Достапни линкови

Продажба на магазинот „Лице в лице“ и торби од „Порака Наша“


Лицата со интелектуална попреченоство Дневниот центар „Порака Наша“ во Куманово ќе продаваат рачно изработени торби, а ќе се вклучат и во улична продажба на магазинот „Лице в лице“.

Лицата со интелектуална попреченост над 18-годишна возраст во Дневниот центар „Порака Наша“ во Куманово ќе продаваат рачно изработени торби, а ќе се вклучат и во улична продажба на двомесечно списание „Лице в лице“ во издание на невладината асоцијација „Паблик“ од Скопје.

Практично е алатка која треба да им помогне на маргинализираните лица за да се вклучат поактивно во општествените и останатите животни текови. Тоа е конструктивно вклучување, бидејќи претставува работен ангажман.
Анита Ристеска, уредник на списанието „Лице в лице“.

„Торбите се резултат на работилниците што се одвиваа во текот на летото. Корисниците во центарот заедно со волонтерот Демир изработија три серии торби. Првите серии торби беа покреативни, но потоа одлучивме да изработуваме торби кои би ги нарачувале компании или фирми со нивни логоа“, вели психологот Мартина Костовска и додава дека досега нема нарачки, но се надева дека кога торбите ќе бидат соодветно промовирани, ќе се пројави заинтересираност за нив.

Регионалното списание „Лице в лице“ излегува трета година, веќе е распространето во соседните земји, а во државава со улично продавање е започнато во Скопје, за потоа да се појави и на улиците во другите градови.

„Практично е алатка која треба да им помогне на маргинализираните лица за да се вклучат поактивно во општествените и останатите животни текови. Тоа е конструктивно вклучување, бидејќи претставува работен ангажман, зашто продавачите на магазинот се на еден начин носители на општествените промени и тоа во двојна улога. На еден начин си го менуваат своето секојдневие во очекување на некои системски промени, меѓутоа во исто време тие воспоставуваат релација и со публиката и со магазинот испраќаат порака за важни општествени прашања. Односно подигнување на свеста за важни општествени прашања“, појаснува Анита Ристеска, уредник на списанието.

Според неа, првото појавување на продажба на уличниот магазин било тешко, но со текот на времето луѓето се поотворени и трпеливи да слушнат за што се работи.

„Уличните продавачи се чувствуваат прифатени и разбрани, пред сè. Кога ќе застанете и ќе поразговарате со нив, ќе им дадете можност да ви кажат што работат, да се почувствуваат корисни дека имаат ангажман и во исто време заработуваат на тој начин. Кај нив се развива и тој претприемнички дух, дека треба да заработиш за да можеш да си помогнеш, наместо да чекаш некоја пасивна мерка којашто треба да ти го подобри животот. Се појавуваат и пријателства помеѓу продавачите, па дури и оној натпреварувачки дух, да се биде подобар од колегата во продажбата, во заработувачката. Ова е еден глас на луѓето кои се на маргините на општеството да го покажат својот потенцијал“, вели таа.

Со промоции на резултатите од работилниците во Дневниот центар „Порака Наша“ лицата со интелектуална попреченост сè почесто се присутни во јавноста, што позитивно се рефлектира и врз нивното однесување. Освен што се насмеани и задоволни, тие во рамките на нивните можности стекнуваат и самодоверба.

„И во иднина треба да се прават вакви проекти и сè почесто да сме погласни, за овие лица да имаат некаков бенефит и работно да се ангажираат“, вели Емилија Цветковска, секретар во „Порака Наша“.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG