Достапни линкови

Загрижува растечката поделеност меѓу албанските и македонските деца


Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Мужниекс, во посета на Македонија.
Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Мужниекс, во посета на Македонија.

Македонските власти треба да спроведат политики што поттикнуваат интеграција и разбирање меѓу етничките заедници и промовираат социјална кохезија, истовремено штитејќи ја разновидноста, порача Комесарот за човекови права во Советот на Европа, Нилс Муижниекс.

Расте поделеноста меѓу етничките македонски и албански деца, а сепарацијата раѓа недоверба , стереотипи и предрасуди, оценува комесарот за човекови права при Советот на Европа, Нилс Муижниекс по неколкудневната посета во Скопје. По бројните средби со претставниците на невладините организации, министри и пратеници тој заклучува дека Охридскиот рамковен договор го запрел конфликтот во 2001 година, но не придонел за социјална кохезија во општетството.

„Охридскиот рамковен договор го запре конфликот, но не создаде кохезивно општество. Проeктите не можат да бидат замена за политиките, вам ви треба политика и долгорочна визија за тоа каде сакате да биде вашата земја за 10, 15 години. Севкупната атмосфера во сферата на човековите права е позитивна. Владата испраќа пораки за инклузивност, така што мислам дека сега е време да се отвори таа дебата за тоа каде ја гледате вашата земја на долг рок,“ изјави Муижниекс.

Политиката ја посочи како директен виновник за продлабочувањето на поделеноста меѓу етничките заедници, особено меѓу децата, за кои вели дека имаат многу малку можности за интеракција и учење на јазикот на другата етничка заедница. Високиот комесар за човекови права, немаше конкретен став за тоа дали спорниот закон за употреба на јазиците ќе придонесе за продлабочување на таа поделеност или обратно, но рече дека е чудно што уставноста на законот Венецијанската комисија ќе ја утврдува по донесувањето на законот, а не претходно, како што е вообичаената пракса.

„Слушнав спротиставени толкувања на ова. Според некои ова ќе ослободи нови креативни енергии и ќе им овозможи на луѓето конечно да се чувствуваат дека припаѓаат тука. Спротивното гледање е дека ќе ги закопа јазичните и етничките ровови уште подлабоко. Искрено се сомневам дека мислењето на Венецијанската Комисија ќе ви помогне да утврдите дали овој закон го прави едното или другото. Затоа препорачувам да се консултирате со други меѓународни тела како што се Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, Рамковната конвенција за национални малцинства на Советот на Европа зошто тие имаат повеќе искуства со интеретничките односи, јазичните политики итн и тие можат да ви бидат многу покорисни“, изјави Муижниекс.

Поднесувањето над 35 000 амандмани од опозицијата за овој закон го оцени како креативен начин за блокирање на нешто што не ви се допаѓа.

Муижниекс порача дека комисиите за односи меѓу заедниците на локално ниво мора да функционираат и ги охрабри политичките лидери да се обидат да ги ангажираат невладините организации да работат на зајакнување на соработката меѓу етничките заедници, освен на цетрално, и на локално ниво. Покрај другото тој апелираше до властите да преземат конкретни чекори во спектарот на области поврзани со човековите права, а во кои напредокот е бавен. Тој исто така препорача интензивирање на напорите за заштита од полициско насилство или злоупотреба на овластувањата што ги засега лицата лишени од слобода, оние кои протестираат, или мигрантите, особено преку основање на Независен механизам за надзор над полицијата.

Муижниекс ги поздрави измените на Законот против дискриминација со кој се проширува листата на основи за дискриминација, а властите ги охрабри да го заокружат процесот на деинституционализација на лицата со попреченост, што е во тек во земјата веќе неколку години.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG