Достапни линкови

Спортот е важен за лицата со попречености


Александар Спирковски, професор по физичко образование, кој работи со деца и со возрасни лица со попречености во развојот.
Александар Спирковски, професор по физичко образование, кој работи со деца и со возрасни лица со попречености во развојот.

Професорот по физичко образование Александар Спирковски од Куманоново, четири години работи со деца и со возрасни лица со попречености во развојот. Тој вели дека не е лесно лица кои главно се пасивни да почнат да се раздвижуваат, а спортот е и еден од факторите за социјализација.

„На Меѓународната конференција „Подобрување на услугите на лицата со попреченост, лично бев повикан на нејзино одржување на 12-ти и 13-ти јуни (годинава), каде покрај најдобра замисла и имплементација на проект, бев претставен како еден од поуспешните практиканти во општинско корисна работа. Таму имав мое излагање и презентација на сработеното во проектите изработени последниве неколку години во рамките на општинско корисна работа во Куманово“, раскажува младиот кумановец Александар Спирковски (27), професор по физичко образование.

Тој веќе четири години работи со деца и со возрасни лица со попречености во развојот. Тој се вклучил во работа на програмата за адаптабилно физичко образование во рамките на локалната самоуправа, при што на лицата со попречености им било овозможено континуирано да спортуваат.

„Имав искреирано две програми кои практично ги имплементирав. Едната беше за деца со посебни потреби од предучилишна возраст, а другата за возрасни лица со посебни потреби. Според одредена дијагноза на часовите се изведувани конкретни вежби“, вели Спирковски.

Тој додава дека се соочил со деца и лица кои за првпат се среќаваат со физичко образование, со вежби.

„Морам да напоменам дека самата адаптација во салата, првиот контакт во сала беше малку застрашувачки за нив, бидејќи објектот беше затворен и децата потешко се адаптираа. Но во период од два- три месеци часот изгледаше најнормално. Децата се адаптираа, убаво можевме да направиме крукче, да ги изведеме вежбите и практично се изведуваше наставата по адатибилно физичко образование“, вели тој.

За работа со лица со попречености не е доволно само стручно знаење за изведување на вежбите, за тоа пред сè е потребно големо разбирање, трпеливост, нежност и многу љубов за работа. Спирковски вели дека не е лесно лица кои главно се пасивни да почнат да се раздвижуваат и тоа со точно определени вежби, а спортот е еден од факторите за социјализација и многу е важен за сите, па и за овие лица.

„Добро е што во нашата држава постојат организации како што се УНДП, УСАИД, УНИЦЕФ, кои многу вложуваат во развојот на социјалната инклузија и го вреднуваат сработеното. На практикантите им даваат значење што за мене е голема мотивација да продолжам подлабоко во мојата област да се насочувам“, вели Спирковски.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG