Достапни линкови

Не одат на училиште оти нема услови за деца со попречености


Илустрација
Илустрација

Училиштата во руралните средини немаат соодветни влезови за лица со попреченост, па ученици се отпишуваат од школо, оти не можат да посетуваат настава. Тоа што нема пристапни рампи е проблем и за болници и социјални установи.

Девојче од село во тетовскaта општина Боговиње со церебрална парализа, иако одело на редовна настава во училиште, го прекинала образованието немајќи соодветен третман од наставниот кадар и поради непостоењето влез за инвалидска количка.

Овој случај ја отсликува состојбата со која и понатаму се соочуваат децата со физичка попреченост и нивните семејства, пред сè во руралните средините. Ограниченото движење поради неизградени пристапни рампи, освен во училишта е проблем и кај здравствените установи и слични институции каде треба да добијат некоја социјална услуга.

Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сина птица“, анализирајќи ги состојбите на локално ниво, непристапноста ја потенцира како најболна точка и системски пропуст на локалните самоуправи.

„Во училиштата во Боговиње нема основни услови дете со попреченост да посетува редовна настава. Прво се непристапни, а второ наставните кадри односно наставниците во училиштата не се соодветно обучени како да им пристапат на овие деца. Имавме пример на еден родител на девојче од Боговиње, со церебрална парализа. Девојчето е со физички хендикеп, со физичка попреченост. Тоа девојче ја почнала својата едукација во едно од училиштата, но поради необученост на персоналот родителите биле принудени да ја отпишат од училиштето и покрај тоа што таа нема никаква интелектуална попреченост“, изјави Мимоза Петревска - Георгиева од здружението „Сина птица“.

Истражувањето покажало дека на локално ниво нема општински иницијативи, програми или политики за вклученост на децата со попреченост.

„Сугерираме општината да води евиденција за лицата со попреченост за да можат да се користат релевaнтани податоци во процесот на креирање на тие локални политики. Понатаму да ги вклучи услугите на лица со попреченост во листата на приоритети на општината“, вели претседателката на „Сина птица“.

Здружението препорачува подобрување на услугите во здравството и социјалата.

Во Боговиње повеќе од потребно е да се отвори дневен центар за престој, кој ќе има програма која што ќе овозможи некаква социјализација, едукација, рехабилитација на тие лица, а не да биде само згрижувачки центар. Подобра достапност на здравствените услуги во општините, па и воведување на мобилни здравствени тимови. Отворање на центри за рана детекција и развој, центри за рехабилитација, центри за слух, говор и глас кои недостигаат во оваа општина и за овие услуги родителите најчесто одат во Тетово. Подобрување на физичката пристапност на здравствените установи, вклучително и ординациите на локалните матични лекари. На пример обезбедување на паркинг места за лица со попреченост коишто сега не постојат.

Родителите на децата иницираат формални здруженија и групи со цел да бидат поефикасни во напорите и активностите да се подобрат можностите за поголема општествена вклученост.

XS
SM
MD
LG