Справувањето со загаденоста треба да биде приоритет на идните локалните власти во Битола, велат жителите на овој град, кој е меѓу најзагадените во Македонија. Битолчани од идниот градоначалник очекуваат да му го врати некогашниот сјај на градот.
„Да се справат со загаденоста пред сè, но да обратат внимание и на образованието, во какви услови учат учениците, и какви се условите за живот, на локално ниво условите за живот се мизерни.“
„За загаденоста треба малку поголема организираност од државата, како второ немаме спортски сали, немаме ништо, се е на нула, ништо нема обновено, голем проблем е тоа. Имаме деца, сакаат да спортуваат, немаме услови за спорт.“
„На Битола и недостасуваат многу нешта, пред се екозаштитата. Битола е град, кој, според некои податоци има најмногу оболени од канцерогени бoлести“, велат анкетирани граѓани.
Претставници на граѓански организации на неодамнешната средба со директорот на ЕЛЕМ и со раководството на РЕК добиле ветување дека по изборите ќе почне со решавање на проблемот со аерозагадувањето.
По 12 години на власт, битолчани го испраќаат во историјата градоначалникот Владимир Талески. Тој за време на својот мандат помина повеќе од два месеци во притвор. Специјалното обвинителство во случајот Транспортер го товари за злоупотреби со превозот на ученици во Битола.
На овие избори за првпат има жена кандидат, Наташа Петровска, од СДСМ, која досега беше дел од битолскиот совет. ВМРО-ДПМНЕ, пак, за градски татко го кандидира пратеникот Зоран Илиоски. Во трката учествуваат и двајца независни кандидати Кирчо Ташков и Јорго Огненовски.
Граѓаните велат дека гласаат за човек, а не за партија, но сепак додаваат дека независните кандидати немаат големи шанси за победа.
„Сметам дека кај нас нема таква свест и култура изградена за да може да победи еден кандидат од независните со оглед на гласачкиот електорат е определен за кој било од блоковите.“
Ветени, а неостварени работи од минатите избори останаа топлификација на градот, изградба на пречистителна станица, довршување на ветените спортски објекти, Офицерскиот дом, планинарскиот дом Копанки...
Во истражувањето „Општини под лупа“ на порталот Призма, пишува дека досегашната локална власт во Битола не го исполнила ветувањето за гасификација, подземните гаражи, хотелскиот комплекс „Нижеполе“, проектот Филмски град, ветената железничка пруга од Битола до Кременица во Грција...
Новиот градоначалник ќе треба да почне да се справува и невработеноста, зошто градот се наоѓа на шесто место во Македонија според бројот на луѓе без работа, но на прво место по невработени факултетлии.
„Нема ни да гласам. Зошто би гласал, едноставно толку време, еве и со моите што гледам, нема буквално никаква полза од какви било избори, од какви било луѓе што ќе бидат на власт. Кога ќе завршиш факултет не ни нуди никој никаква работа и тоа што ќе завршиш ретко гледам луѓе дека работат за тоа за што учеле“, вели анкетиран млад битолчанец.
На парламентарните избори во декември минатата година, СДСМ за прв пат после 14 години освои повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ во Битола.