Достапни линкови

Прилепскиот старечки дом во долгови


Поради недомаќинско работење на претходниот директор старечкиот дом има долг од 15 милиони денари, штитениците не добивале доволно храна, немало греење, а дел од вработените биле без плати.

По еден месец неизвесност и страв на вработените за својата работна судбина, прилепскиот дом за стари лица „Киро Крстески-Платник“, конечно има директор. Поранешната советничка Ирена Стерјовска Локвенец, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, економист по професија, ќе ги „вади жешките костени“ во оваа јавна установа, чии дубиози, како што вели, достигнаа до 15 милиони денари.

Сигурно дека не може преку ноќ се да дојде на свое место, но сепак со домаќинско работење и посветеност на сите 40-ина вработени, верувам дека ќе ги решиме проблемите.
Ирена Стерјовска Локвенец, директорка на прилепскиот дом за стари лица „Киро Крстески-Платник“.

Стерјовска Локвенец акцентира дека финансиската состојба во установата е многу тешка, но сепак оптимистички најавува решавање на проблемите.

„Сигурно дека не може преку ноќ се да дојде на свое место, но сепак со домаќинско работење и посветеност на сите 40-ина вработени, верувам дека ќе ги решиме проблемите“, изјави директорката Стерјовска Локвенец.

Вработените се надеваат дека конечно ќе се стопира спиралата на создавање дубиози. Велат дека досегашниот директор Дарко Рибароски, многу малку време поминувал на работно место, го обвинуваат за лошо менаџирање и ангажирање на нови кадри, за кои што немал обезбедено средства за плати. Дел од нив веруваат дека ќе се воведе ред во установата, ќе се исполнуваат основните хигиенски норми, ќе се обезбеди непречено греење и квалитетна храна на штитениците, а не како досега, еден оброк да се дели три пати во денот.

Ексидиректорот, Рибароски не одговори на телефонските повици, ниту пораки во кои инсистиравме на одговор, на што се должат овие дубиози, кога ова јавна установа е финансирана од буџетот на Министерството за труд и социјална политика и општината.

На ова посочија и прилепските социјалдемократи.

„Поранешниот директор Рибароски, потрошил 1.241.000 денари кои со предпоследниот ребаланс на буџетот, Советот на Општина Прилеп ги додели на овој Дом, а ништо суштински не е инвестирано во домот. ВМРО-ДПМНЕ е директен и единствен виновник за оваа состојба. Оваа партија мисли само на своите бизнис и партиски интереси и воопшто не води грижа за граѓаните, пензионерите и старите лица“, обвини Елена Ташковска, од СДСМ-Прилеп.

А, општинскиот комитет на владеачката ВМРО-ДПМНЕ без конкретни информации за состојбите во домот за стари лица, враќа со контраобвинувања. Како што стои во партиското соопштение, СДСМ не е релевантен фактор кој може да критикува долгови, од едноставна причина, што тврдат, политичките опоненти од ВМРО- ДПМНЕ, социјалдемократите ја оставиле Општина Прилеп со долг од 7 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG