Ладислав Цветковски се претставува со избор на плакати, кои не се посветени на пропагандата, ниту се одраз на настаните што е вообичаено за тој ликовен жанр, туку се наменети исклучиво за свртување на вниманието на јавноста кон грешките на домашното државно раководство, иако се работи за универзални идиотизми, прикажани во форма на интеракција меѓу ликовно – литерарни целини, но во мошне редуцирана, крајно аскетска форма. Ако важи за афоризмите дека се ефикасни доколку се кратки, истото важи и за плакатите на Цветковски, чии спартански, лапидарни, симболички пораки скоро се граничат со криптографија, поради што е потребно поширако објаснување од страна на авторот преку легенди.
Се работи, значи, за раритетна изложба, која е актуелна не само за Македонија, туку, за жал, сè повеќе и за нашата татковина Словенија, која незадржливо тоне во анархијата на бирократизмот, непотизмот и реалкапитализмот.
Ова меѓу другото, во текстот насловен „Криптографија на очигледното“ и печатен во каталогот за изложбата одржана во галеријата „Рудолф“ во Марибор, во декември 2016 година, ќе го запише Марио Бердич, ликовен критичар од Словенија.
Две години подоцна, професор Небојша Вилиќ, во својата анализа „Кон една радикална уметност“, која е поместена во каталогот за претстојната изложба „Црнила“ на македонскиот уметник и графички дизајнер Ладислав Цветковски, пишува: Цветковски го именува овој проект (започнат во февруари 2015) како „My Comments [ЦРНИЛА]“, односно, тој „дизајнира“ „плакати“ во кои не само што уметничкото обликување е впечатливо, иновативно и изворно, туку и сосема кусите текстовни прилози (кои некогаш наликуваат: и на афоризми, и на иронични коментари на состојбите во општественото секојдневие, дури и на црн хумор), кои се воедно и логограми (за кои тој создава/црта и букви, што значи дека не користи готови фонтови), сосема луцидно, наместа и непријатно вистинити, најчесто двосмислени, создаваат нешто што се граничи помеѓу чистото уметничко и едноставното комуникативно рекламно. Зафаќајќи безмалку во секој аспект на тукашноста и сегашноста, и тоа на дневна основа, поттикнат од некој настан или појава во текот на само еден ден, Цветковски едновремено му се обраќа и на некреативниот или лош рекламен дизајн кај нас, промислуван набрзина и површно, без да се искористат сите негови можности. Но, од друга страна, кога овие „плакати“ ѝ се обраќаат и на јавноста, таа во овие плакатни решенија ја препознава сопствената стварност и нејзината вистинитост.
А, во Мултимедијалниот центар Мала станица, во Национална галерија на Македонија, Цветковски во рамките на „Црнила“, кој како циклус е дел од неговиот уметнички проект „Моите коментари“, на домашната културна јавност ѝ нуди пресек од 70-тина дела фокусирани на општествено-политичкиот и социјален амбиент кои за прв пат ќе бидат прикажани во печатена форма.
„Ние живееме во два паралелни светови. Едниот е електронскиот преку социјалните медиуми, а другиот е оној што си го живееме во материјалниот, нашиот свет. Ова е на некаков начин нивно ослободување од едниот живот или нивно префрлање во другиот живот. Така тие ќе бидат ослободени од оние дисторзии, неквалитетна репродукција и сите што ќе дојдат на оваа изложба ќе можат да уживаат во реалната нивна димензија. Ќе можат да ги допрат бидејќи нема да бидат врамени, сè со цел луѓето да можат и да ги гледаат и да ги допираат“, вели уметникот.
Говорејќи за генезата на „Црнила“, Цветковски појаснува дека мотивацијата за проектот произлегла од протестите на студентите во 2014 година, на кој дел и од професорите, па и самиот тој, учествувале и им дале подршка. Целата таа енергија кај него ја вратила надежта дека сепак може нешто позитивно да се случи во земјава.
„Инспирацијата е од тие немили или траорни информации кои секојдневно доаѓаа до нас. За некои знаевме, а за некои претпоставувавме дека се така и како се потврдуваа, на почетокот од февруари 2015 година почнав со проектот, односно го постирав првиот мој плакат наречен „Црнила“. На некаков начин започна целата таа приказна во проектот „Моите коментари“ во којшто влезе целата таа серија на плакати насловени под името „Црнила“, ќе рече Ладислав Цветковски.
Како доаѓале информациите од медиумите, тој секојдневно постирал плакати. Генерално сметал дека социјалните мрежи се местото каде што тој ќе може слободно да се изрази.
„Сметав и го чувствував тој притисок дека просторот ми беше некако загаден, затворен или барем претпоставував дека некој ќе посака да ме цензурира, па така се решив на еден вид експеримент – да пробам преку мојот блог или фејсбук профил, да почнам да ги споделувам моите визуелни мислења инспирирани од дневните случувања во Македонија или она што мислев да го искажам во тој момент. Неверојатен беше поривот тоа да се направи и потоа продолжи и на другите мои профили на социјалните мрежи и полека полека се отвори просторот“, појаснува Цветковски.
Од друга страна, професорот смета дека бавењето со социјалниот или со општествениот плакат ја дава таа можност сами да се изразувате бидејќи за него не ви треба клиент, а згора и на тоа почувствувал дека има огромен простор за да си создаде некоја своја публика која полека ќе почне да разбира што работи.
Циклусот „Црнила“, Ладислав Цветковски го работел до 31 октомври 2017 и дотогаш создал 177 авторски дигитални плакати, од кои три анимирани. Иако неговите плакати, како што ќе забележат историчарите на уметноста, коментираат конкретни настани, изјави, однесувања на личности, менталитет, состојби, несомнено тој со нив имал за цел „да упати универзални пораки и да потсетам на одредени изгубени вредности“. Впрочем, тоа не случајно ќе се потврди со неговата изложба во Марибор, каде ќе стигне преку социјалните мрежи и ќе биде препознаен токму како таков автор, а коментарите на плакатите ќе бидат оставени на оригиналниот македонски јазик.
„Од проектот „Црнила“ се отворија и многу други проекти коишто се и за глобалните случувања, така што моите коментари потоа поминаа од локалните и за светските, оние глобални актуелни случувања. Во последно време бележам и учества на значајни изложби во светот. Поканет сум со своите визуелни коментари во последниве два месеци да учествувам на три изложби во Јужна Кореја од различни институции. Мислам дека успевам, барем се надевам дека е тоа така, моите плакати да добијат долго траење бидејќи сакам да потсетам на некои заборавени вредности, на нешто што би требало да го поправиме. Кога имате над 50 години, вие не сте само бунтовник, туку треба и да кажете како некои работи треба да се корегираат. Додека сте млад имате легитимно право да се бунтувате, но кога ќе дојдете на одредена возраст, вие имате и должност да кажете како нештата да се поправат“, истакнува уметникот.