Достапни линкови

„Еко - не его Арт“ во Галерија КО-РА


ЕКО АРТ 1
ЕКО АРТ 1

Повеќе од 50 дела на група на уметници и аматери создадени во комбинација со она што 99 отсто од популацијата го набљудува како отпад ќе бидат претставени на изложбата „Еко - не его Арт“, што од 17 до 24 октомври се одржува во Галерија КО-РА во Скопје.

Сарита Конеска, Игор Љубовчевски, Гордана Винчиќ, Андријана Андреева, Весна Петрушевска, Ања Илиева, Сали Ертунч, Глигор Кузмановски, Доротеј Нешовски, Викторија Попоска, Воислав Стојановски, Ѓорѓи Димовски и Жаклина Димовска се само некои од 17-те македонски творци и аматери чии дела создадени во комбинација со она што 99 отсто од популацијата го набљудува како отпад ќе бидат претставени на изложбата „Еко не его Арт“, што од 17 октомври, се одржува во Галерија КО-РА во Скопје.

Станува збор за поставка на ентузијасти, иновативни и одговорни во својата посветеност, работа на себе и на својата околина, кои на овој начин упатуваат пораки за еколошка свесност и одговорност преку своите творби. Вака тие онака како што знаат и умеат заговараат уметност, љубов, креација, синергија, алтруизам, свесност, екологија, одржливост...

„Целта ни е да се потсетиме, да се активираме, со што директно можеме да влијаеме на свесноста за зачувување и заштита на Природата, социјалната средина, како и културата на живеење во Синергија со себе и со сето она што не опкружува“, вели Сарита Конеска, ликовна уметница и координаторка на проектот.

Од таму, таа не случајно ќе забележи дека на изложбата и не било важно дали учество ќе земат исклучиво професионални уметници, туку и аматери, дури и пензионери и деца кои се единствени во потребата на овој начин да ги искажат сопствените ставови и размисли. Заложбите за една поинаква животна средина.

„Едноставно за оваа изложба немаше ограничувања. Немаше граници, а сепак сите, и аматери и професионалци, се потрудија сето она што ќе биде изложено да биде професионално направено. И најважно од сè сето тоа да биде направено од отпад во комбинација со други материјали. Од лисја во природата, па сè до најтешки предмети кои се исфрлаат во домаќинство, во нашиот секојдневен домашен функционален живот. Буквално сè што се исфрла беше користено како материјал за изработка на делата за оваа изложба“, дополнува Конеска.

Згора на ова треба неизоставно да се спомене дека оваа изложба „Еко не его Арт“, зад која стои невладината Хуман свет – Здружение за подигнување на свеста за човечките вредности, околина и средина преку холистички пристап, е всушност финалниот настан со кој практично ќе биде заокружен циклусот на случувања во рамките на проектот „Обуки за развој на Бизнис Мрежна уметност и општествена одговорност на поединецот во заедницата“ поддржан од Град Скопје - Сектор за локален економски развој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG