Алијансата за Албанците ќе го поддржи референдумот иако не се согласува со точките за идентитетот и јазикот, изјави првиот човек на Алијансата Зијадин Села, а Ацо Спасов постирал: „Нема да ви успее и покрај сите Албанци и сите други кои не ја сакаат оваа држава, зашто ние Македонците нема да излеземе на референдумот за да се самоуништиме, а и да не ги исполниме вашите зли намери спрема оваа држава“. Ферик Белули, кратко и јасно коментирал: „Сите по Заев и тишина!!! Џабе зборувате...“
Изјавата на вицепремиерот Кочо Анѓушев во интервјуто за РСЕ дека е подобро забавување на капиталните инвестиции, отколку непотребни трошења, како за „Скопје 2014“ или за технички недоработените проекти за патиштата, предизвикала многу негативни коментари на нашата ФБ страница. Николоска Блага напишала: „Не лажете, колку вие инвестиравте на вашите блиски“, а Аце Василевски со следниов пост: „По неуспешни 8 месеци и извесноста дека капиталните инвестиции нема да надминат 25% реализација, излегува тендер мен и кажува дека е подобро да се забават капиталните инвестиции“. Марјан Лазаровски му порачува да си оди со цела Влада, а Димче Димитровски вели: „Ни со ВМРО не биваше, а уште помалку со овие. Тешко на народот ако го има уште“.
Од СДСМ оценуваат дека лидерот на опозициската партија е лицемерен откако објави дека ВМРО-ДПМНЕ се откажува од владините пари за кампањата за референдумот. Повторно наплив коментари. Александар Ѓоргиевски малку контрадикторно коментира: „кој смее да не бојкотира ќе му заврши политичката кариера, уште не почнато 99 % од членството веќе има донесено одлука, тоа е бојкот, драга комуњарска багро“.
Едновремено, Христијан Мицкоски на својот ФБ профил напиша парите да се инвестираат во образованието, дека партијата со сопствени средства ќе учествува во кампањата и ќе биде против Договорот со Грција. Душан Јевремовски смета дека „Се откажува од парите и несебично му помага на Заев и СДС референдумот да успее – предавници на македонскиот народ“, и завршува со хаштагот „Бојкотирам“. Боне Димов потсетува: „Ауу, демек... па имаат милиони од порано, многу им е гајле сега... за сè...“ И Ѓорѓи Ристески е на истата линија: „За 12 години на власт парите што ги расфрлавте доаѓаа од кредити и донации од ЕУ и УСАИД. Сега демек овие пари домаќински ќе ги потрошите да си го измиете образот, ако може?“ Идриз Исмаили постирал: „Ваши пари 11 години што ги крадевте“. А Филип Ивановски уште покатегоричен: „Белата палата кога ќе ја стават на Пазар 3? Колку училишта може со тие пари да се направат?“