Кога ќе се спомене Театарот за деца и младинци веднаш се помислува на театар кој има огромен успех на меѓународната сцена. Само во последниов месец освоивте дури седум значајни меѓународни награди. Како ги објаснувате овие достигнувања?
Најмногу од сè е потребна насмевка и добро расположение и радост и желба да се случи, тоа што треба да се случи. Не се фалам со мојата енергија и со мојата желба, не сакам да бидам нескромна, бидејќи не сум. Сакавме да направиме нешто театарот да се врати на вистинската, на онаа на стара патека на којашто бил. Веројатно препознав во режисерот Драгослав Тородовиќ нешто весело, нешто што сака најискрено да го направи за да се дополни, разубави театарот во неговиот репертоар. Ни требаше куклена претстава. Неговата соработничка, пак, ги направи исклучително убавите кукли за претставата Тоби, со која остваривме добри резултати. Добивме Гранд при, а најважната награда, најубавата, за мене и за моите колеги, е наградата од детското жири. Детското жири ни даде награда за најдобра претстава во целина. Непосредно пред да одиме во Црна Гора, беше и фестивалот Ристо Шишков во Струмица, таму ја добивме наградата НЕТА за најдобра претстава во целина за претставата „Една свет изградив“. Го одбравме режисерот Јане Спасиќ, којшто направи добра младинско - вечерна претстава.
Сепак и покрај меѓународните награди, покрај сите достигнувања што ги има Театарот за деца и младинци, и натаму работите во повеќе од скромни услови. Ќе се исполнат ли сите ветувања, театарот да работи во подобри услови?
Работиме во многу мал театар. Сцената е многу мала, 5 на 6 метри, нема доволно висина, нема чиги. Ние можеби сме единствениот театар во Македонија што работи без чиги, така што се трудиме, се снаоѓаме како да ги закачуваме завесите, сценографиите, кулисите. Но, таа борба некако добро ни оди, добро ни оди со години. Дваесет години славевме како сме во овој простор. Првиот директор и иницијатор за формирање на Театарот за деца и младинци, Чадиковски, во една прилика рекол дека ова е само привремено решение. Но, тогаш биле вработени многу помалку луѓе, официјално биле вработени дел од администрацијата и еден или двајца актери, па подоцна се зголеми тој број на осум и долги години бевме осум актери, а сега сме 16. Во една прилика, кога му кажав на Чадиковски дека сакаме да иницираме идеја за нов простор, тој ми рече – да, и ја мислев дека ни треба нов простор, но ние сите можни успеси, награди и среќни моменти ги доживеавме во овој простор. Да, и тоа е навистина така, од една страна, но од друга страна ни треба ширина. Имаме иницијатива и мислам дека не само што ни треба поголем простор, туку мислам дека ќе успееме да го реализираме тоа со помош на Министерството за култура и сите останати институции коишто се одговорни за тоа.
Ако го тргнеме на страна просторниот проблем, каде сте вие како институција со вреднувањето на трудот? Синдикатот ги кажа своите очекувања од донесувањето на Колективниот договор, што мислите вие околу тоа? Може ли Театарот за деца и младинци и од таа страна да биде привлечен за младите творци?
Јас да не бев на оваа позиција, сигурно ќе бев дел од синдикатот за културата, како што и бев, се вклучив. Апсолутно ќе поддржам секаква иницијатива да се поддржува тој договор и да се вреднуваме според трудот, според категориите, коишто сега моментално ги имаме само на хартија. Одамна е направено актерите да сме во четири категории, плус првенец, конкретно во нашиот театар и можеби уште во еден – два, сите земаме плата, основица, како да сме една категорија. Четврта или трета не знам сега, а како колектив играме можеби најмногу од сите театри во Македонија.
Целото интервју со директорката на Театарот за деца и младинци, Катерина Илиевска Силјановска, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.