок откако започна акцијата на планинарите за обнова на домот.

„Конечно Копанки дојде на ред, сакам да верувам дека ова е искрено. Но, морам да кажам неколку работи со кои не се согласувам, иако сѐ она што ќе биде за обнова на ‘Копанки’ ќе го поддржиме. Ние ад хок добиваме ваква точка, а најзасеганата страна не е консултирана, тоа се стопроцентните сопственици, Планинарското друштво. Сметам дека ова прашање заслужува поширока јавност во Битола“, рече Габриела Илиевска од „Поинаку“.

Советниците од СДСМ и коалицијата одговорија дека најзасеганата страна се граѓаните, а ним пред избори им ветиле дека „Копанки“ ќе го обноват.

„Со ова се отвора простор за размислување, но и до сопствениците, Планинарското друштво да се тргнат суетите лични од една и друга страна и потребно е да се изнајде решение во интерес на граѓаните на Битола и останатите љубители на планината со цел што побрзо и поквалитетно да се санира. Секоја чест на сите граѓани кои во изминатите денови издвоија симболични средства и помогнаа во реконструкцијата на домот. Но, јасно е дека потребни се повеќе финансиски средства кои Советот е подготвен да ги издвои“, рече советникот Борче Корлевски од СДСМ.

„Беше кажано дека најзасеганти се сопствениците на домот. Не, најзасеганти се граѓаните на Битола и затоа го носиме ова решение за да се откочи процесот и оние кои се најзасегнати да добијат објект во кој ќе можат да престојуваат“, рече советникот од СДСМ Зоран Стојчевски.

Од Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ велат дека тие имаат свои средства за подигање на потпорните столбови на објектот. Волни се да продолжат да разговараат со градоначалничката за изнаоѓање решение. Но, тоа што сопственоста е во нивни раце сметаат дека не треба да биде пречка.

„Нашата основна цел е тоа повторно да биде планинарски дом. Законот за локална самоуправа дава можности да ни помогнат. Во нашиот Статут, пак, е зацртано дека никој нема право да го отуѓува имотот“, вели Димче Попов, претседател на ПСК „Пелистер“.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG