Достапни линкови

Вести

Јанушев – Замрзнувањето на имотот на ВМРО-ДПМНЕ е политички прогон

Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ
Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ

Одлуката за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ е политички мотивирана за да се изврши политички прогон врз партиското делување, обвини генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев. Тој рече дека е замрзнат целиот имот на партијата и сите штабови низ целата земја во вредност од околу 10 милиони евра и оти тоа ќе предизвика сериозна штета во функционирањето на партијата. Тој рече дека за прв пат во Македонија се замрзнува имот на опозициска партија.

„Оваа власт се обидува да забрани политичко делување кое се разликува од антидржавните политики на СДСМ. Одлуките на судиите се неосновани и без правна аргументација, исклучиво политички мотивирани. Не постои мандат и надлежност за определување вакво барање, а второ ВМРО-ДПМНЕ како правно лице не е осомничено во постапка, оттука очигледна е намерата на инспираторите на ова сценарио да се спроведе политички прогон со кој на партијата и се извршува штета и се спречува нормалното работење“, рече Јанушев.

Тој посочи дека веќе е поднесена жалба за решението на судот.

Судија на претходна постапка, по барање на СЈО, претходно изрече привремена мерка за обезбедување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ. Дејствијата се преземени во рамки на предметот „Талир“, со оглед на тоа што, според СЈО, постои веројатност имотот да биде отуѓен до завршување на постапката.

види ги сите денешни вести

Бајден и Трамп се сретнаа во Белата куќа – ветија мирен трансфер на власта

Трамп и Бајден одржаа средба во Овалната соба.
Трамп и Бајден одржаа средба во Овалната соба.

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, и актуелниот претседател Џо Бајден, долгогодишни политички ривали, денеска (13 ноември) се сретнаа во Белата куќа, за првпат откако Трамп победи на изборите минатата недела. Двајцата ветија непречена транзиција на власта во јануари.

Во мирна атмосфера прекривајќи ги тензиите меѓу нив двајцата, Трамп и Бајден седнаа еден до друг во Овалната соба.

Бајден го победи Трамп на изборите во 2020 година, но оваа година се откажа од претседателската трка откако во јули имаше катастрофален настап на дебата со Трамп. Тој ја препушти кандидатурата на потпретседателката Камала Харис, која загуби.

„Очекуваме да имаме, како што рековме, непречена транзиција“, рече Бајден додавајќи кон Трамп: „Добредојдовте, добредојде назад“.

„Политиката е тешка, и во многу случаи тоа не е многу убав свет, но денес е убав, и навистина ја ценам транзицијата која е мирна онолку колку што може да биде. Навистина го ценам тоа, Џо“, рече Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.

Средбата меѓу Бајден и Трамп беше контраст на критиките што тие ги разменуваа меѓу себе низ годините наназад. Нивните тимови имаат многу различни ставови за политиката, почнувајќи од климатските промени, па се до Русија и до трговијата.

Поворката со автомобили во која се наоѓаше Трамп помина низ силно обезбедената капија на Белата куќа, по што Бајден го пречека поранешниот и идниот претседател во Овалната соба.

Првата дама Џил Бајден му се придружи на Бајден во пречекот на Трамп. Белата куќа соопшти дека таа му дала на Трамп рачно напишано писмо со честитки за неговата сопруга Меланија Трамп и „ја изразила подготвеноста на нејзиниот тим да помогне во транзицијата“.

Во меѓусебните критиките што претходно си ги упатуваа, Бајден (81) го прикажуваше Трамп како закана за демократијата, додека Трамп (78) го прикажуваше Бајден како некомпетентен. Трамп и лажно тврдеше дека имало широко распространети нерегуларности на изборите во 2020 година, кои ги загуби од Бајден.

Претходно во текот на денот, Трамп ја прослави својата победа со републиканците во Претставничкиот дом кои имаат големи шанси да ја задржат контролата врз Долниот дом на Конгресот, за што сè уште се очекуваат резултатите од гласањето на 5 ноември.

„Зарем не е убаво да се победи? Убаво е да се победи. Секогаш е убаво да се победи“, рече Трамп.

За седум места во Советот на АВМУ во трка се 22 кандидати

Кандидатите денеска се претставија пред собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Кандидатите денеска се претставија пред собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.

По десет години, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) би требало да добие нов состав.

Во трка за седумте места во Советот на АВМУ се 22 кандидати кои денеска (13 ноември) се претставија во Собранието, пред Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Пратеникот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајковски, на крајот од седницата рече дека верува оти седумтемина што ќе бидат избрани „ќе го дадат максимумот“ за да се подобрат медиумските услуги, но и дека со нивниот ангажман во Советот на ААВМУ ќе се овозможи и подостоинствена работа на новинарите.

„Верувам дека секој од нив би дал максимален придонес зашто на денешната јавна расправа слушнавме импресивни настапи и идеи за следниот период на ААВМУ“, рече Сајковски.

Профилот на кандидатите за членови на Советот е разнолик и дел од нив, меѓу другото, се и правници, новинари, аналитичари, информатичари … Меѓу нив има и актуелни членови на Советот, но и вработени на други позиции во АВМУ.

На јавниот конкурс беа пријавени 31 кандидат, во меѓувреме еден се откажал, а шестмина беа дисквалификувани зашто не донеле уверение за државјанство.

Останаа само 24, но непосредно пред денешната седница на собраниската комисија, се откажаа двајца од кандидатите: Миле Бошњаковски и Виктор Грозданов.

22 кандидати од кои пратениците понатаму треба да го изберат новиот состав на АВМУ се: Сашо Стефановски, Нафије Селмани, Драгица Љубеска, Петар Џуровски, Емилија Петреска Камењарова, Шабан Даљипи, Андријана Скерлев Чакар, Лазо Петрушевски, Зоран Фиданоски, Арбен Саити, Емилија Јаневска, Давор Башоски, Даут Даути, Гордана Мајнова, Виктор Павловски, Владимир Ѓорѓиевски, Елена Стојковска, Зеријета Хајро Јајага, Цветанка Миновска, Стојанче Наумов, Афрона Верзиволи и Борис Арсов.

Законот забранува за член на Советот да биде избрано лице кое е именувано од страна на Собранието или Владата. Законот, исто така, забранува за членови на Советот да бидат избрани лица кои биле членови на раководни органи на политичките партии во последните 10 години. Законот бара кандидатите да имаат работно искуство од најмалку осум години во струката и кои во јавноста се истакнале во областа на комуникологијата, новинарството, информатиката, културата, економијата или правото.

Сегашните членови беа избрани во 2014 со мандат од 7 години. Законот потоа се смени за мандатот да се скрати на 5 години, но беа донесени и измени мандатот на актуелните членови да им трае додека не се изберат нови. Со години Собранието не можеше да изгласа нови, што беше нотирано и во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава.

ФБИ уапси маж обвинет за оддавање разузнавачки информации за израелските планови за Иран

Лого на ФБИ.
Лого на ФБИ.

Американското Министерство за правда го обвини Асиф Рахман, кој работел за Централната разузнавачка агенција (ЦИА), за наводно оддавање доверливи разузнавачки информации на САД поврзани со плановите на Израел за одмазднички напад на Иран, објавија американските медиуми.

Според медиумските извештаи, претходно овој месец Рахман бил обвинет и за намерно пренесување информации за националната одбрана.

Тој во вторникот беше уапсен од Федералното истражно биро (ФБИ) во Камбоџа и треба да се појави пред судот во Гуам, американски остров во Тихиот Океан.

Судските документи покажуваат дека тој бил вработен во американската влада. Според лице запознаено со неговото вработување, Рахман бил ангажиран во ЦИА која му овозможила пристап до чувствителни информации.

Њујорк Тајмс, кој прв ја објави веста, пишува дека Рахман е обвинет во врска со објавувањето разузнавачки информации на социјалната мрежа Телеграм во средината на октомври.

Објавените информации ги вклучуваа и плановите на Израел за преместување на муниција и за вежби на израелските воздухопловни сили.

Сослушани над 60 лица за несреќата на железничката станица во Нови Сад

Спасувачката екипа по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, 2 ноември 2024 г.
Спасувачката екипа по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, 2 ноември 2024 г.

За несреќата на железничката станица во Нови Сад, каде при уривање на настрешницата загинаа 14 лица, досега се сослушани повеќе од 60 лица, објави денеска (13 ноември) новосадското Вишо јавно обвинителство.

Меѓу загинатите беше и македонскиот државјанин Васко Саздовски, кој последните години работел во Институтот „Биосенс“ во Нови Сад каде се истражуваат и развиваат информатички технологии за земјоделството.

Обвинителството во моментов води предистрага за несреќата.

Како што наведуваат оттаму, во тек е градежно вештачење за утврдување на причината за падот, како и анализа на примероци од остатоците од урнатата настрешница.

„По завршувањето на вештачењето и утврдувањето на причината, обвинителството ќе може да утврди одговорност за пропустите кои довеле до трагичните последици“, се додава во соопштението.

Од Обвинителството наведуваат дека несреќата има апсолутен приоритет во нивното постапување и оти во соработка со полицијата била подигната целата документација од сите надлежни институции и поединци, чија детална анализа е во тек.

Откако на 1 ноември при уривањето на бетонската настрешница на реновираната железничка станица во Нови Сад загинаа 14 лица, а тројца беа тешко повредени, дел од граѓаните, активистите и опозицијата ја повикуваат власта на одговорност.

Беа одржани повеќе протести на кои се бара утврдување на кривична одговорност за несреќата, како и оставка на српскиот премиер Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.

Неколку дена по несреќата оставка поднесе само министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ.

Меѓу барањата кои произлегоа од протестите е и објавување на сите тајни договори поврзани со реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, а се бара и контрола на сите инфраструктурни проекти кои се започнати и реализирани во последните десет години во Србија.

СДСМ против предлог-буџетот за 2025, поднесе над 200 амандмани

Социјалдемократите очекуваат дека власта ќе има конструктивен пристап кон нивните амандмани.
Социјалдемократите очекуваат дека власта ќе има конструктивен пристап кон нивните амандмани.

Нереален и неразвоен, е оценката на опозицискиот СДСМ за предлог-буџетот за 2025 година што Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го усвои на крајот на октомври и за кого наскоро треба да започне собраниската расправа.

Социјалдемократите, соопшти денеска партискиот лидер Венко Филипче, нема да го поддржат ваквиот предлог-буџет. Тие подготвиле и поднеле над 200 амандмани во кои, како што рече Филипче, главниот фокус е на зголемување на платите во јавниот сектор и обезбедување подобри услови за работат и квалитетни јавни услуги.

„Овој буџет, како што е предложен, е скроен да ги задоволи потребите на власта, а не на граѓаните. Владата предвидува раст на БДП од 3,7 отсто за 2025 година, кој нема да може да го оствари, а потврда за тоа се проекциите на Народна банка, која го определи на 3,3 отсто и очигледно најреалната проценка на Светска банка 2,5 отсто. Владина проекција за висок раст на БДП е поставена на нереална основа и има за цел да оправда поголем буџетски дефицит“, рече Филипче додавајќи дека ваквиот пристап на власта ќе води кон зголемување на јавниот долг без притоа да има некаков развој.

Со други зборови, посочи Филипче, „ќе трошиме повеќе од тоа што заработуваме, а долгот ќе го враќаме во иднина веројатно со многу повисоки даноци“.

Социјалдемократите очекуваат дека власта ќе има конструктивен пристап кон нивните амандмани кои, велат, ги подготвиле по направела анализа со експерти од повеќе области.

„Нашите амандмани не се само бројка. Тие се инструмент преку кој бараме вистински промени кои директно ќе влијаат на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Воведуваме зголемување на платите за вработените во јавниот сектор, почнувајќи од образованието и здравството, што ќе ја подигне мотивацијата на работниците и ќе овозможи поквалитетни услуги за сите“, изјави Филипче.

Тој наведе дека предлагаат и зголемување на платите на полицијата за 20 проценти, како и нова технолошка опрема за поголема безбедност на граѓаните. Понатаму, посочи, амандманите предвидуваат субвенции за младите земјоделци, како и за домаќинства и компании кои ќе преминат на електрични возила итн.

Со слични констатација, дека предлог-буџетот не е ниту демократски ниту развоен денеска излегоа и од ДУИ.

Додека опозицијата критикува, власта е на став дека предлог-буџетот за 2025 година ќе донесе „вистински развој на државата“. Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска во предлогот се содржани мерки кои ќе донесат фискална консолидација и дисциплинирано даночно трошење, како и мерки и политики за поттикнување на економскиот раст.

Инаку, предлог-буџетот за следната година е „тежок“ 6,5 милијарди евра. Во него приходите се проектирани на 5,8 милијарди евра, што е за 13 проценти повеќе од овогодишниот буџет. Расходите, пак, е предвидено да изнесува 6,5 милијарди евра, што е за 10 проценти од претходниот буџет.

Адвокатот кој го возеше Палчо до Белград сведочеше на судењето за убиствата на Вања и Панче

Љупчо Палевски Палчо на судско рочиште за убиствата на Вања и Панче.
Љупчо Палевски Палчо на судско рочиште за убиствата на Вања и Панче.

Во скопскиот Основен кривичен суд денеска (13 ноември) се одржа ново рочиште од судскиот процес за убиствата на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Беа сослушани неколку сведоци, меѓу кои и адвокатот Васко Стојков, кој го возеше првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо до Белград.

Зборувајќи за причините зошто заминале за Србија, адвокатот рече дека Палевски кажал оти сака да го среди проблемот со кичмата и планирал доколку е потребно оттаму да замине за Турција.

На прашањето што разговарале за време на патувањето, адвокатот одговори дека тоа биле многу работи, но не и за медицинскиот преглед.

„Разговаравме за тоа дека политичката партија Десна поднесе кривична пријава на 24 ноември против високи функционери за големи криминали. Ми кажа дека има некое велешко возило, рече ’се лепи за мене, низ градот каде што се движам‘“, рече сведокот.

Во Белград, според сведочењето на адвокатот, биле на вечера со некој професор кој требало да биде гостин во нивниот поткаст.

„Потоа го оставив Палчо во хотел, а јас се вратив за Скопје. Утредента ми се јави, ми кажа дека најверојатно ќе заминува за Турција. Рече ’ќе мора за Турција да одам, нема да бидам тука десетина дена, нема да дојдам на Централниот комитет (на партијата), со Миле ќе договоривте што треба‘“, рече тој.

Адвокатот, исто така, сведочеше дека откако започнала истрагата, него го викнале на распит и во текот на распитот му се јавил Палевски и кажал дека се наоѓа во Турција.

„Во текот на распитот се јави Љупчо, им кажав на инспекторите, тие ми рекоа прашај го каде е, јас го прашав, тој ми одговори дека веќе стигнал во Турција“, рече Стојков додавајќи дека по барање на инспекторите го прашал Палчо и за тоа каде се движел.

Откако медиумите почнале да пишуваат за убиствата и поврзаноста на Палевски, адвокатот рече дека престанал да комуницира со осомничениот затоа што, како што рече, „се исплашив“.

Од обвинителна клупа прашања до адвокатот сведок постави и самиот Палевски, кој праша и дали му делувал сомнителен.

Адвокатот одговори оти „немал таков впечаток“.

Двајцата, според сведочењето, се познаваат шест-седум години.

„Имавме релации, преку партијата, приватни релации. На пример Љупчо Палевски одредено време имаше потреба од парични средства, ме замоли ако имам да му позајмам, јас му позајмив. Најдовме човек што ќе го купи станот, да не дојде до извршување“, рече тој.

Како сведоци во судница денеска се појави и членови и симпатизери на партијата Десна на Палевски, како и тетката на убиеното девојче Вања.

Покрај Палевски, обвинети во овој случај се и Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов. На обвинителна клупа седи и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека давал информации за движењето на девојчето.

Сите се изјаснија дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Палевски, како првоосомничен беше уапсен во Турција на 5 декември лани, а турските власти и го екстрадираа на Северна Македонија на 15 мај годинава.

Познат руски готвач пронајден мртов во Белград

Алексеј Зимин, декември 2020 г.
Алексеј Зимин, декември 2020 г.

Рускиот готвач и угостител Алексеј Зимин е пронајден мртов во Белград на 53-годишна возраст.

Од Вишото јавно обвинителство во Белград за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјавија дека за смртта на Зимин биле информирани од полицијата.

„Наредено е да се изврши обдукција со токсиколошки наод за утврдување на причината за смртта“, се наведува во одговорот од обвинителството.

Смртта на Зимин ја потврдија и од неговиот ресторан „Зима“ во Лондон.

Последната објава на Алексеј Зимин на Инстаграм беше на 4 ноември, во која најави специјална вечера во еден белградски клуб на 7 ноември, како и презентација на неодамна објавениот проект Англоманија – личен поглед на културната историја на Велика Британија.

Во Лондон, Зимин го поседуваше рускиот ресторан „Зима“ и го издаваше истоименото списание.

Тој беше заменик-главен уредник и на гастрономското списание „Афиша“, главен уредник на „Афиша храна“.

Пишувал и за весниците „Комерсант“ и „Ведомости“.

Во неговата кариера, отоври и неколку познати ресторани во Москва.

Зимин водеше кулинарски програми на телевизиски канали кои по 11 години емитување беа укинати поради критиките за руската инвазија на Украина.

„Единаесет години. Во текот на 22 телевизиски сезони, имав програма во сабота наутро во ударен термин на НТВ. Од мај тоа го нема … Ќе нема нови епизоди поради антивоената позиција на водителот. Дали се каам? Не, жалам што на крајот учествуваме во војната. Јас не учествувам во војната, војната учествува во мене“, напиша тој на Инстаграм.

Зимин беше роден во Дубна во 1971 година.

Талибанците ја извршија шестата јавна егзекуција откако се вратија на власт

Авганистански мажи го напуштаат фудбалскиот стадион откако во февруари беше извршена егзекуција на двајца мажи.
Авганистански мажи го напуштаат фудбалскиот стадион откако во февруари беше извршена егзекуција на двајца мажи.

Талибанците денеска (13 ноември) егзекутираа маж осуден за убиство на спортски стадион, што беше шеста јавна егзекуција откако радикалната исламистичка група се врати на власт во Авганистан во 2022 година.

Егзекуцијата била во градот Алез, главниот град на источната провинција Пактија. Таа била извршена со пиштол од кој пукал член на семејството на жртвата.

Практиката на одмазднички казни, кои како во случајов може да вклучуваат јавни убиства од страна на семејствата на жртвите, го одбележа и првиот мандат што Талибанците го поминаа на власт во Авганистан во периодот од 1996 до 2001 година.

Врховниот суд на Талибанците преку соопштение на мрежата Икс наведе дека егзекутираниот маж е Мухамед Ајаз Асад кој бил осуден на „одмаздничка казна“.

Медиумите јавуваат дека Ајаз Асад бил погубен со три куршуми кои го погодиле во градите.

Во соопштението на судот се наведува дека Ајаз Асад, роден во областа Мирзак во Пактија, убил маж по име Саиф-ул-Катал користејќи калашников. Не е познато дали Ајаз Асад се изјаснил за виновен или невин по обвиненијата.

Во својата објава судот нагласи и дека смртната казна била одобрена од врховниот водач на Талибанците, Мула Хибатула Ахунџада, откако претходно била „внимателно разгледана“ од три талибански воени судови.

Високи членови на талибанската влада, вклучувајќи го и вршителот на должноста министер за внатрешни работи, сер Џудин Хакани, присуствуваа на егзекуцијата.

Хакани е водач на истоимената група Хакани, која САД ја прогласија за терористичка организација и која се смета за една од најнасилните во Авганистан.

Талибанците ја оживеаја практиката на „одмаздничка казна“ по враќањето на власт во август 2022 година, што се случи по повлекувањето на меѓународните сили предводени од САД кои беа присутни во Авганистан повеќе од две децении.

Претходно во февруари, тројца мажи исто така беа јавно егзекутирани.

Двајца од нив, Сајед Џамалудин и Ѓул Кан, беа застрелани на фудбалски стадион во југоисточната провинција Газни.

Во друга егзекуција, на стадион во северната провинција Јавзјан беше застрелан Назар Мохамед. Тој беше егзекутиран од неидентификуван маж за кој беше наведено дека е брат на жртвата за чие убиство бил осуден Мохамед.

Оваа практика ја осудуваат и Авганистанците и меѓународната заедница, а експертите ја доведуваат во прашање и нејзината валидност според исламскиот закон, наведувајќи дека таа главно има за цел да внесе страв.

Мисијата на Обединетите нации за помош во Авганистан (УНАМА) соопшти дека егзекуциите се „спротивни на меѓународните обврски на Авганистан за човекови права и дека мора да бидат запрени“.

„УНАМА ги повикува де факто властите на Авганистан да воспостават итен мораториум на сите егзекуции со цел да се укине смртната казна“, порачаа од Мисијата преку објава на мрежата Икс.

Нетанјаху: Уште еден напад врз Израел ќе ја парализира економијата на Иран

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му се обрати на иранскиот народ преку видеопорака на 12 ноември.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му се обрати на иранскиот народ преку видеопорака на 12 ноември.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху преку видеопорака им се обрати на Иранците предупредувајќи ги дека трет ирански напад врз Израел ќе ја „парализира нивната економија“.

„Тоа ќе ве лиши од многу повеќе милијарди долари“, рече Нетанјаху говорејќи на англиски јазик.

Тој тврди дека иранскиот балистички ракетен напад врз Израел на 1 октомври го чинел Техеран 2,3 милијарди долари.

Ваквата порака од израелскиот премиер може да се протолкува и како закана дека доколку Иран повторно нападне, Израел ќе се обиде да и нанесе значителна економска штета на оваа земја.

Претходно, Иран се закани дека ќе го нападне Израел откако Израелците на 26 октомври возвратија со воздушни напади врз иранските батерии за противвоздушна одбрана и врз други воени локации.

Израелскиот лидер рече дека нападот на 1 октомври му нанел „маргинална штета“ на Израел. Тоа беше втор напад на Иран врз Израел, по нападите со беспилотни летала и ракети изведени во април.

„Но, каква штета ви направи вам?“, праша Нетанјаху во видеото, додавајќи дека сумата од милијарди долари потрошена за нападот можела да се искористи во буџетите за транспорт, за образование…

Тој порача и дека животите на Иранците ќе се сменат доколку режимот во нивната земја ги троши пари за образование, инфраструктура и здравство наместо за војни со Израел.

„Знам дека не ја сакате оваа војна. Ни јас не ја сакам оваа војна. Народот на Израел не ја сака. Постои една сила што го става вашето семејство во сериозна опасност: тираните од Техеран. Тоа е тоа“, рече Нетанјаху.

Исто така, тој рече дека иранскиот режим слабее, додека Израел станува се посилен и дека светот видел само мал дел од силата на неговата земја.

„Сепак, постои една работа од која режимот на Хамнеи (врховниот водач) се плаши повеќе од Израел. Знаете ли што е тоа? Тоа сте вие – народот на Иран. Затоа тие трошат толку многу време и пари обидувајќи се да ги уништат вашиот надежи и соништа“, заклучи Нетанјаху.

Гледајќи кон иднината во која, како што најави, ќе има мир меѓу Иран и Израел, премиерот на Израел им порача на Иранците о да не губат надеж и да знаат дека Израел и „другите во слободниот свет“ стојат покрај нив.

Иран уверува дека извозот на нафта ќе продолжи и покрај изборот на Трамп

МТ Арман 114 (десно) со иранско знаме и танкерот МТ С Тинос со знаме на Камерун фатени како вршат нелегален трансфер на нафта во близина на Индонезија
МТ Арман 114 (десно) со иранско знаме и танкерот МТ С Тинос со знаме на Камерун фатени како вршат нелегален трансфер на нафта во близина на Индонезија

Иран вели дека има мерки за да се осигура дека ќе продолжи да произведува и извезува нафта, дури и ако новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, го засили притисокот врз Техеран откако ќе ја преземе функцијата во јануари.

За време на неговиот прв мандат во 2017-2021 година, Трамп се повлече од историскиот нуклеарен договор меѓу Иран и светските сили и повторно воведе санкции како дел од политиката за „максимален притисок“ на неговата администрација против Техеран. Како резултат на тоа, производството на нафта во Иран се намали од 3,8 милиони барели дневно на 2,1 милиони барели дневно, додека неговиот извоз падна на меѓу 200.000 и 500.000 барели дневно од 2,5 милиони барели дневно.

Но, и производството и извозот се зголемија во последниве години и покрај санкциите на САД, при што производството на нафта во Иран достигна околу 3,2 милиони барели дневно. Извозот, пак, достигна повеќегодишен максимум од 1,7 милиони барели дневно.

Министерот за нафта Мохсен Пакнеџад на 13 ноември им рече на новинарите дека Иран има механизми „да продолжи да ја продава нашата нафта“ без оглед на тоа кој е на власт во Соединетите Држави.

„Имаме испробани методи и немаме сериозни грижи за продажбата на нафта“, рече тој, според иранските државни медиуми.

Без да понуди детали, министерот за нафта рече дека „нашите колеги во нафтениот сектор ги преземаа неопходните мерки како подготовка за она што следува и нема причина за загриженост“.

Се очекува Трамп да започне кампања за „максимален притисок“ со нов изглед против исламската република откако ќе ја преземе функцијата на 20 јануари 2025 година.

Иран ја зголеми продажбата на нафта со заобиколување на санкциите преку различни средства, извезувајќи претежно во Кина, која не ги признава американските мерки против Иран. Тактиката вклучува пренос на нафта од брод на брод, посредници, тајни трансфери на пари и ребрендирање на нафтата за да се прикрие нејзиното иранско потекло.

Иранската сурова нафта сочинува околу 13 отсто од увозот на нафта од Кина, најголемиот светски купувач на оваа стока. Пекинг вели дека набавките се во согласност со меѓународното право.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG