Најголемиот дел од објектите каде што се гласа во земјава се непристапни за лица со попреченост, па добар дел од нив се откажуваат од гласање. Само во Полошкиот и Североисточниот регион повеќе од половина од гласачките места се со скалила и други бариери, а состојбата не е подобра ни во другите региони во Македонија, покажа истражувањето на Здружението на граѓани „Инклузива“. Резултатите од двегодошното истражување спроведено за време на предвремените парламентарни и локалните избори беа презентирани деновиве во Битола.
„Според нашите проценки во тие два региона 64 проценти од гласачките места се воопшто непристапни за лицата со некаква попреченост. Освен физичката непристапност, начинот на комуникација со лицата со попреченост го отежнува остварувањето на правото на глас. Се создаваат проблеми на гласачките места при остварувањето на првите контакти со Општинските изборни одбори бидејќи луѓето не поседуваат вештини за правилна комуникација со оваа категорија на граѓани, па луѓето се откажуваат од гласање на гласачките места“, вели Благица Димитровска, претседател на здружението „Инклузива" и менаџер на проектот „Зголемување на учеството на лицата со попреченост во изборниот процес“.
Таа додаде дека проблем е и пристапот до информации.
„И едукативните материјали од ДИК и пренесувањето од медиумите не е соодветно за да биде разбирливо за оваа категорија на граѓани. Никаде нема толкување со знаковен јазик. Единствено само видеата на ДИК беа со таков толкувач, но тие беа поттикнувачки, а не информативни“, додава Димитровска.
Зоран Насев, претседател на Општинската изборна комисија во Битола признава дека дел од гласачките места се непристапни за лицата со посебни потреби, но се надева дека во иднина ќе се надминат ваквите состојби.
„Свесни сме недостатоците на избирачките места и непристапноста на лицата со посебни потреби. Проблемите ги решаваме во зависност од условите на избирачкото место. Најчесто лицата со посебни потреби кои сакаат да гласаат свесни се за непристапноста, па доаѓаат со лице кое ќе им помогне. Доколку немаат лица за припомош, се користи некое лице кое дошло да гласа да им помогне“, вели Насев.
И Државната изборна комисија ги скенирала сите гласачки места и побарала од надлежните институции по општините објектите да се приспособат за лица со попреченост.
„Државната изборна комисија за време на локалните избори ги скенираше сите 3480 избирачки места и заклучивме дека поголем дел од нив се непристапни за лицата со попреченост. Тоа истражување го доставивме до надлежните институции кои треба тие објекти да ги оспособат за лицата со посебни потреби да можат да излезат да гласаат“, вели Неда Газова, советник во ДИК.
Не само избирачките места, туку и штабовите на политичките партии во најголем дел се непристапни бидејќи на влезовите, а и во внатрешноста имаат многу скали, а нема пристапни рампи.
„И просториите на политичките партии се непристапни за учество на овие лица во политичкиот живот. Ако влезат еден ден во Собрание и во Советите многу поубави закони и стратегии ќе имаме на ниво на држава" рече Димитровска, додавајќи дека ова го зборува во името на нејзиниот син и на илјадници други лица со попреченост“, додава Димитровска.