Достапни линкови

Уставните измени влегуваат во последната фаза


Во финалниот текст на четирите амандмани за промена на Уставот, дополнителни измени по спроведените дебати се направени во два амандмани. Според Владата, сите амандмани произлегуваат од Преспанскиот договор. Упатените не очекуваат дополнителни амандмани за време на собраниската расправа.

Уставните измени влегуваат во последна фаза откако Владата го усвои финалниот текст и го достави до Собранието. Од првичните предложени амандмани по спроведените дебати измени претрпеа два амандмани.

Изменет е финалниот текст на амандманот 4, односно во Преамбулата на Уставот се бришат зборовите „кои живеат во нејзините граници“, „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“.

Општ консензус по дебатите е постигнат и за амандманот 36 кој сега е дополнет со тоа дека републиката ги негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ, потоа дека ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство, како и се грижи за дијаспората и унапредува врските и републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

„Владата е целосно посветена на Преспанскиот договор преку фазата во којашто сме сега, односно уставните амандмани коишто се во процес сега веќе повторно во Собранието на Република Македонија. Во целост ги почитуваме и имплементираме сите одредби кои што се исклучиво од Преспанскиот договор и нема ништо надвор од истиот во процес на имплементација“, рече портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција.

Во измените, според Бошњаковски се вклучени и дел од сугестиите што ги имаше албанската опозиција.

Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски вели дека сите амандмани се во функција на амандманот 33 за промена на името.

„Во основа овие четири амандмани кои веќе се утврдени мислам дека ја изразуваат определбата од самиот почеток, односно одлуката за пристапување кон промена на Уставот. Според тоа, не очекувам нешто битно да се дополни или огради дотолку повеќе што самото пристапување кон промена на Уставот ја одредува содржината на самите амандмани. Во овој дел тие се стандардни работи“, вели Ивановски.

Јавната расправа, според него, практично само ги поддржа, прифати и ги аргументираше на определен начин амандманите.

„Повеќе во јавноста се создава слика дека се вршат кој знае какви коренити промени, но мислам дека сепак овие се само дотерување и засега овие измени мислам дека само ќе ја оправдаат самата намера, а тоа е создавање на услови за ориентација наша кон НАТО и кон ЕУ“, додава Ивановски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека комисиската расправа за амандманите ќе започне на 17 декември, пленарната седница треба најрано да биде закажана на 9 јануари идната година, а гласањето да се случи на 15 јануари.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG