Достапни линкови

„Еднаш свет изградив“ или претстава за преиспитување на животните одлуки


Плакатот за претставата „Еднаш свет изградив“
Плакатот за претставата „Еднаш свет изградив“

Н.У. Театар за деца и младинци-Скопје, чествувајќи ги Светскиот ден на детскиот театар и Светскиот ден на куклениот театар, в среда на 21 март, во 20 часот премиерно ќе ја изведе младинската претстава „Еднаш свет изградив“ на режисерот Јане Спасиќ по мотиви од романот „Сидарта” на германскиот нобеловец Херман Хесе.

Јане Спасиќ, по нецела година од исклучително успешната „Експеримент“ со продукцијата АРТОПИЈА, на сцената на Театар за деца и младинци – Скопје, ја исправа „Еднаш свет изградив“. Станува збор за премиерна изведба на младинска претстава работена по мотиви од романот „Сидарта” на германскиот класик Херман Хесе и за проект што е резултат на заедничкиот, експериментален процес заедно со актерите од оваа наша национална институција - Драган Довлев, Ненад Митевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Бојан Кирковски и деветгодишниот Михаел Стојановски, кој со половина од своите сегашни „колеги“ веќе соработуваше во самосвојното читање на делото „The Lucifer Effect“ на социјалниот психолог Филип Зимбардо што го стори режисерот.

Но, да се вратиме на „Еднаш свет изградив“ која ја допира „една од петте книги на Хесе што можат да ви го сменат животот“. Ремек делото кое на едноставен начин покажува „како да бидете свои и да ги следите соништата и инстинктот“.

Од таму не чуди што во пресрет на премиерната изведба во каталогот ќе биде запишано дека „преку семејна приказна за татко и син кои се среќаваат после долги години, авторот на претставата Јане Спасиќ се обидува да согледа неколку поважни животни фази и да ги разгледа последиците на индивидуалните одлуки“. И згора, дека „преку нивниот однос и приказните на таткото се поставуваат повеќе прашања за значењето и последиците од изборите во животот“. Дали децата може да избегаат од изборите на своите родители и дали може да направат свои самостојни избори или тие секогаш ќе носат сенка од изборите на своите родители? Дали постојат универзални вредности или сите се индивидуални? Дали на животот може да му се даде подолготрајна смисла или секоја животна фаза има свое значење? Дали некое од овие прашања има дефинитивен одговор или засекогаш остануваат отворени?

„Преку тоа нивно препознавање и приказни од животот на таткото се поминува низ сличните фази од животот којшто ги поминува Сидарта во светот на своето патување во романот, со тоа што ние сакавме да ставиме една поблиска да речеме семејна приказна што ни беше важна. Приказна меѓу татко и син и нивното препознавање, нивните разбирања, наоѓањето на смислата за некои одлуки во животот што ги направил таткото. Дали синот треба да го направи истото? Дали неговиот избор е идентичен и идентични ќе бидат и неговите грешки“, вели авторот на текстот и режисерот Спасиќ.

Тој дополнува дека особено интересна во претставата е нарацијата „бидејќи е динамична и постојано се преплетуваат светот на фантазијата и реалноста“, а сето тоа е блиску до таа „младешка динамика за примање на наративите“. Дека е многу побрза со целата појава на социјалните мрежи и дека на младите ќе им биде приемчива и интересна, и тие лесно ќе можат да се најдат во своите односи кон родителите, како што пак тие ќе можат да разберат нешто во однос на одлуките и воспитувањето на своите деца“.

Драган Довлев, кој го толкува ликот на таткото, во контекст на ова забележува дека претставата што ја потпишуваат не само што ги отвора егзистенцијалните прашања што ги создржи „Сидарта“, туку и потсетува дека задача на театарот е да се занимава токму со овие значајни теми.

„Ние сме национален театар и како национален театар сме и јавна установа. Наша обврска е да го штитиме јавниот интерес. А, отворање на вакви прашања и вакви теми е штитење на интересот на нашата публика, тинејџерска и младинска, до којашто оваа претстава е адресирана.

Довлев со дополна дека по „Нашиот клас“ и „Заспаниот разум раѓа чудовишта“ направиле уште еден уметнички производ на кој се горди и затоа тој со покана до сите оние коишто „сакаат претстави за чие следење и разбирање треба да се вклучи и мозок, а не само сетилата за вид и слух“.

Во контекст на ова и неговата заложба за „младинска сцена“, Симона Спировска со констатација дека „ова за нив не е нов почеток, туку само стремеж за враќање на вистинската патека по која треба исправено и слободно да чекори Театар за деца и младинци“.

„Ова не е нов почеток на младинската сцена. Ова е само продолжување на она што веќе било поставено овде. Тоа значи дека ние како Театар се стремиме тие две претстави да се вратат на репертоар односно да не останеме само на една претстава на младинската сцена и се надеваме дека тоа ќе се случи во најблиска иднина, односно кога ќе се создадат услови за тоа. Дефинитивно ова е само продолжување, а не нов почеток“, смета актерката.

Ова подразбира дека во Театарот за деца и младинци воопшто не постои сомнеж околу континуитетот на младинската сцена, та дури се оди до таму со мислуте дека и со увентуалното враќање и орвеловата „Животинска фарма“, која од различни причини и не заживеа како што треба на сцена, та дури и со развивање на некои од постојните идеи, би се создале и услови средата, во 20 часот, генерално да и припадне на таа целна особено значајна група која безмалку се има изгубено на половина пат од детскиот до театар за возрасни што е, за жал, некаков негативен светски тренд.

И, уште нешто. Во тромесечниот процес на креација на „Еднаш свет изградив“ биле вклучени уште мнозина театарски дејци, од кои посебно треба да бидат издвоени сценографијата на Мери Батаноја, костимографијата на Бранкица Јордановска и оригиналната музика на композиторката Дарија Андовска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG