Достапни линкови

Вести

Помпео - Приемот на Македонија во НАТО ќе го намали руското влијание во регионот

Американскиот државен секретар Мајк Помпео се сретна со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос во Вашингтон
Американскиот државен секретар Мајк Помпео се сретна со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос во Вашингтон

Влезот на Македонија во НАТО ќе ја засили способноста на балканските земји да се спротивстават на „недобронамерните активности“ на Русија во регионот, изјавил државниот секретар на САД Мајк Помпео по средбата со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос во Вашингтон. Тој нагласил дека САД го поддржуваат историскиот Преспански договор и верува дека грчкото раководство ќе успее да го спроведе, со оценка дека договорот ќе ја зајакне грчката позиција на Балканот и ќе го намали руското влијание во регионот. Истакнал дека треба да се поздрави и поддржи заложбата на премиерот Алексис Ципрас за решавање на долгогодишниот спор.

Јоргос Катругалос е во Вашингтон по повод одржувањето на стратешкиот дијалог меѓу САД и Грција. Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција вчера во Њујорк се сретна со посредникот на ОН во разговорите за името, Метју Нимиц на која беше поздравена заложбата на Атина и Скопје за успешно комплетирање на Договорот од Преспа.

види ги сите денешни вести

Се очекува одлука за распуштање на германскиот парламент

Германскиот парламент во Берлин, Германија
Германскиот парламент во Берлин, Германија

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска (27 декември) се очекува да ја соопшти својата одлука дали ќе го распушти Долниот дом на германскиот парламент, со што ќе се отвори патот за предвремени парламентарни избори во февруари, јави ДПА.

Се верува дека Штајнмаер речиси сигурно ќе го исполни барањето на канцеларот Олаф Шолц за распуштање на Бундестагот.

Со распуштањето на Долниот дом, претседателот ќе одреди датум за избори. Тој датум се очекува да биде 23 февруари.

За тој датум се договорија парламентарните лидери на социјалдемократите на Шолц и конзервативната Христијанско-демократска унија.

Олаф Шолц го загуби гласањето за доверба во Бундестагот на 16 декември, откако минатиот месец се распадна коалицијата на Социјалдемократите, Зелените и Слободната демократска партија.

Последен ден изборна кампања за претседателски избори во Хрватска

илустрација
илустрација

До денеска на полноќ (27 декември) кога почнува дводневниот изборен молк, останува кандидатите за претседател на Хрватска да ги убедат гласачите дека еден од нив е најдобриот избор за следниот петгодишен мандат.

Дводневниот изборен молк пред изборите в недела на 29 декември ќе трае цела сабота и недела до 19 часот или до затворање на избирачките места, од кои 6755 ќе бидат отворени во Хрватска и во странство.

Осум кандидати учествуваат на осмите претседателски избори од независноста, в недела на 29 декември.

Тоа се актуелниот претседател и кандидат на СДП и нејзините партнери Зоран Милановиќ, кандидатот на ХДЗ и нејзините партнери Драган Приморац, кандидатот на Мост, Миро Буљ, кандидатот на Можемо! Ивана Кекин, кандидатката на Партијата за дом и национално обединување (ДОМИНО) Бранка Лозо, и независните кандидати Марија Селак Распудиќ, Томислав Јоњиќ и Нико Токиќ Картело.

Додека е на сила молкот, се забранува секаква изборна кампања, објавување проценки за изборните резултати, како и објавување на претходни, неофицијални изборни резултати.

Забрането е и објавување фотографии на кандидати во медиумите, нивни изјави и интервјуа, како и цитирање на нивните изјави или пишани трудови.

Иако не се предвидени казни за прекршителите на претседателските избори, Државната изборна комисија (ДИК) ги повикува кандидатите, партиите што ги поддржуваат и другите правни и физички лица да го почитуваат изборниот молк.

Официјалната кампања започна на 11 декември, но беше одбележана со трагедијата во основното училиште „Пречко“ и божиќните празници, што ги натера кандидатите да ги прекинат или да ги забават своите активности.

Затворени две јавни претпријатија на северот на Косово кои работеле во системот на Србија

Косово: Косовската полиција затвори две српски јавни претпријатија во Северна Митровица
Косово: Косовската полиција затвори две српски јавни претпријатија во Северна Митровица

Две јавни претпријатија кои работеа во Северна Митровица во српскиот систем - Дирекцијата за станбен и стопански простор и Дирекцијата за градежно земјиште, беа затворени на 26 декември.

Заменик-директорот за регионот север, Ветон Елшани, за Радио Слободна Европа изјави дека локалните власти побарале помош за да „ослободат некои канцеларии“.

Овие простории вообичаено се наоѓаат во станбена зграда во Северна Митровица и засега не е јасно кој е сопственик на просториите каде функционирале овие фирми.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, на својот Фејсбук профил напиша дека се затворени институциите кои „незаконски наплатувале услуги на граѓани и бројни фирми за користење на објектите под нивно управување“.

„Оваа злоупотреба е извршена под знамињата и грбот на Србија. Освен што денеска беше затворена, ќе биде целосно истражена“, додаде тој.

Заменик-директорот за северниот регион Ветон Елшани за РСЕ изјави и дека бил контактиран и надлежниот обвинител, откако било утврдено дека во тие простории работат „нелегални и паралелни структури“.

Тој додаде дека е отворен случај за „фалсификување документи“, а зградата во која се наоѓале просториите на овие јавни претпријатија ќе биде под полициски надзор до „разрешување на случајот“.

Тој смета дека косовските институции кои работат во српскиот систем се нелегални, поради што на почетокот на годинава почна да ги затвора.

Реагираше Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, која соопшти дека се „одземаат“ институциите на Србија на северот на Косово и дека таквите потези се „спротивни на важечките договори и договори“ постигнати во Брисел.

Израел нападна позиции на Хутите во Јемен

Чад над Сана откако Израел изврши напади на аеродромот во главниот град на Јемен, 26 декември 2024 година.
Чад над Сана откако Израел изврши напади на аеродромот во главниот град на Јемен, 26 декември 2024 година.

Израелската војска соопшти дека на 26 декември нападнала неколку цели во Јемен поврзани со движењето Хути, еден ден откако јеменските бунтовници поддржани од Иран извршија напад врз Израел.

Израелските напади го погодија меѓународниот аеродром во Сана и три пристаништа под контрола на бунтовниците долж западниот брег.

Телевизијата Ал Масира, која е под контрола на Хутите, соопшти дека во нападот на аеродромот загинале две лица, во нападот на пристаништето едно лице, додека 11 лица се ранети.

Покрај нападот врз воената инфраструктура во јеменските пристаништа Худајда, Салиф и Рас Канатиб, израелската војска соопшти дека ги погодила и електраните Хезијаз и Рас Канатиб.

Хутите постојано истрелуваа беспилотни летала и проектили врз Израел поради, како што велат, солидарноста со Палестинците во Појасот Газа. Покрај нападот во средата, Хутите во саботата извршија и напад со ракети и беспилотни летала, во кој во Тел Авив беа ранети 16 лица. Потоа, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека наредил уништување на инфраструктурата на бунтовничката група.

Нетанјаху во петокот по нападот рече дека Израел ќе ја продолжи својата мисија додека не заврши: „Ние сме решени да ја отсечеме оваа терористичка рака на иранската оска“.

Портпаролот на Хутите Мохамед Абдулсалам рече дека нападите, еден ден откако Хутите истрелаа проектил и два беспилотни летала кон Израел, се „ционистичко злосторство против целиот јеменски народ“.

Воениот суд на Пакистан затвори 60 поддржувачи на Имран Кан поради насилни протести

Полицајци испукаа гранати со солзавец за да ги растераат приврзаниците на пакистанската партија Техрик-е-Инсаф (ПТИ) за време на протестот со кој се бара ослободување на поранешниот премиер Имран Кан
Полицајци испукаа гранати со солзавец за да ги растераат приврзаниците на пакистанската партија Техрик-е-Инсаф (ПТИ) за време на протестот со кој се бара ослободување на поранешниот премиер Имран Кан

Пакистанскиот воен суд осуди 60 лица на затворски казни од две до 10 години поради насилните протести што избија по апсењето на поранешниот премиер Имран Кан во 2023 година, соопшти армиското медиумско крило на 26 декември.

Обвинетите, меѓу кои имаше и роднина на Кан, како и двајца пензионирани воени офицери, беа осудени во врска со напади врз воени објекти. По истите обвиненија на 21 декември беа осудени уште 25 лица.

Тие имаат право на жалба на казните, се вели во соопштението на военото медиумско крило.

Протестите избувнаа низ Пакистан во мај 2023 година, кога Кан беше уапсен за време на неговото појавување на суд под обвинение за корупција што тој и неговите поддржувачи гo негираат.

Илјадници приврзаници на Кан ограбуваа воени објекти и упаднаа во владините згради. Во немирите загинаа неколку луѓе, а десетици беа повредени.

Најмалку 1.400 демонстранти, вклучително и лидерите на Пакистанската партија Техрик-е-Инсаф (ПТИ) на Кан беа уапсени по немирите. Но, само 105 од приведените се соочија со воени судења.

ПТИ ја осуди пресудата и рече дека судот ги прекршил правата на обвинетите.

Соединетите Држави изразија длабока загриженост за казните, додека Велика Британија наведе дека судењето на цивили пред воените судови „нема транспарентност, независна контрола и го поткопува правото на правично судење“.

Европската унија соопшти дека казните се „неконзистентни со обврските што Пакистан ги презел според Меѓународниот пакт за граѓански и политички права“.

Финансиска полиција поднесе кривична пријава за злоупотреби во „Државна лотарија“

RSM Public Prosecutor's Office, logo of the State Lottery and Financial Police Administration
RSM Public Prosecutor's Office, logo of the State Lottery and Financial Police Administration

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против неколку лица и правни субјекти, осомничени за злоупотреба на службена положба и овластување, како и за злоупотреба на постапката за јавни набавки.

Според информациите од Управата, станува збор за неправилности поврзани со случајот „Државна лотарија“, со кои буџетот на државата бил оштетен за над 22 милиони денари.

Според информации до кои претходно дојде Радио Слободна Европа претходно, апсен е сопственикот на кумановската компанија „Ритрон копи“, Артан Ајрули во рамки на истрага поврзана со работата на поранешното раководство на Државната лотарија. Станува збор за добиени тендери за набавка на телевизори за државното акционерско друштво. На 17 декември, РСЕ објави дека пребројувањето на набавените уреди е направено по барање на Финансиската полиција, која ги истражува набавките на ТВ уреди во различни димензии од „Ритрон копи“.

Во соопштение на Управата за финансиска полиција од 26 декември, првопријавениот П.Б., како Генерален директор на Државната лотарија одобрил исплата на фактури со невистинита содржина, овозможувајќи противправна имотна корист од 3.102.015 денари.

Второпријавениот А.А., сопственик на РИТРОН КОПИ ДООЕЛ, заедно со П.Б., ги повредиле прописите на постапката за доделување на договор за јавна набавка, стекнувајќи противправна имотна корист од 12.980.000 денари. Третопријавениот С.Р. и четвртопријавениот М.З. потврдиле прием на опрема која не била евидентирана, оштетувајќи го буџетот на Државната лотарија за 6.772.283 денари.

Соопштението на Управата за финансиска полиција доаѓа откако претходно ги проверуваше испораките од кумановската компанија за бројот на доставени телевизори и дали се работи за истите брендови за кои биле склучени договорите.

Пред четири месеци, истражителите проверуваа и други тендери на Државна лотарија за маркетинг и промоција поврзани со оваа компанија. Станува збор за фирма на млад кумановец кој склучил договор за набавка на терминали за коцкање за потребите на Државна лотарија.

Минатата година, РСЕ пишуваше дека тендерот тежок околу 205.000 евра го доби компанијата „АП Солутионс“, чиј сопственик и управител Фљамур Невзатовски тој период бил вработен во „Ритрон копи“, компанијата која всушност била и единствената конкуренција на тендерот.

Јавно објавените податоци за компанијата „Ритрон копи“ на Фејсбук тогаш открија и фотографии од 2016 година на Артан Ајрули и Перпарим Бајрами, кој во тој момент нема никаква функција во Државната лотарија.

Анализата на тендерите, пак, покажа дека од јануари 2022 година, период кога Перпарим Бајрами ја презема раководната позиција како генерален директор во „Државна лотарија“, компанијата „Ритрон копи“ се појавува како победник на тендери во акционерското друштво.

Финансиска полиција во денешното соопштение наведува дека поднела кривична пријава против П.Б. во својство на Председател на Управен одбор-Генерален директор на АД за приредување на игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела, Злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 став 4 в.в. став 1 и Соизвршителство по член 22 за сторено кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство по член 275-в став 2 в.в. став 1 од Кривичен законик.

Пријавата против А.А. е во својство на сопственик и управител на правниот субјект Друштво за производство, трговија и услуги РИТРОН КОПИ ДООЕЛ увоз-извоз Куманово, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство по член 275-в став 2 вв став 1 и Соизвршителство по член 22 за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 став 4 в.в. со став 1 од Кривичен законик, се вели во соопштението.

Третопријавениот С. Р е во својство на Директор на сектор за продажба и комерцијални работи во АД за приредување игри на среќа Државна лотарија, Четвртопријавениот М.З , во својство на Директор на сектор за информатички технологии во АД за приредување игри на среќа Државна лотарија, се вели во соопштението на Управата за финанскиска полиција.

Прва пресуда во отсуство за воени злосторства на Косово

Спомен на жртвите од масакрот во Речка, Косово.
Спомен на жртвите од масакрот во Речка, Косово.

Основниот суд во Приштина го осуди Чедомир Акшиќ на 15 години затвор за воени злосторства извршени во периодот од јануари до мај 1999 година на територијата на општина Штимље во Косово, односно во селата Речак, Мулапољце и Петрово.

Ова е прва пресуда за воени злосторства донесена во отсуство врз основа на изменетиот Закон за кривична постапка во 2022 година.

Судењето во отсуство може да се одржи под услов обвинителството и судот да ги исцрпат сите средства за обезбедување присуство на обвинетиот. Во случајот со Акшиќ, судењето започна во ноември 2023 година.

Акшиќ беше осуден врз основа на обвинението во кое беше обвинет за предизвикување на страдање и повреда на телесниот интегритет или здравје, како и предизвикување на страв кај цивилното население, во периодот од јануари до мај 1999 година, заедно со други припадници на српските сили.

Исто така, Акшиќ заедно со членовите на споменатата група наредил протерување на населението и ги запалил куќите на настраданите.

На местото викано „Луг Неше“ во село Петрово кај Штимље, се вели дека Акшиќ со пушка пукал во едно лице, кое претходно бил запрен од осудениот.

Исто така, како што се наведува, Акшиќ учествувал и во убиство на неколку цивили во селото Речак.

Во декември минатата година, Специјалното обвинителство на Косово објави дека поднело вкупно 33 обвиненија, во кои има 89 лица, за воени злосторства извршени на Косово.

Од крајот на војната во Косово, околу 70 лица се осудени за воени злосторства пред домашните и меѓународните институции.

Од 2000 до 2008 година, воените злосторства на Косово ги истражуваше Мисијата на Обединетите нации на Косово (УНМИК), додека од 2008 година таа работа ја презеде Мисијата на Европската Унија за владеење на правото (ЕУЛЕКС) .

Потоа, во 2018 година, оваа мисија ги предаде сите предмети на косовското обвинителство и на локалните судови.

За време на војната во Косово, од 1998 до 1999 година, беа убиени повеќе од 13.000 цивили, додека илјадници се исчезнати.

Се уште се трага по околу 1.600 лица, главно од албанската заедница.

Уапсен газдата на „Ритрон копи“ за тендерите за телевизори во Државна лотарија

Артан Ајрули, газдата на „Ритрон копи“ (лево) и Перпарим Бајрами (поранешен директор на Државна лотарија) десно
Артан Ајрули, газдата на „Ритрон копи“ (лево) и Перпарим Бајрами (поранешен директор на Државна лотарија) десно

Уапсен е сопственикот на кумановската компанија „Ритрон копи“, Артан Ајрули, дознава Радио Слободна Европа (РСЕ).

Апсењето на Ајрули е во рамки на друга истрага поврзана со работата на поранешното раководство на Државната лотарија. Станува збор за добиени тендери за набавка на телевизори за државното акционерско друштво.

На 17 декември, РСЕ објави дека пребројувањето на набавените уреди е направено по барање на Финансиската полиција, која ги истражува набавките на ТВ уреди во различни димензии од „Ритрон копи“.

Финансиската полиција ги проверуваше испораките од кумановската компанија за бројот на доставени телевизори и дали се работи за истите брендови за кои биле склучени договорите.

Пред четири месеци, истражителите проверуваа и други тендери на Државна лотарија за маркетинг и промоција поврзани со оваа компанија.

Станува збор за фирма на млад кумановец кој склучил договор за набавка на терминали за коцкање за потребите на Државна лотарија.

Минатата година, РСЕ пишуваше дека тендерот тежок околу 205.000 евра го доби компанијата „АП Солутионс“, чиј сопственик и управител Фљамур Невзатовски тој период бил вработен во „Ритрон копи“, компанијата која всушност била и единствената конкуренција на тендерот.

Тогаш 19-годишниот Невзатовски не одговори на прашањата на РСЕ кои се неговите познавања од трговија и аплицирање на тендери со оглед на неговата возраст, од каде ќе ги набави терминалите за Лотарија и дали е можеби фиктивен сопственик на „АП Солутионс“.

Јавно објавените податоци за компанијата „Ритрон копи“ на Фејсбук тогаш открија и фотографии од 2016 година на Артан Ајрули и Перпарим Бајрами, кој во тој момент нема никаква функција во Државната лотарија.

Анализата на тендерите, пак, покажа дека од јануари 2022 година, период кога Перпарим Бајрами ја презема раководната позиција како генерален директор во „Државна лотарија“, компанијата „Ритрон копи“ се појавува како победник на тендери во акционерското друштво.

Бирото за јавни набавки покажува дека Државна лотарија склучила шест договори со оваа компанија за набавка на телевизори, компјутерска и комуникациска опрема, мултифункциски уреди и графички станици за ТВ извлекување.

Договорите се склучени во период од јуни 2022 до средината на октомври 2023 година. Нивната вредност изнесуваше 365.252 евра.

По заминувањето на Перпарим Бајрами од раководната позиција, Државната лотарија ги стопираше рамковните договори и повеќе не ги користи нивните услуги.

ДКСК: Не сме надлежни за веродостојноста на сертификатот на директорот на АНБ

Прес конференција на ДКСК (архивска фотографија)
Прес конференција на ДКСК (архивска фотографија)

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) истакнува дека нема надлежност да ја истражува веродностојноста на сертификатот по англиски јазик на директрот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.

Денешната реакција од ДКСК следува откако претходно опозицискиот Социјалдемократски Сојуз побара повлекување и преиспитување на одлуката на Антикорупциска во врска со случајот со дипломата на Христовски, како и преиспитување на анализата направена од Државниот просветен инспекторат (ДПИ).

„Во однос на предметот за директорот на АНБ, што се однесува на оспорената факултетска диплома, надлежна иснтитуција која ги утврдува фактите е Државниот просветен инспекторат врз основа на чиј записник од спроведен инспекциски надзор е донесена одлуката на ДКСК. Во однос на овој случај, сакаме да укажеме дека ДКСК нема надлежност да презема истражни дејствија во однос на веродостојноста на сертификатот за познавање на странски јазик и тоа прашање е во надлежност на истражните органи“, се вели во реакцијата од ДКСК.

Од ДКСК ги негираат обвинувањата од СДСМ дека членката на оваа комисија Цвета Ристовска, која реферираше дека сè е во ред со дипломата на Христовски, истовремено е и предавач на истиот Универзитет од каде што е издадена спорната диплома.

„Што се однесува до членот на ДКСК Цвета Ристовска, сакаме да укажеме дека нејзината соработка со Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје била на ниво на гостин предавач и никогаш за финансиски надомест или друг тип договорна соработка. Оттаму, сметаме дека не постои никаков судир на интерес бидејќи нема никаква поврзност со наведниот универзитет“, информираат од ДКСК.

Инаку ДКСК пред два дена констатираше дека нема основа за постапување по пријавата за судир на интереси и корупција при именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.

На седницата од 24 декември, ДКСК утврди дека Христовски ги исполнува условите за именување според Законот за АНБ. Сепак беше истакнато дека Комисијата нема надлежност за директна експертиза на дел од документите.

Одлуката на ДКСК следува откако во случајот со именувањето на директорот на АНБ, Бојан Христовски, спорни беа сертификатот за англиски јазик, за кој постојат сомневања дека е издаден од неовластено јазично студио во Пловдив, Бугарија, потоа дипломата за високо образование, за која имаше сомневања за валидноста од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје и документите за работно искуство поврзано со тоа дали Христовски има доволно години стаж на раководни позиции, како што е предвидено со законските услови.

За назначувањето на Бојан Христовски за прв човек на Агенцијата на национална безбедност, предистрага отвори и Обвинитеството, откако во јавноста се отвори сомнеж за сертификатите коишто ги поседува за да ја извршуваа функцијата. Од Основното јавно обвинителство Скопје информираа дека до нив пристигнале две анонимни пријави, кои се споени во една и дека предметот е веќе распореден кај јавен обвинител.

Tajланд се приклучува во БРИКС како земја партнер

илустрација
илустрација

Тајланд ја прифати поканата да стане земја партнер на БРИКС и се надева дека во наредниот период ќе се приклучи во организацијата како полноправна членка, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на земјата.

Портпаролот на министерството на прес-конференцијата рече дека Тајланд на 31 октомври добил официјална покана да стане партнер на БРИКС од претседавачот на таа организација, Русија, а дека на 24 декември на седницата на владата било одлучено да се позитивен одговор на таа покана.

Како што наведе, истиот ден тајландскиот министер за надворешни работи испратил писмо до рускиот колега во кое ја изразува согласноста на Тајланд да се приклучи на БРИКС како земја партнер.

Според портпаролот, Тајланд се надева дека ќе го подобри нивото на односите со земјите-членки на организацијата, со цел да ги подобри можностите за развој на сопствената економија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG