Достапни линкови

На лицата со попречености секојдневно им треба подадена рака


Дневниот центар за полнолетни лица со интелектуална попреченост „Порака Наша“ во Куманово.
Дневниот центар за полнолетни лица со интелектуална попреченост „Порака Наша“ во Куманово.

Дневниот центар за полнолетни лица со интелектуална попреченост „Порака Наша“ во Куманово повеќе од една деценија ги урива бариерите меѓу лицата без и лицата со попреченост .

Вработените стручњаци во Дневниот центар за полнолетни лица со интелектуална попреченост „Порака Наша“ во Куманово веќе 11 години работат со лица со попречености, кај кои повеќе или помалку се воочливи позитивни промени, но сменет е и односот на останатите граѓани кон овие лица. Стручњаците велат дека тоа не е доволно.

„Бариерата меѓу лицата без и лицата со попреченост треба да се надмине, да бидеме свесни дека сите ние можеме да бидеме во таква групација, зависно од тоа што животот го носи и дека треба да се има чувство, разбирање, максимална поддршка и другарување со овие лица, бидејќи тоа многу им значи, зашто доколку не им се даде можност не можеме да знаеме на што се тие можат да бидат способни и на што се можат да одговорат “, вели дефектологот Силвана Боризовски.

Корисниците во „Порака Наша“ изминатиот период совладале повеќе вештини, одржани се многу работилници, со нив работеле и работат голем број волонтери, со нив соработуваат и основци и средношколци.

„Би го споменала проектот „Едно сонце за сите“ проект со ОУ „Кочо Рацин“ каде што имавме секакви работилници, за сликање, за стихотворби, за пеење, каде што имавме и своја стихотворба, заедно бевме во Скопје. До крајот на овој месец ќе го завршиме овој проект во кој беше вклучен и Националниот ромски центар“, вели психологот Мартина Костовска, нагласувајќи дека и за идната година „Порака Наша“ има свои планови и програми.

Дејан Стојановски, воспитувач појаснува дека корисниците од „Порака Наша“ имаат и спортски активности, прошетки, посети на спортски натпревари, а во овој период вежбаат и јога.

„Во зима спортските активности ги реализираме со другиот дневен центар преку еден проект на Општина Куманово и УНДП. Одиме во спортска сала и таму заедно спортуваме. Ете и тоа се активности кои на корисниците им даваат едно освежување“, вели Стојановски.

За разлика од минатата година кога корисниците од „Порака Наша“ глумеа заедно со средношколци, годинава е изработен календар кој е поделен на граѓаните на Општината Куманово, со цел да им се укаже дека во текот на целата година треба да се сетат на овие лица, а не само еден ден, кога официјално се одбележува 3-ти декември како Меѓународен ден на лицата со попречености.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG