Проектот „Утопија“ е сублимат на повеќегодишните истражувања на студиските претстои на Пандора Апостолоска - Саздовска во Обединетите Арапски Емирати.
Нејзините тамошни самостојни изложби - „Црвена линија“, „Човекови права“ и „Во транзит“ беа со политичка тематика. Во нив визуелната уметница ги обработувала темите на војната, бегалската криза и емиграциите. Но, минатата година, престојот во пустината Лива во Абу Даби, и станал поттик за еден вид истражување во врска со глобалното затоплување и загадувањето. Така, во фокусот на авторскиот интерес се нашол периодот од 1960-те години наваму, после откривањето на нафтата и сè до денес.
За овие потреби Апостолоска-Саздовска направила низа интервјуа со локалното население и се бавела со бројните статистики во кои се обидела да ги истражи причините кои доведуваат до загадување на еко системот во самата пустина. Како резултат на тоа истражување се случило и делото „Тишина“, па така веднаш по завршувањето на изложбата таа добила покана за учество на 10. Светски енергетски самит кој се одржа нешто подоцна истата 2017 година.
„На оваа изложба, насловена „Утопија“, што се одржува од 12 до 20 ноември во Галеријата за современа уметност Арт Хаб во Дубаи дизајн дистрикт, се претставив со слики и инсталации кои се еден вид критичко видување или коментар за глобалниот еколошки проблем во земјите на Блискиот Исток“, вели Пандора.
Таа и со дополна дека изложбата ја отворила в.д амбасадорката на Република Македонија во Абу Даби - Г-ѓа Елма Алторок и дека тие со Саздовски биле единствените македонски уметници кои на тој начин имале можност да бидат дел од настаните во рамките на Саемот за уметност во Абу Даби и Саемот за дизајн во Дубаи дизајн дистрикт Д3.
„Секое излегување надвор од границите на Република Македонија нуди многу опции. Знаеме дека ОАЕ финансиски се исклучително моќни и тие може да си дозволат да ги поканат и најдобрите. Во случајов таму беа и најпопуларните дизајнери и творци од Италија, потем оние од Германија и Франција, и присуството на лице место едноставно ти отвора врати како на автор. Ние остваривме контакти со многу агенти и критичари од кои добивме понуди за понатамошна соработка. Од таму оваа изложба за нас беше од големо значење токму поради тоа што се одвива паралелно со еден куп други уметнички настани таму. Морам да кажам дека имавме и голема посетеност на отворањето, што е битно не само за нас како уметници, туку и воопшто за нашата култура, за Македонија како држава“, смета Апостоловска – Саздовска.
Делата на скулпторот Сашо Саздовски, пак, се засноваат на прашањето за бесконечноста како одраз на нашето ограничено постоење во времето и просторот. За него критичарите ќе забележат дека „огромните, апстрактни димензии надвор од нашето разбирање секогаш ги поттикнуваа експериментите на уметникот во потрагата по сопствени, уникатни одговори“. Дека „постојаниот проток на енергија е доста провокативен во неговото континуирано патување низ скулптурата“.
Во случајов, проектот „Објекти“ е комбинација на мермер, дрво, метал и плексиглас и без оглед на нивната димензија тие ја имаат воочливата монументалност“. За нив ќе биде речено и тоа дека можат да бидат и решенија за идни архитектонски проекти.
Говорејќи за скулптурите и цртежите од „Објекти“, Саздовски истакнува дека се настанати во континуитет во последниве четири години. Дека делата се со галериски формат, бидејќи тој таму направил и две монументални скултури (едната во метал, другата во мермер) и тие се поставени во јавен простор во Дубаи и од технички причини не било возможно да се транспортираат во Галеријата за современа уметност Арт Хаб.
„Едно дело од тие е поттикнато од скулптурните решенија во архитектурата таму во последниот период и претставува моја рефлекција во однос на доживеаните искуства во изминатите години во ОАЕ. Емиратите константно го менуваат својот изглед со неверојатните архитектонски напредоци притоа употребувајќи најнапредни технолошки достигнувања во реализацијата на архитектурата воопшто“, појаснува скулпторот.