Достапни линкови

Пачкова - Самохраните мајки не се канцер на општеството


„Уште што друго сум освен што сум канцер на општеството“ е насловена патувачката изложба на уметницата Дороти Пачкова, којашто од 1 октомври и во текот на целиот месец ќе биде прикажана во Охрид, Струга, Тетово, Штип, Битола и во Скопје. Поставката составена од 20 концептуални фотографии е поттикната од стигматизирачките, дискриминирачки и стереотипизирани навреди упатувани кон жените, посебно кон жените самохрани мајки.

Дороти Пачкова, уметница, граѓанска активистка и претседателка на Здружението на самохрани мајки ЕДНА МОЖЕ е силна жена. Жена од акција. Од таму не случајно нејзиниот нов проект, осмата самостојна изложба со која на 1 октомври тековнава година од Охрид и галеријата „Икар кат“ на Илина Арсова тргна на пат по Македонија, ќе биде насловена како „Уште што друго сум освен што сум канцер на општеството“. Имено, преку 20 концептуални фотографии главно на Наташа Гелевска и други самосвесни уметници, Пачкова сака силно да го крене гласот против постојната состојба и да проговори за стигматизирачките, дискриминирачки и стереотипизирани навреди упатувани кон жените, посебно кон жените самохрани мајки. За нивната положба во актуелното македонско општество.

„Инспирацијата за изложбата „Уште што друго сум освен што сум канцер на општеството“ потекнува од лавината навреди на социјалните мрежи, пред се на Твитер заедницата, која се случуваше пред неполни две години кадешто многу беа гласни оние кои мислеа дека самохраните мајки се канцер на општествената заедница и оние кои даваат лош пример за идните генерации, па така ни препорачуваа да си седиме мирни,да се скриеме дома и да си ги наведнеме главите“, вели уметницата.

Дороти појаснува дека откако се случиле тие настани и од кога станало популарно „дека тие се канцер на општеството како самохрани родители, таа веќе следниот ден била повикана да гостува во четири емисии и да каже што мисли за тоа. Се разбира, како што вели, таа и нема проблем да кажува што мисли, но дека тоа најдобро го прави преку уметност. Затоа и не се смирила додека не ја замислила, оформила и концептуелизирала оваа изложба, која на 3 октомври ќе биде отворена и во Галеријата „Вангел Коџоман“ во Музеј „Д-р Никола Незлобински“ во Струга, а потоа ќе се бараат и датумите да биде прикажана во Тетово, Штип, Битола и конечно во Скопје.

Главната цел на овој мал, патувачки проект е да направи „game change“ во перцепцијата и самопепрцепцијата и на жените и за жените, посебно за жените самохрани мајки, вели таа.

„Претендирајќи дека една жена може да успешна, целејќи да ја извади од улогата на жртва, лузерство, неуспех, самосожалување и не давање на шанси за подобар живот на себе и на своите деца, дополнително овој проект има за цел, да и претстави на пошироката публика какви сè способности може да имаат жените, и посебно – да еманципира дека самохраните мајки не се канцер на општествата“, појаснува Пачкова.

Таа и со верба дека токму овој зафат ќе ги поттикне и мотивира и донесувачите на одлуки за јавните родови политики кои ги опфаќаат/кои се однесуваат на жените самохрани мајки, да излезат од игнорантската позиција, после 27 години и кон целната група да одговорат според нивните специфични начини на дејствување и живеење, кои им ги наметнуваат семејните околности.

„Со ваков вид на позитивна акција/афирмација, се отвараат нови перспективи и се детабуизира, се дестигматизира и унапредува позицијата на самохраните мајки, а и се мотивираат сите жени, со и без деца и од различни типови на семејни конструкти“, смета уметницата.

Дороти со дополна дека проектот цели кон тоа „да создаде ефективен круг на феминистичко уметничка, конструктивно критична маса, што е пак помала подгрупа во големата сфера на феминистичка теорија која ги истражува дискриминацијата, сексуалната објективизација, угнетувањето, патријахалноста стереотипизирањето и слични родови проблеми“.

Според неа, „вака се создава потенцијална можност за идни инклузивни, здружени соработки, кои организирано ќе третираат уметничко-културни-родови предизвици“.

„Проектот го формираат 20 концептуални фотографии, на жена, во сите различни сценарија кој се дел од нејзиното секојдневие. Фотографиите референцираат на првите феминистички фотографии, но во современ контекст и преку перспектива на сингл мајчинство. Фотографиите се свесно доведени до радикално нагласување на успешноста на жената, токму поради потребата да се излезе од дисфункционалниот, наметнат, директно и индиректно матрикс“, ќе рече Пачкова.

Кон ова уште и информацијата дека дел од изложбите се поставуваат во државни галерии и музеи, дел во јавен простор, а дел во приватен имот со цел „да се нагласи идеата дека местото на жената е каде таа ќе одлучи и ако сака – секаде, и во приватната и во јавната и културна сфера“.

Згора нејзина тенденција е на секоја изложба да се собираат податоци од посетителите/ките, со цел да се започне со архива на заинтересирани за феминистичко критичко конструктивна уметност.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG