Динамичниот живот на работно активната популација сè помалку ѝ остава време да се грижи за своите родители или пак баба и дедо кои навлегле во третото доба. Затоа во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово речиси секојдневно се бара место повеќе и тоа не само од оваа туку и од останатите општини во државава, вели директорот Дејан Стојановски. Во овој дом со капацитет од 175 легла главно сите се пополнети, како поради добрите услови, така и поради месечниот износ од 11 илјади и 800 денари за услугите. Бројката е менлива со оглед на возраста или нарушената здравствена состојба на корисниците. Заминувања од домот поради незадоволство од условите се незначителни.
„Постои стигма кај нашето население за сместување на старите лица во домовите, меѓутоа капацитетите не само во нашиот, туку и во другите домови се полни. Меѓутоа секојдневните обврски, потребите, начинот на животот, наметнува едно темпо од кое и семејството и старото лице сфаќа дека институционалното згрижување е најдоброто решение. Условите се поразлични од домашните, но тоа станува втор дом во кој условите не се одлични, но се пристојни, каде што тие пронаоѓаат нови предизвици, нова мотивација заедно со стручните лица“, вели Стојановски.
Тој додава дека Домот за стари лица „Зафир Сајто“ има долга и успешна историја. Изграден во 60-те години од минатиот век, активно започнал да се користи две децении подоцна. Во меѓувреме неговата инфраструктура се подобрува, се модернизира и осовременува. Раководните тимови согласно можностите од самофинанасирање и поддршка од Министерството за труд и социјала настојувале условите да ги издигнуваат на повисоко ниво.
„А што тоа подрзабира? Тоа е една годишна и месечна програма која се изработува од стручните лица и техничкиот персонал во домотза исполнет ден, месец и година на самите корисници“, вели Стојановски.
Во Домот „Зафир Сајто“ редовно доаѓа матичен лекар, има пет медицински сестри, негувателки, хигиеничарки, социјални работници и администрација, а сите заедно се грижат установата да функционира беспрекорно.
Културните и социјалните активности, според Стојановски, се одвиваат според досегашната програма изработена од претходниот директор, а за наредната година ќе има нова која можеби ќе биде надополнета со нови идеи.
„Социјалните активности вообичаено се реализираат во текот на пролет, лето или есен. Се оди на периферија од градот, во блискиот парк, во ресторани. Персоналот настојува времето на корисниците содржајно да им биде исполнето“, вели тој.
Стојановски напоменува дека новиот начин на живот допрва ќе наметнува потреба за зголемување на бројот за сместување стари лица по домовите.
„Мислам дека државата и ресорното Министерство ќе треба повеќе да размислуваат за зголемување на капацитетите за сместување на старите лица. Моите информации се дека се отвораат приватни домови, некои добиваат дел субвенции од министерството. Но тоа не е доволно затоа што висината на ставката во приватните домови ги прави недостапни за голем дел стари лица. Ако во нашиот дом ставката е 11 илјади и 800 денари со кои се покриени сите трошоци за сместување и храна, во приватните домови таа е двојно повисока“, вели Стојановски.
За подобрување на условите во кумановскиот дом во тек е реновирање на кујната која ќе биде една од подобро опремените во државава.