Не биди груб кон стварноста
Преценет е
пурпурот на небото.
Месечината е недопржена
крофна по која лаат кучињата.
Никогаш не си сакал календари.
Рачните часовници мавтаат во празно.
Времето се шутка низ твоите прсти додека
месиш тесто за да го потквасиш мигот.
Реалноста се оптега до врвот на
далечната планина.
Уметноста, пак, е во ќошињата,
заедно со пајажината.
Сеедно, биди нежен кон стварноста!
Од неа се родила фантазијата,
а без неа луѓето никогаш
не би зачекориле на
Месечината.
Јана Куновска, согласно сопствените стремежи да ги пробие границите на формалното и да исчекори понапред од себе, и наново посега по творештвото на оние што ги чита и препрочитува. Овојпат тоа е македонскиот поет Јовица Ивановски, чија песна „Не биди груб кон стварноста“ ќе биде искористена како наслов за нејзината последна изложба од актуелната серија со која ја завршува 2018 и влегува во 2019 година. Поставката на која се изложени 16 слики масло на платно и комбинација масло и јаглен, од кои шест од новиот циклус и останатите селектирани од творештвото во последните неколку лета, се одржува од 27 декември до 15 јануари во изложбениот салон Империјал 2 при ЈУ Културно Информативен Центар – Скопје и доаѓа по оние што таа за релативно кратко време ги имаше во Албанија, Хрватска, Србија и овде дома, во Гостивар и на два пати во родниот град.
Појаснувајќи зошто се одлучила за овој наслов и за тоа Ивановски да ѝ биде гостин на отворањето на изложбата, Куновска знае да каже дека „тоа бил оној вистинскиот“.
„Јас веќе имав еден наслов, но беше многу суров. Прво сакав изложбата да ја именувам „Фијаско“, но кога ја прочитав песната на Јовица едноставо се одлучив да не бидам сурова кон стварноста и да си ја насловам изложбата по стиховите на Ивановски“, вели Јана.
Уметницата дополнува дека всушност нејзините актуелни дела се блиски до творештвото на Јовица.
„Сликите се доста емотивни и доста се урбани. Како и секогаш на нив се насликани доста ликови. Впрочем познато е дека јас постојано се бавам со човекот и со неговата емоција кога работам. А и Јовица се занимава со слична тематика“, смета таа.
Говорејќи за актуелниот опус, Куновска истакнува дека тој може да се смета и за нејзин визуелен интимен дневник.
„Овој опус е еден мој мал интимен визуелен дневник за последниве пет-шест години. Мој личен емотивен дневник. Последната слика се вика „21 век“ и таму сум јас. Тоа е моја автопортрет. Конечно овде има избор на слики каде што е силно присутно моето лично внатрешно доживување. Тука се и околината, општењето, љубовта“, вели Јана Куновска.
И, уште нешто. Јана Куновска има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје насока сликарство во класата на професор Танас Луловски, а постдипломските студии ги завршила на истата високообразовна институција кај професор Јован Шумковски.
Досега има реализирано дваесеттина самостојни изложби во Македонија, Германија и во земјите од регионов, а учествувала и на повеќе групни поставки од кои за издвојување се оние во Словенија и во САД.
Таа повеќе години е активна и на полето на графички дизајн и за своите идејни решенија е добитник на три значајни награди.
За нејзиниот актуелен опус се вели дека може да биде објаснет како една фантазмагорична мешавина на сонот и јавето којашто не носи потаму од вистината за нашето постоење.