Достапни линкови

„Снежната кралица“ како современа бајка премиерно во Театар за деца и младинци


Плакат за претставата „Снежната кралица“.
Плакат за претставата „Снежната кралица“.

По безмалку седум години од поставувањето на хит-претставата „Пипи долгиот чорап“, режисерката Драгана Милошевски – Попова се враќа на сцената на Театарот за деца и младинци – Скопје. Овојпат да ја исправи на сцена „Снежната кралица“, претставата работена по мотиви на класичната бајка на Ханс Кристијан Андерсен, за која текстот го напиша Билјана Крајчевска.

Заедно да се втурнат во авантурата самосвојно да ја интепретираат класичната бајка објавена во 1844 година и така да и вдахнат свој печат, согласно потребите на времето и настаните...на денешнината. Да го сторат она што мнозина го сториле досега посегајќи по оваа поема за живот без граници, која во една пригода, но како куклена претстава и верна на оригиналната приказна, во 2005 година со Николај Бојаџиев како режисер, веќе била поставена во Тетарот за деца и младинци .

Притоа режисерката Драгана Милошевски –Попова ја концепира фабулата низ чудесното патување на девојчето Герда. Таа е спремна да направи сѐ за да го пронајде својот пријател Кај којшто е заробен во смрзнатото срце на Снежната кралица, покажувајќи ни ја моќта на вистинското пријателство. Затоа не чуди кога таа вели дека ова е „претстава за љубовта и растењето испишани од перото на едно дете“.

Во претставата се натпреваруваат две доминантни сили. Снежната кралица со своите невидливи сили, лукавоста и злото на која ја тера осаменоста, е претставник на ладниот разум и не може да сфати дека постојат наспроти неа такви кои што се спремни да се откажат од сопствениот интерес и да се жртвуваат заради љубовта и пријателството.

Милошевски –Попова појаснува дека нивната „Снежна кралица“ за разлика од сите бајки коишто се добро познати не ги дели ликовите само на добри и само на лоши, туку дека отвора разно-разни прашања зошто некој лик донесува важна животна одлука.

„Сметам дека во театарот за деца немаме право да даваме конечни животни ставови. Да наметнуваме нешто, туку да ги провоцираме децата да размислуваат на тема што е добро да се направи, а што не. Да одлучат сами кој е нивниот пат, а ние како родители и како автори сме тука просто да ги поддржиме сами да ги донесат тие ставови. Не даваме никакви одговори спакувани во шарени хартии со големи панделки“, вели режисерката.

Таа дополнува дека со оваа претстава се обиделе да ги насочат децата да размислуваат, да поставуваат прашања и да видат кои ликови како се развиваат и зошто носат одредени потези во животот, што за неа е исклучително важно во креирањето на една театарска претстава за деца.

Билјана Крајчевска, која патем е вработена како драматург во Битолски театар и е повеќегодишнa соработничка на телевискиот серијал „Петко“, говорејќи за својот прв драмски текст за деца знае да каже дека „детската фантазија е нешто бесконечно“. Нешто што кај нив ја разбудило инспирацијата и ги натерало таквата бесконечност да се обидат да ја задржат низ една современа претстава, ововремен текст и посебно модерен начин на игра.

Таа потсетува дека тие сите заедно како луѓе коишто го живеат и работат театарот потпишуваат всушност еден ангажиран проект. Дека всушност првиот ангажман, социјален, политички, емоционален..., почнува токму кај најмладата публика. Дека така се почнува и дека како автор би била радосна ако публиката ги препрочита сите симболи и она што сакале „да го прераскажат“ во времето во кое живееме.

„Сие ние како уметници, како театарски работници, добро знаеме дека нашата задача е преку театарот, бидејќи театарот е единствениот медиум кој зборува директно во лице на публиката, да го соопштиме она што не интересира, она што е наш проблем, она што мислиме дека треба да се промени. И затоа сметам дека не постои претстава којашто е едноставно забавна, едноставно игра. Жално би било доколку е само така. Од таму оваа „Снежна кралица“ е наш заеднички коментар на стварноста што ја живееме“, ќе рече Крајчевска.

Инаку, во оваа приказна за силата на пријателство, љубовта и растењето, Ана Левајковиќ - Бошков ја толкува насловната улога и по прв пат во својата досегашна плодна театарска кариера игра лик на „негативец“, тука се и младата Сара Климоска која како гостинка била задолжена за ликот на Герда, Кај го донесува Бојан Кирковски, а во останатите улоги настапуваат Мики Анчевски, Симона Спировска ( која и овојпат се погрижила за сценските движења), Емра Куртишова и Мартин Јорданоски.

Сценографијата е на Кирил Василев, костимограф е Андреј Папаз Ѓоргиевски, а за музиката се погрижи Огнен Оги Анастасовски (некогашен член на една од најпрогресивните македонски групи BEI THE FISH). Илустратор на боенката и на постерот кој е специфично решен во дослух на претстојните новогодишни празници е Марко Георгиевски.

До крајот на календарската 2017 година во Театарот за деца и младинци е планирано да биде поставена и претставата „Сидарта“, работена по мотиви романот на Херман Хесе во режија на Јане Спасиќ, со што на најдиректен начин ќе биде акцентирана натамошната промоција на младинската сцена, а в.д директорката на оваа институција Катерина Илиевска Силјановска вели дека нејзина заложба во иднина ќе биде и „свртувањето кон куклените претстави“.

„За жал нашите деца се уште некако се немаат навикнато на куклените претстави коишто се репер за добра претстава на сите фестивали во Европа. Куклените претстави се оние коишто се оценуваат, оние кои добиваат награди ...а кај нас публиката бара помалку куклени претстави отколку т.н играни – живи претстави. Од таму мојата интенција за враќање кон онаа традиција која овој театар ја имал долго време и која му донела толку многу признанија во регионот и го направила овој ансамбл препознатлив во опкружувањето“, вели Илиевска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG